Повеќе наменскиот модел „добло“ по трет пат излезе пред светската јавност со првично претставување. Тоа значи ова е третата генерација на еден од најпопуларните модели на Фиат. Купувачите на располагање ги имаат следниве каросериски изведби, патничка и три товарни изведби. Патничката ја има класиката од пет удобни седишта и стандардно меѓуоскино растојание, но товарните изведби се нудат и со долго меѓуоскино со цел да се добие што е можно поголем товарен простор. Најголемата новост е тоа што Фиат на пазарот веднаш лансираше и електрична изведба. Да се задржиме на неа, а потоа ќе се вратиме и на класиката со ото и дизел мотори.
Целосно електрифицираната изведба во себе има напред сместен 50 kWh електромотор што ја задвижува предната оска со силина од 136 коњи. Со едно полнење на батеријата возилото може да измине 280 км/ч. При повторно полнење, батеријата може да биде наполнета до 80 отсто од вкупниот капацитет за време од 30 мин. се разбира доколку имаме помоќен извор на електрична енергија. Доколку истата „операција“ се сведе на домашен приклучок, полнењето ќе трае многу подолго. Крајната брзина на електричната изведба е ограничена на 130 км/ч и најмногу може да биде оптоварена со 800 кг товар, според препораките од производителот.
Изведбата која во себе носи мотори со внатрешно согорување, во сите чинители е иста со електрифицираната. Во понуда се два дизел мотори, односно еден со две силини, 1,5 литарскиот со 100 и 130 КС, додека бензинскиот има зафатнина од 1,2 литри и силина од 110 КС. И да нагласиме, сите мотори се снабдени со турбо полнач. Силината од моторите се пренесува на предната оска преку обичен менувач, а само за моделот со 130 коњскиот дизел мотор во понуда е осум степен автоматски менувач.
Зафатнината на товарниот простор изнесува 4,4 м3 во изведбата со долго меѓуоскино растојание и во него можат да се сместат две евро палети. Во „доблото“ од втората генерација со ознака „икс л“ товарниот простор располагаше со 5,0 м3 зафатнина. Не ни е познато зошто Фиат се одлучил на ваков чекор, но најверојатно е во прашање договорот во компанијата Стелантис. Новиот „фиат добло“ ќе се произведува на шпанско тло во фабриката сместена во градот Виго.
И за крај да спомнеме дека „добло“, „рифтер“, „берлинго“ и „опел комбо“, всушност е едно исто возило со по некоја мала шминка од модел до модел, но останатото е сосема исто. Не само овие модели, туку и Тојота со моделот „про ејс сити версо“ е влезена во тоа друштво. Цена? Новото „добло“ наскоро ќе стаса во продажните салони каде директно ќе може да се информирате за цена и за дополнителна опрема.