ВЛЕГУВАЈЌИ ВО СВОЈАТА ЧЕТВРТА СЕЗОНА ЕЛЕКТРИЧНИОТ ШАМПИОНАТ EXTREME Е ДОКАЖУВА ДЕКА НЕГОВИОТ ИНОВАТИВЕН КОНЦЕПТ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ И ИДЕЈАТА КОЈА СТОИ ЗАД НЕГО ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ПЛАНЕТАТА ПРЕТСТАВУВА ПОЛН ПОГОДОК
Остварувањето на целите на Extreme E како што се подигнувањето на свеста за климатските промени и поддршката на разни организации за зачувување на биодиверзитетот ширум планетата Земја го носи шампионатот во неговата четврта сезона.
Extreme E е единствениот шампионат од светот на мотоспортот поддржан од FIA чија главна цел е спас на планетата Земја преку подигнување на глобалната свест за негативното влијание што со себе го носат климатските промени. Extreme E дотурка далеку од скромните почетоци во 2021 година. Големиот интерес за оваа електрична одисеја минатата сезона го зголеми бројот на натпреварувачите. Дури десет тима се бореа за превласт во 2023 година што беше причина да се сменат правилата за да може да се одржи конкурентноста. Се воведоа вкупно пет настани секој со по две трки, или вкупно десет трки, доволно за да се одржува активна неизвесноста буквално до финишот на последната трка. Во една возбудлива сезона тимот на возачот во Формула 1, Нико Розберг, Rosberg X Racing стигна до својата втора титула во шампионатот токму на последната трка од сезоната. Охрабрени од збиднувањата лани, тимот RXR, заедно со возачката постава Микаела Алин-Котулински и Јохан Кристоферсон најавуваат атак за нова титула.
Лани докажаниот формат останува во примена и годинава. Меѓутоа во игра остануваат девет тима. Тимот на ABT Cupra XE најави повлекување од Extreme E со цел да се насочи кон развој на новиот автомобил за најавениот Extreme H. Акцентот ставен на полова еднаквост, односно на задолжителна женско – машка постава, исто така, не се менува што зборува за еднаквоста на возачите како во тимовите, така и во шампионатот.
Extreme E – тимови и возачи 2024
ТИМ | ВОЗАЧКА ПОСТАВА |
ACCIONA SAINZ XE TEAM | Лаила Санц / Матијас Екстром |
ANDRETTI ALTAWKILAT EXTREME E | Кети Мунингс / Тими Хансен |
CARL COX MOTOSPORT | Лиа Блок / Тимо Шнајдер |
JBXE | Тамара Молинаро / Андреас Бакеруд |
NEOM MCLAREN EXTREME E | Хеда Хосас / Танер Фауст |
NO.99 GMC HUMMER EV CHIP GANASSI RACING |
Аманда Соренсен / Ар Џеј Андерсон |
ROSBERG X RACING | Микаела Алин-Котулински / Јохан Кристоферсон |
VELOCE RACING | Моли Тејлор / Кевин Хансен |
X44 VIDA CARBON RACING | Кристина Гутиерез / Фрејзер Мекконел |
Определен е и календарот. Во игра остануваат пет настани секој со по две трки. Сезоната традиционално ќе се отвори во пустината на Саудиска Арабија. Двете трки кои се одржуваат на 17 и 18 февруари ќе се возат на нова локација. Од Неом шампионатот се префрла во околината на Џеда која подеднакво изобилува со прекрасни пејзажи. Потоа на репертоар следат две трки во Европа кои се возат на 13 и 14 јули, чија локација сè уште не е одредена. Сардинија како и минатата сезона ќе биде домаќин на два настани, односно на вкупно четири трки. Медитеранскиот остров заради одличната поддршка од Автомобилскиот Клуб на Италија и стана постојана арена во шампионатот. Трките на Сардинија ќе се возат на 14 и 15 септември, и на 21 и 22 септември. Потоа Extreme E за првпат во овие четири сезони заминува во Соединетите американски држави, поточно во Феникс, Аризона каде ќе се вози финалето од шампионатот на 23 и 24 ноември. САД се еден од клучните играчи кога станува збор за глобалното влијание. Згора, таму владее голема страст за трки off-road што е уште еден услов за постигнување на голем успех на Extreme E во САД.
Extreme E – календар 2024
Пустинско Икс-При на Саудиска Арабија | 17 – 18 февруари 2024 |
Европско Икс-При | 13 – 14 јули 2024 |
Исланд Икс-При на Сардинија | 14 – 15 септември 2024 |
Исланд Икс-При на Сардинија | 21 – 22 септември 2024 |
Феникс Икс-При на САД | 23 – 24 ноември 2024 |
ВОДОРОДОТ ПРИСТИГНУВА НА ГОЛЕМА ВРАТА
Годинава паралелно со водење на шампионатот организаторите на Extreme E во соработка со FIA и со одговорните во шампионатот во Формула 1 работат на создавање на нов шампионат наречен Extreme H. Станува збор за првиот шампионат на светот каде возилата ќе бидат задвижувани од водород (hydrogen) од каде и доаѓа буквата H во името. Шампионатот на Extreme H треба да стартува во 2025 година. За таа цел, техничкиот директор на Extreme E, Марк Греин, главниот технички офицер на Формула 1, Пет Симондс и директорот на FIA за едноседи Николас Томбејзис ќе оформат работна група која ќе води развојот и ќе ја проценува потенцијалната можност за воведување на водородот во светот на мотоспортот, но и за поширока мобилност.
Развојот на технологијата за користење на водород без оглед дали станува збор за апликации со горивни ќелии, или батериски системи бара задоволување на одредени инфраструктурни елементи како транспорт, полнење, чување и безбедно ракување со водородот. Сите овие инфраструктурни елементи ќе бидат вметнати во шампионатот на Extreme H каде возилата ќе користат систем од горивни ќелии и батерии.
Првиот прототип од Extreme H треба да се појави во текот на сезоната, додека првото јавно возење и тестирање треба да се случи за време на годинешните трки од Extreme E на Сардинија. Доколку развојот се одвива според планираното Extreme H ќе ја отвори сезоната 2025 како уште еден шампионат на FIA, за во 2026 година да стане Светски шампионат на FIA. Како шампионат на FIA, Extreme H, ќе подлежи на нивните регулативи кои се однесуваат на техничките, спортските и безбедносните правила.
ИДНИНАТА НА EXTREME E ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК
Прашањето кое се наметнува уште на почеток на новата сезона во Extreme E е дали шампионатот ќе опстои и по крајот на годинешната сезона? Посебно ако се земе предвид колку труд се вложува во развојот на новиот шампионат Extreme H и со колкави помпи се најавува. Во прилог на водородот оди и откажувањето на тимот на ABT Cupra XE од Extreme E годинава заради подготовки за Extreme H. Воедно тука е и најавата дека се планира Extreme H во 2026 година да стане Светски шампионат раководен од FIA, додека Extreme E останува на ниво на засебен шампионат како и досега. Факт е дека тука нешто мириса. Згора, во колку и Extreme E, и Extreme H се возат со сегашниот формат, односно секој од нив да има по две трки во еден викенд, тоа значи дека публиката ќе гледа ист тркачки формат четири пати што може да биде здодевно. И место да привлече нови гледачи ќе ги одбие и постоечките. Сите овие размислувања не одат во прилог на одржливоста на Extreme E по појавата на Extreme H. Од друга страна во прилог на постоењето на Extreme E оди инволвираноста на големите возачки имиња од Формула 1 како Нико Розберг, Сер Луис Хамилтон и Џенсон Батон, па дури и McLaren Racing. Секој од нив има свој тим во Extreme E, но и во Формула Е што говори за нивната поддршка на електричната тркачка иднина. Можеби нивниот збор ќе биде пресуден за одржување во живот на електричната одисеја на Extreme E.