FERRARI ROMA SPIDER-СЛАДОК ЖИВОТ ВТОР ДЕЛ

31/03/2023

Колку и да е луксузен сепак мора да спомнеме дека Ферари на некој начин ја покажува својата практичност. Сега ќе објасниме како го прави тоа. Буквално во последните неколку денови од зимата Ферари го претстави својот нов кабриолет. Со доаѓањето на топлиот период од годината Ферари ја отвора годинашнава сезона, пролет лето, со отворената изведба од купето „рома“. И во овој миг само Ферари претставува кабриолет и ниту еден друг производител.

Класика од кабриолет затоа што покривот е платнен, склопен во задниот дел, а дизајнот на купето како да е створен за правење отворена изведба. При создавањето на моделот „рома“ дизајнерите истовремено мислеле и на кабриолетот. Затоа сега на „ферари рома спајдер“ се приметува елеганцијата. Тоа е така затоа што „рома“ е еден друг вид Ферари. Под каросеријата е како и секој друг од семејството, но дизајнот е посебна приказна, која слободно можеме да ја наречеме елеганција.

Таа отворена купе елеганција на тркала со помош на платно и електромотори за 13,4 секунди може да го покрие и отскрие патничкиот оддел од возилото, а кога сме веќе кај секундите да нагласиме, првата стотка се појавува на брзинометарот по изминати 3,4 сек. Велиме првата, затоа што покрај неа, „ферари рома спајдер“ има уште две стотки, поточно постигнува крајна брзина од над 320 км/ч. Овие бројки ги овозможува 3,9 литарскиот V8 мотор кој со помош на двоен турбо полнач произведува 620 КС. Таа силина се пренесува на задната оска преку осум степен автоматски менувач со двојна спојка наречен „ф1 дцт“. Затоа втората „стотка“ излегува на виделина по изминати 9,7 секунди.

Одделот за патниците е во конфигурација 2+2, а тоа значи во крајна нужда може да  сместат четири лица, но само за кратко растојание. Ако е за подалеку, тие што ќе седат на плус двете седишта нека му ја мислат. Не дека новиот кабриолет е мал, долг е речиси 4,7 метри, но тоа е едноставно Ферари, а Ферари не може да биде лимузина и да има класика од четири седишта. Но којзнае, како што тргнале работите може и тоа да се случи. Веќе има модел со четири врати и четири седишта во „сув“ изведба.

Современ спајдер за уживање во италијански стил на живот, со тие зборови е опишан новиот отворен Ферари при претставувањето , а ние ќе го опишеме како „Сладок живот втор дел“ (првиот е класичното купе).

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.