FERRARI-Еден и единствен

15/10/2020

Малку е симптоматично, а уште повеќе е дускутабилно Ферари да биде на некој начин сериски автомобил. Иако спаѓа во групата на производители на сериски автомобили, неговите автомобили ретко се забележуваат во секојдневието. Оваа марка нуди луксуз, посебност, екстраваганција, историја искована со многу победи и превирања, нуди брзина, неповторлив звук од агрегатите и секако, висока цена. Сето ова собрано на куп дава основа за црвените автомобили да добијат епитет ретки ѕверки.

Сега Ферари нуди ретката ѕверка да биде уште поретка, односно да биде една и единствена. За посебни купувачи има посебен оддел во фабриката лоцирана во Маранело, оддел со работилница каде купувачот кажува што сака, а Ферари му ја исполнува желбата. Овој пат Ферари го претстави моделот „омологата“,  правен на основа од серискиот „812 суперфаст“. Од него ја има позајмено шасијата и обесувањето на тркалата заедно со погонската единица и менувачката кутија, а останатото е по налог на купувачот советуван од тимот на експерти и конструктори на Ферари.

Моторот е класика, 12 цилиндри во V чија работна зафатнина изнесува 6,5 литри. Од него се „извадени“ 789 коњски сили кои се пренесуваат на задната оска преку седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Обликот на „омологата“ потсетува на некогашните ферариеви модели од доцните 60 и 70 години од минатиот век, но има и нота од американските спортски купиња од тоа време, популарно наречени „мускулести автомобили“. Бојата е класика, црвена, односно вулканско црвена, додека школката е исцртана со бројка и лента на предниот дел исто како некогашните тркачки примероци.

„Единствениот“ наскоро ќе оди во рацете на нарачателот или можеби веќе е кај него. Овој примерок е јубилеен, десеттиот со напред сместен мотор, а првиот е направен во 2009 година. Ако „ферари 812 суперфаст“ чини 340.000 долари, се поставува прашањето колку ќе чини оваа нарачка именувана како „омологата“.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.