FORTNUM & MASON-ОМИЛЕНОТО МЕСТО ЗА ПАЗАРЕЊЕ НА БРИТАНСКАТА АРИСТОКРАТИЈА

14/05/2021

ТАКА Е ВЕЌЕ 314 ГОДИНИ, ОД 1707 ГОД., КОГА WILLIAM FORTNUM И HUGH MASON ГИ ПОСТАВИЈА ТЕМЕЛИТЕ НА СТОКОВНАТА КУЌА ВО ЦЕНТАРОТ НА ЛОНДОН (118 PICCADILLY). МНОГУ БРЗО ГО ПРИВЛЕЧЕ ВНИМАНИЕТО НА БОГАТАШИТЕ СО ВРВНИТЕ ПРОИЗВОДИ И, ОСВЕН СИМБОЛ НА МЕТРОПОЛАТА, FORTNUM & MASON (КОЛОКВИЈАЛНО СЕ УПОТРЕБУВА И САМО FORTNUM’S) СТАНА И СИНОНИМ НА ЛУКСУЗОТ. ДЕНЕС Е ВО ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ НА WITTINGTON INVESTMENTS, КАДЕ ШТО ПАЗАРАТ СИТЕ КОИ ЖИВЕАТ НА ВИСОКА НОГА, ВО СЈАЈ И РАСКОШ.

Во срцето на Mayfair, во престолнината на Велика Британија, повеќе од три столетија го отелотворува совршеното поклопување на врвната гастрономија и кралскиот сјај и луксуз. Fortnum & Mason од мала продавница што ја отвориле двајца пријатели во почетокот на осумнаесеттиот век, благодарејќи на поволните трговски услови, многу брзо прераснала во „емпориум“ за намирници какви што дотогај не можеле да се најдат на друго место, како на пример чаеви, трајни јадења и слично. И денес оваа „институција“, сместена во голема зграда што импонира (на 118 Piccadilly), е специјализирана за производи со висок, голем квалитет, но и препознатлива меѓу најбогатите во градот по врвните намирници, која во исто време ја сметаат и за незаобиколна потреба, па и атракција.

Имено, Hugh Mason во почетокот на осумнаесеттиот век имал мала продавница во St. James’s Market и вишок соба во неговата куќа, која му ја издал под наем на William Fortnum, кој, пак, му припаѓал на семејството градители од Оксфорд што се доселило во Лондон веднаш по големиот пожар. Откако се вработил во домаќинството на кралицата Anne како слуга, William многу брзо ја согледал можноста да заработи дополнително во „фактот“ што кралското семејство буквално секоја вечер користело нови свеќи. Продажбата на недогорен восок акумулирала доволно капитал за тој и Hugh да отворат продавница со назив Fortnum & Mason на 118 Piccadilly, во средиштето на „вибрационата“ метропола, која поради експлозијата на меѓународната трговија станала буквално центар на светот. Тоа влијаело и врз продавницата, која многу брзо профитирала. Во 1761 г. внукот на William заминал на служба во домот на кралицата Charlotte и веднаш го искористил контактот, поради што работењето на продавницата значително се подобрило бидејќи таа се зафатила со снабдување на богатите семејства, кои живееле во квартот каде што се наоѓала, со висококвалитетни прехранбени производи, а до основањето на државната пошта (General Post Office) нудела и поштенски услуги. Дури и наполеонските битки влијаеле позитивно врз работењето на продавницата затоа што нивните офицери нарачувале пакети со трајни јадења од Fortnum’s, чии мед, суво овошје и џемови биле идеални за војниците, кои ги промовирал дири и The Times.

Во рамките на големата светска изложба во Лондон (1851 година), под покровителство на принцот Алберт, која претставувала своевиден омаж кон индустриската револуција, Fortnum & Mason ја добил првата награда како увозник на суво овошје и слатки. Имајќи го предвид фактот што монтажните градби во викторијанското време означувале некаков си тренд, кога впрочем била подигната и Кристалната палата каде што се правеле банкети, Fortnum’s, исто така, се приспособила на модерниот тек, станувајќи водечка во приготвувањето готови (луксузни) јадења, чии дивеч во аспик (пивтија), украсен со ракчиња и јастози, глава од вепар, тартуф, манго…, редовно се послужувале на свечените ручеци или вечери во чест на некого или при некоја прослава. Тогаш Fortnum & Mason станала позната и по своите однапред подготвени кошници за пикник, полни со делициозна храна како сирење „стилтон“, јајца од препелица и чаден лосос, кои членовите на високото општество ги носеле на коњските трки во Ascot и на регатата Henley. Славните кошници на Fortnum’s ги овековечил и Чарлс Дикенс во едно од своите дела, а за нивната популарност говори и фактот што денот кога се одржувало дербито цел Пикадили бил полн со кочии, чии сопственици чекале ред за своите кошници. И кралицата Викторија во Fortnum’s ги набавувала залихите од храна за ранетите борци во текот на кримската војна. Трендот во продажбата на готова храна продолжил и кога Fortnum & Mason на полиците за првпат го изложила конзервираниот печен грав Heinz.

Оваа продавница за деликатеси во 1925 год. ја проширила дејноста со женска мода и детска облека, кујнска опрема и парфеми. Само една година потоа попладневниот чај во Fortnum’s станал неизбежен ритуал, а со текот на времето и традиција. Во 1964 г. новиот сопственик на фасадата од зградата во чест на нејзините сопственици поставил голем часовник од кој секои шеесет минути излегуваат нивните реплики, поклонувајќи се еден на друг, со звукот од ѕвоното. И денес оваа „институција“ ги снабдува купувачите со луксузни намирници и други производи од секаков вид, а славните кошници и натаму се верни придружници на високите гости, пријатели на монденските случувања во Обединетото Кралство, вклучително и патниците во првата класа. Во меѓувреме се отвори и машкиот оддел, на третиот кат. Тривековната поврзаност меѓу Fortnum & Mason и дворот ја „круниса“ посетата на кралицата Елизабета II, во придружба на војвотките од Корнвел и Кембриџ, на 1 март 2012 г., кога се одбележа дијамантскиот јубилеј од нејзиното владеење (шеесет години), за да го отвори Diamond Jubilee Tea Salon, на местото на легендарниот St. James Restaurant. Тогаш дамите од кралското семејство за подарок добија кошници полни со делициозни намирници. И ден-денес, без оглед на вирусната пандемија, пролетта се дочека со нив, апелирајќи голем дел од времето да се минува надвор, на отворено, каде што нема многу луѓе. Fortnum’s големо внимание посветува и на маркетингот, чии потези се доста интересни, вклучувајќи го и украсувањето, како на пример за Велигден.

Посебно место зеде и велигденскиот чај, произведен специјално за оваа пригода, во препознатливата лимена кутија. Се разбира, чоколадните јајца и зајковци беа дел од декорацијата и понудата за продажба, како неизоставни нешта во празничните денови. Така е и во нејзините „придружници“ на The Royal Exchange, на железничката станица St Pancras International и на аеродромот Heathrow во Лондон, како и во шопинг-центарот K11 Musea во Хонгконг. Каде и да е, Fortnum & Mason го отелотворува најдоброто од британската традиција, неприкосновениот луксуз преку делициозните прехранбени и други производи, кои и натаму ги развеселуваат нивните купувачи. Без оглед на нејзиното „нуркање“ во славното минато, оваа престижна лондонска стоковна куќа оди во чекор со времето и продолжува да воодушевува со големиот асортиман на производи и нивниот квалитет

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ