Пред да почнеме со пишување на текстот, ќе поставиме едно прашање. Дали на планетава Земја некој автомобил има повеќе изведби и подизведби од „фиат 500“? Ако некој знае, нека повели да каже кој е тој автомобил!
„Долче вита“, „ф 595“, „трибуто ферари“, „трибуто масерти“, „трибуто 131 рели“, „75 аниверсарио“, „ла прима“, „писта“, „вентиџ 57“, „барби“, „есенсе“, „ред“, „асето корсе“, „култ“, „бипосто“, „рива“, „595“, „3 + 1“, „695“, „695 сс“ и тн. За секоја пригода Фиат „вадеше“ по една изведба (подизведба) од моделот „500“ и така секоја година по една – две од 2007 наваму.
Сега на ред е „колеционе 1957“, а повод е прво произведениот модел „500“ дизајниран од големиот мајстор на дизајнот Данте Џијакоза, еден од учителите на Џорџето Џуџаро. Практично тој го има насочено Џ. Џуџаро како да остане во дизајнот и на што да посвети посебно внимание.
Инаку моделот „500“ е еден од најлегендарните модели од марката Фиат. Тоа е автомобил: со аура, со посебен карактер, одважен, со стил, со шарм, модел кој зрачи со нешто, а тоа нешто не може да се опише со зборови. Таков спој од многу епитети во еден автомобил, светот досега нема видено. Добро, има автомобили кои можат да му се приближат, но никако не можат да бидат на исто рамниште со него, „фиат 500“ е приказна за себе и тоа е тоа.
Денес моделот „500“, новосоздадениот од страна на Роберто Џилито, кој исто така, како некогаш и Д. Џијакоза, ја има добиено истата награда Компасо де Оро за индустриски дизајн. Првата генерација која беше присутна на пазарот од 1957 до 1975 беше продадена во скоро четири милиони примероци. Денес современиот „фиат 500“ е најпродаваниот автомобил на европскиот пазар, прв е во: Австрија, Белгија, Германија, Португалија и Шпанија, на второ место е во Италија и Полска, а на трето е во Франција и Британија. И да не настанат некои нејаснотии, говориме за продажбата во сегментот „а“. А ако зборуваме за електричните автомобили продадени на континентов, тогаш „фиат е 500“ е убедливо на првото место.
Од подизведбата „колеционе 1957“ ќе бидат направени само 1957 примероци, со ексклузивна плочка на која пишува „еден од 1957“. За европскиот пазар е наменет 1,0 л мотор со обичен менувач, а за јапонскиот 1,2 л мотор со автоматски менувач.