„Форд гт мк IV“, што е сега ова? Личи како да е болид наменет за серијата 24 часа Леман. При претставувањето производителот не спомена ништо, но затоа детално се изјасни и го нагласи следново, „форд гт мк IV“ е конструиран во чест на болидот кој во 1967 година беше најбрз на легендарната трка 24 часа Леман. „Автомобилот“ ќе биде наменет исклучиво за трки, значи не е хомологиран за секојдневна употреба и обичниот асфалт. И уште нагласи дека ќе биде произведен во ограничена серија од 67 примероци, бројка која потсетува на годината кога Форд победува на трката. Јасно е, секој примерок ќе има плочка со серискиот број, а сопствениците ќе бидат бирани според тоа како Форд ќе одреди. И да имате пари, Форд нема да ве одбере колку и да платите поскапо. Кога сме веќе кај цената, да ја спомнеме и неа, само 1,7 милиони долари.
Тркачки автомобил со 3,5 литарски V6 мотор со двоен турбо компресор поседува силина од 800 КС и сето тоа го нуди за претходно наведената сума. Многу пари, но автомобилот е болид, тркачки е, претставува историја на една од најголемите марки во светот на автомобилите и на планетава ќе има само 67 примероци. И да не испуштиме да напишеме, „форт гт мк IV“ е правен во соработка со Мултиматик, светски позната работилница за доработка на автомобилите и нивно претворање во тркачки. Затоа на задниот спојлер е испишано името на компанијата.
Официјалните лица при претставувањето не кажаа многу за болидот. Се чини Форд не сака да ги обелодени техничките детали во целост. Се надеваме тоа ќе го стори пред да почне испораката која е зацртана за догодина напролет.
Жарко Атанасоски