Ferrari SF90 Stradale vs Corvette C8 Stingray – ФЕРАРИ КОНТРА ШЕВРОЛЕТ ИЛИ ОБРАТНО

11/09/2019

НОВОТО ВРЕМЕ НОСИ СО СЕБЕ НОВИ ВЕТРИШТА. ТАКА И ДОВЧЕРАШНИТЕ ТВРДОКОРНИ ЧУВАРИ НА ТРАДИЦИЈАТА ОТСТАПИЈА ОД НЕА И ВЛЕГОА ВО НОВИ ВОДИ ЗА КОИ НЕ ЗНАЕМЕ КАДЕ ЌЕ ГИ ОДНЕСАТ. ВСУШНОСТ НЕГУВАЊЕТО НА ТРАДИЦИЈАТА ТЕ ПРАВИ ПОИНАКОВ ОД ОСТАНАТИТЕ, ОСТАВАШ СВОЈ ПЕЧАТ, ИМАШ СВОЕ „ЈАС“.

 

Речиси истовремено светот беше сведок на првичните најави на супер спортските купе автомобили, едниот од добро познатата ергела сместена во Модена, Италија, а другиот од онаа страна на „големата вода“ кај каубојците, првиот со име „ферари сф 90 страдале“, а вториот „шевролет корвета ц 8 стингреј“. Обата производители се тесно врзани со традиционалните вредности според кои беа препознатливи ширум светот и токму затоа беа почитувани од голем број љубители на четирите тркала. Двата автомобили делат заеднички нешта, осумте цилиндри и нивната поставеност во V, потоа препознатливиот купе дизајн, двете седишта, централно сместените погонски единици,… е сега ова со моторите не „штима“. Сите досегашни „корвети“ имаа мотор напред, а сега централно сместен. И тоа го доживеавме, „корветата“ симболот на каубојците и нивна единица мерка за спортски купе автомобил, „забега“ и ја смени традицијата.

Сега наместо мотор сместен напред, истиот е сместен зад двете седишта, поточно централно. Од Шевролет велат дека со тоа добиле подобра распределеност на тежината на предната и задната оска, подобри забрзувања и поголема стабилност при брзо маневрирање, а од друга страна добиена е подобра позиција за возачот, скоро над предната оска. Токму овој момент, велат конструкторите, придонел за поголема стабилност при брзо и ненадејно менување на правецот. Нели сега зборуваме за традицијата, а таму моторот си останал ист, со зафатнина 6,2 литри и 495 атмосферски коњски сили кои гарантираат забрзување од 0 до 100 м/ч под три секунди. Класика од зафатнина, а тоа производителот го негува.

Е сега тука имаме и една новост. Подвозјето може да се подигне за 40 мм и со тоа да се совладаат нерамнините на патот и слични нешта. Тие 40 мм се добиваат кога брзината не е над 38 км/ч што е повеќе од доволно да преминете од една на друга страна од некои копаници и останати кратери на асфалтот.

Атмосферските мотори се тешка Ферариева одлика, но сега праАВТО- МОТО ват отстапка и вградуваат турбо компресор со кој V8 моторот добива дури 780 КС. Бидејќи ова е првиот сериски (хибриден погон) модел, во купето од Маранело има дополнителни 220 КС кои произлегуваат од трите електромотори, еден на задната оска и два на предната. Вкупно 1000 КС доволни за забрзивања од 0 до 100 км/ч з 2,5 секунди и до 200 км/ч за 6,7 сек. Стравотни брзински способности.

На сето ова го додаваме и за првпат вградениот погон на сите тркала. Ферари вели дека неговиот нов погон на сите тркала дополнително ја зголемува стабилноста и максимално го искористува вртежниот момент, така што воопшто нема губење на силината при нагли забрзувања. Да не го нагласуваме и електронскиот дел кој контролира сè во однос на подвозјето, погонот на сите тркала и контактот со асфалтот.

Стасавме до дизајнот и сега се „сопнуваме“ од него – малку како да „заличува“ на корветата посебно со неговите правоаголни стоп светла. Традицијата вели тркалезни светла и точка. Но традицијата е тргната на страна и на нејзино место сега ја имаме новосоздадената задна светлосна групација, корветовска.

И каубоецот и вознемиреното коњче направиле извесни отстапки во најновите модели. Дуваат некои нови ветришта во автомобилската индустрија, да видиме до каде ќе стасаат. Крајот го посветуваме на тоа колку ќе чинат автомобиливе. Ферарито ќе биде изгор скапо. 1000 КС не се купуваат за 200.000 – 250.000 евра, туку за повеќе. Така работи „шквадрата“ од Маранело, додека тие преку „големата вода“ сосема поинаку. Тие велат дека за основниот модел на „корвета ц 8 стингреј“ ќе ви бидат потребни само 60.000 долари.

Таму владее правилото спортските автомобили да бидат достапни за поширок круг купувачи, додека овие од континентов одат на висока цена и ексклузивност и мал број купувачи. Два вида на размислувања, но и двата „вида“ ја прекршиле долготрајната традиција и сега пливаат во други води. Есенва ќе се сретнат во Франкфурт, а потоа посетителите се тие кои го имаат последниот збор.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.