Формула 1 – БАКУ ЗА БОТАС, БАРСЕЛОНА ЗА ХАМИЛТОН

22/05/2019

ПО 70 ГОДИНИ КОНТИНУИТЕТ, СЕ ОДРЖА ИЛЈАДИТАТА ТРКА КОЈА СЕ БОДУВА ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1, А НА НЕА ТРИУМФИРАШЕ МЕРЦЕДЕС СО „ЕДЕН – ДВА“ ПОБЕДА.

 

Tри пати во три трки тимот на Мерцедес славеше на стартот од јубилејната 70. сезона во Формула 1, во трите наврати освојувајќи ги првите две позиции. Ботас и Хамилтон го најавија ваквиот расплет во Мелбурн, но на општо изненадување Бахреин беше сосема спротивна трка во која што Ферари покажа огромен потенцијал со пол позицијата на Шарл Леклер кој ја водеше трката сè до последните десетина круга, кога поради дефект дозволи да биде престигнат од Хамилтон и Ботас.

За време на тркачкиот викенд во Шангај, двете екипи покажаа голема изедначеност на тренинзите, но кога започнаа квалификациите Мерцедес почна да ја гради предноста, при што возачите на Ферари и натаму беа единствените кои делумно им парираа, но сепак заостанаа по три десетинки на крајот од денот. Таквиот распоред на силите беше повторен и во тркачки режим, кога болидите имаа полн резервоар со гориво. Ботас стартуваше од пол позицијата, но Хамилтон го презема водството од стартот и не го испушти до крајот на трката, додека Финецот беше зад него.

За возачот на Мерцедес ова беше 75. триумф во кариерата, а воедно стана вториот возач во историјата кој прокнижил 4.000 кругови во водство во текот на кариерата. Воедно, тој и Ботас имаат најдолга низа од последователни пласмани во трка, по 15 за секој со што покажуваат извонредна издржливост на конструкцијата. Мерцедес со третата „еден-два“ победа го изедначи рекордот на Вилијамс од 1992 година.

– Мислам дека ние го даваме целиот потенцијал од болидот, но исто така, знаеме дека ќе имаме уште подобрувања во иднина. Можеби трката во Бахреин не е најдобар репер, но сепак бевме доволно брзи за да победиме. Што се однесува до Ферари, мислам дека не го вадат целиот потенцијал од болидот, барем така наликува, дека не се безгрешни како во минатото. Знаеме дека ни се зад петиците, а исто така и Ред Бул има напредок, но не успеваат да испорачаат максимум од сето тоа, како што успеваме ние. На тестирањата мислевме дека Ферари е побрз за неколку десетинки, но можеби едноставно немаа до- бар викенд досега. Мислам дека на правците правеа разлика од четири десетинки, до- дека на свиоците губеа повеќе, цело време беа горе-доле. Но има уште многу трки до крајот и не ја исклучувам можноста да бидат подобри од нас. Нивниот болид е пократок и можеби ќе биде подобар на некои патеки од нашиот. Затоа велам дека овие три победи се над нашите очекувања, или над нашиот вистински потенцијал, но сепак и ние се подобруваме постојано,- рече Хамилтон.

Единствените возбудувања следеа во борбата за третото место, каде што Ферстапен проба да ги предизвика двата болиди на Ферари пред него, но на крајот дефанзивната тактика на Италијаните вроди плод и Фетел го освои третото место. За таа цел, тимот го жртвуваше пласманот на Леклер, наредувајќи му да го пропушти Германецот и ставајќи ги сите шанси на тимот на таа карта, бидејќи потоа беше сменета и стратегијата за вториот пилот.

– Треба да ја разберам целосната слика, да разговарам со инженерите и да ја сфатам одлуката. Сигурен сум дека има објаснување кое сега не го знам, – изјави Леклер веднаш по завршувањето на трката.

– Разбирам како се чувствува Шарл, штета за него, но во оваа фаза од трката болидите на Мерцедес беа побрзи, а ние едноставно сакавме да му дадеме шанса на Фетел да се обиде да им парира. Не се работи за давање предност на еден на сметка на друг возач, ние како тим носиме одлуки кои сметаме дека се најдобри во тие моменти за колективот. Логично е што Леклер е разочаран, но можеби некогаш тој ќе добие ваква предност, – изјави Матиа Биното, новиот тимски шеф на „ергелата“ од Маранело.

Пјер Гасли како шестопласиран го освои бодот за најбрз круг во трката влегувајќи во финишот за да добие нови пневматици и успеа во намерата. Рикардо, Перез и Раиконен се пласираа од 7 до 9 место, додека Александар Албон со Торо Росо го освои првиот бод во кариерата како десетти.

Во генералниот пласман прв е Хамилтон со 68 бодови или шест повеќе од клупскиот колега Ботас, додека кај конструкторите Мерцедес е убедливо прв со 130 поени пред Ферари со 73 бодови. Следната трка се вози за Големата награда на Азербејџан низ улиците на Баку на 28 април.

ФЕРСТАПЕН ЈА ВРАТИ ХОЛАНДИЈА ВО КАЛЕНДАРОТ НА ФОРМУЛА 1

Со официјално соопштение до медиумите, менаџментот на Светското првенство во Формула 1 објави дека постигнале договор Холандија да добие организација на трка од следната сезона.

Во договорот за организирање на трката за Големата награда на Холандија ќе бидат вклучени три страни: компаниите „Sport Vibes“, „TIG Sports“ и автодромот во Зандворт. Со оваа зделка се определува дека ова гран при ќе се вози три сезони, со можност за обновување на договорот. За трката да се оствари, сепак е побарана модернизација на автодромот, кој последен пат бил домаќин на Ф1 трка пред повеќе од 30 години (во 1985 година), а досега се извозеле точно 30 трки под името Голема награда на Холандија. Минатата година таму се возеа натпреварите од првенството ТЦР Европа, каде што возеа македонските пилоти Игор Стефановски – Иџе и Виктор Давидовски.

Автодромот се наоѓа на 50 километри оддалеченост од Амстердам, град кој е познат како туристичка дестинација и се очекува да биде вистински хит во календарот. Со ова се очекува да биде адресирана и големата популарност на Формула 1 во Холандија, бидејќи навивачите на Макс Ферстапен се меѓу најзабележливите на трките низ Европа во овие две сезони.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.