КОГА ОД ДЕНЕШЕН АГОЛ СЕ ГЛЕДА ПОДЕМОТ НА МОДЕЛОТ „МУСТАНГ“, СФАЌАМЕ ДЕКА Е ЕДЕН ОД НАЈПОЧИТУВАНИТЕ И НАЈПРОДАВАНИТЕ И ТОА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ФОРД, ОДНОСНО НА ВИРТУОЗОТ ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА, ЛИ АЈАКОКА
Легендарните автомобили одбележале еден период во историјата на автомобилизмот, а доказ за тоа е живата легенда „мустанг“, „форд мустанг“, американска икона на четири тркала, најпродаваното спортско купе. На 17 април 1964 година на Салон за автомобили во Њујорк, Форд официјално го претстави серискиот „мустанг“. Само во текот на саемските денови Форд добил повеќе од 22.000 нарачки. Големите пазарни истражувања што ги направил Форд пред да почне со сериско производство биле надминати со случувањата во продажните салони. Во градот Гарланд во Тексас 15 купувачи организирале томбола за најсреќниот да го купи единствениот примерок во салонот. Победникот преспал вечерта во автомобилот и откако банката го потврдила плаќањето со чек, клиентот си заминал со „мустангот“. Други купувачи седеле пред продавниците и ги чекале нарачаните автомобили. За една година Форд успеал да продаде фантастични 420.000 примероци од моделот „мустанг“. Ни во најдобрите предвидувања немало согледување за ваков интерес за „мустанг“. Форд постигнал врвен продажен успех.
На крајот на 50-тите години од минатиот век главен менаџер на Форд и потпретседател во компанијата бил виртуозот Ли Ајакока. Согледувајќи ги барањата на домашниот автомобилски пазар, тој соопштил дека е време компанијата да лансира нов модел и дека треба да направат возило различно од досегашните. Младата популација почнала да пројавила голем интерес за автомобилите, особено оние од понежниот пол.
Класичната лимузина веќе не била интересна, а караваните биле наменети за повозрасните. Според анализите на пазарот, Ли Ајакока заклучил дека младите повеќе сакаат купе автомобил и бидејќи секогаш имале придружба, автомобилот требало да биде класика, со четири, односно пет седишта. Две врати и простран оддел за патници, да не биде скап, односно со цената да биде достапен за поширок круг купувачи, спортската нота да е нагласена, а никако без V мотор. Конструкторите добиле совети и почнале со работа. Во 1962 година бил прикажан концептот „мустанг I“, класичен двосед со малку послободен облик. Во 1963 година „мустанг II“ веќе имал сериска линија и посмирен облик од првиот и задна клупа. Вториот концепт бил вистинско изненадување, но во прашање била цената. Форд направил анкета со 52 млади брачни пара дали им се допаѓа автомобилот и дали би го купиле. Кога виделе дека е купе, нивните одговори биле поврзани со цената. Мислеле ако е купе, ќе има висока цена. Кога ја слушнале цената, која била повеќе од ниска, тие се збуниле и веднаш го смениле мислењето. Над 80 отсто изјавиле дека би го купиле автомобилот. Продажбата почнала веднаш по светската премиера, а главни купувачи била младите возачи. Ли Ајакока успеал да допре до купувачи што дотогаш речиси и не постоеле. Со моделот „мустанг“ работите се измениле, младите возачи станале едни од најбројните купувачи. Така американскиот автомобилски пазар засекогаш го сменил ликот со појавата на „форд мустанг“. Форд постигнал еден милион произведени примероци за помалку од две години. Милионитиот примерок ја напуштил фабричката лента на 2 март 1966 година. Автомобилската бура од типот „форд мустанг“ веќе не се случила. Оттогаш до денес биле претставени повеќе од 100.000 модели и нивни изведби, но ниту еден не го повтори успехот на „форд мустанг“.
Автомобил посебно наменет за младата популација, малку див, малку авантуристички. Вакво нешто не му успеало на ниеден друг менаџер во автомобилската индустрија. Колку голем раководител и организатор бил Ли Ајакока зборува неговото присуство во Крајслер, марка што била речиси пред колапс, а тој ја кренал на нозе, но неколку години по неговото пензионирање повторно се нашол во криза. Виртуозот во автомобилската индустрија засега нема кој да го замени.
ЗОШТО ИМЕТО МУСТАНГ?
Напредна сила во едно општество се младите. Оттука Ли Ајакока и тимот го согледале името на автомобилот. Дивиот коњ е самостоен, бестрашен, ги симболизира напредокот и слободата. Ли Ајакока успеал со заштитниот знак да ги поврзе во една целина намената на автомобилот и името. Првпат заштитниот знак коњ во галоп бил ставен на првиот концепт „форд мустанг I“, а го обликувал дизајнерот Фил Кларк. Мустангот во галоп е завртен на лева страна затоа што таму е запад, а британските колонизатори првпат ги виделе дивите коњи токму на таа страна. Оттаму доаѓа „дивиот запад“. Всушност, Дивиот Запад е татковина на дивите коњи наречени мустанзи што ги донеле шпанските освојувачи кон крајот на XV век. Дел од нив завршиле во дивината и опстанале до денес. Инаку зборот мустанг има шпанско потекло, „места“, „местенго (местењо)“, „мостренко“ и некаде од крајот на XVIII век „мустанг“. Симбол на слобода, авантура и самостојност е „форд мустанг“, вториот американски „сон“. И денес „мустанг“ е посакуван од младите возачи, но и од тие што сакаат купе автомобили. Дури и во филмовите „мустангот“ стана актер. Првата генерација се задржала на пазарот до 1973 година.
Анкетите и истражувања на пазарот, како и цената биле решавачки за големиот успех на фордовиот „мустанг“. Нов модел, спортско купе, со прифатлива цена за поширок круг купувачи е дел од проектот на големиот менаџер. Во тоа време цената на основниот „мустанг“ била 2.500 долари, што би биле околу 25.000 долари во 2023 година.
Размислувањата за автомобилската индустрија и начинот на работата беше поинаков пред појавувањето на „мустанг“. Денес производителите учат од Форд како треба да се прават планови и како треба да се работи за постигнување успех од гигантски размери. Носителот на идејата Ли Ајакока засекогаш ја изменил автомобилската индустрија, внесувајќи нови правила на работење.
Годинава „мустанг“ наврши 60 години и живее во својата седма генерација. Денес основниот модел во САД чини околу 31.000 долари (2,3 л екобуст турбо мотор, четири цилиндри, 315 КС).