FORD RAPTOR T1+ „РАПТОР“ – ПОДГОТВЕН ЗА РЕЛИТО ДАКАР

24/07/2024

Како што велат од Форд годинашното учество на релито Дакар имало за цел да се провери теренот и да соберат искуство за наредните учества. Во 2014 Форд учествуваше на релито Дакар, но зад него не стоеше фабричкиот тим, туку Форд Јужна Африка. За наредната година Форд подготви ново возило со кое ќе учествува на најдолгото и исцрпувачко рели на планетава. Дека спомнатиот производител на автомобили е крајно сериозен во својата намера да победи на релито Дакар, покажува следново, во тимот се донесени Карлос Саинц и Хуан Нани Рома. Останатите возачи сѐ уште се непознати, така што за нив тимот ќе се изјасни по потпишување на договорите.

Сега да се задржиме на рели возилото наречено „раптор т1+“. Форд подготвил погонска единица позајмена од тркачкиот „мустанг гт 3“ – 5,0 литри зафатнина распоредена во осум цилиндри поставени во V, а силината е ограничена на околу 400 КС како што налагаат правилата пропишани од светската автомобилска федерација ФИА. Најниската точка од возилото во однос на подлогата се наоѓа на висина од 40 см, додека природниот агол (тој при искачување) е над 70 степени. Познато е дека уредот од сопирачки е од марката Алкон со дискови од 355 мм и 17 инчни тркала. Техничките особини кои Форд ги обелодени малку се оскудни, но затоа присутните на Фестивалот на брзината во Гудвуд имаа прилика да бидат дел од светската премиера на „раптор т1+“.

Патот до успехот на релито Дакар е повеќе од тежок, така што возилото мора да има врвна подготовка и изработка за што подобро совладување на пустинските предели. Колку за информација, релито повторно ќе се вози во Саудиска Арабија и тоа шести пат по ред.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ