Кога моделот „енцо ферари“ се појави во досадното секојдневие, предизвика големо внимание посебно во круговите каде автомобилите го имаат највисокото место. Тоа се случи во 2002 година, за потоа истиот автомобил да биде инспирација за создавање на експерименталната програма „икс икс“, односно „ф икс икс“, кратенка од „ферари икс икс“. Таа програма „икс икс“ е врвот што во тој миг го нудат конструкторите од Ферари. Водечките во компанијата одлучуваат на основа од „ферари енцо ферари“ да створат изведба која ќе ги надмине сите очекувања, изведба која ќе биде над сите туристички модели. Во 2005 год. се појавува купето „ф икс икс“, сирова сила речиси истоветна со таа од болидите во формула 1. Тркачки настроеното купе е возило наменето исклучиво за возење на патека, но не и на трки. Беа произведени 29 (30) примероци и сите се чуваат во некој од боксовите од тркачките патеки, а сопствениците уживаат во брзинските способности кога ќе им се посака.
Деновиве Ферари повторно на јавноста ѝ понуди изведба од експерименталната програма, само што овој пат купето не е наменето исклучиво за возење на тркачките патеки туку и во секојдневниот сообраќај. „Ферари сф 90 икс икс страдале“ потекнува од серискиот „сф 90 страдале“ и во себе го има најмногу наградуваниот мотор со внатрешно согорување, познатата „осумка“ распоредена во V со зафатнина од 4,0 литри и двоен турбо компресор. Ова супер чудо од мотор развива 797 КС, а поседува и дополнителни 233 КС од трите електромотори, два на предната оска и еден помеѓу моторот и менувачот. Вкупно 1.030 КС или за 30 повеќе од серискиот „сф 90 страдале“. Не е само до коњските сили. Овој примерок со име „икс икс“ е најмногу што можат да понудат од Ферари, со исклучок на тие наменети за трки. „Ферари сф 90 икс икс страдале“ е нешто како јагодата на врвот од кремот. Покрај купе, конструкторите нудат и спајдер изведба. Купето ќе биде произведено во 799, а спајдерот во 599 примероци. И сега сигурно погодувате, сите примероци се резервирани или продадени. Обете изведби се совршенство кое можат да го понудат само врвните мајстори на занаетот.
Накусо кажано најновиот експеримент „сф 90 икс икс страдале“ не е примерок за трки, но затоа е далеку пред туристичките. Сѐ што е вградувано е позајмено директно од тркачките модели кои зад себе имаат изминато милиони километри при тестирањата и трките. Тоа е така затоа што овие супер автомобили се прават во спортскиот оддел на Ферари, односно таму е експерименталното одделение „икс икс“. Цена? Кога зборуваме за вистинска реткост од автомобил, цената воопшто не треба ни да се спомне.
Ако сакате да бидете сопственик на еден од тие 1.398 примероци, пријавете се за резервен купувач, во случај некој да ја откаже резервацијата и купувањето.