EXTREME E–Исланд Икспри Сардинија-ЕЛЕКТРИЧНАТА ОДИСЕЈА ВО ПОМОШ НА САРДИНИЈА

26/07/2022

СО ДВЕ ТРКИ ЕДНО ПО ДРУГО НА САРДИНИЈА ЕЛЕКТРИЧНАТА ОДИСЕЈА НА EXTREME E УСПЕА ДА ЈА ПОТКРЕНЕ СВЕСТА ЗА СЕРИОЗНИТЕ ПРОБЛЕМИ СО ОПОЖАРУВАЊЕТО И ГУБЕЊЕТО НА МОРСКАТА ТРЕВА НА ОВОЈ МЕДИТЕРАНСКИ ОСТРОВ

 

Да се забавуваме натпреварувајќи се, а притоа да направиме нешто полезно е мотото на шампионатот Extreme E кој за првпат годинава вози двојна трка на една локација. Честа и припадна на Сардинија која заедно со матичната земја Италија се чини имаат и најголема потреба од подигнувањето на свеста за проблемите со кои се соочува овој медитерански остров.

Покачувањето на температурите станува сè позабележително на Сардинија заради големите топлотни бранови кои траат подолги периоди и предизвикуваат шумски пожари кои што се поразителни и за дивиот свет. Податоците од месец јули минатата година велат дека во Италија биле регистрирани 13.000 шумски пожари. Бројка која не била видена никогаш во историјата. Од нив голем дел отпаѓаат на Сардинија каде се уништени пасиштата и обработливото земјиште, а загинале и голем број на животни меѓу кои и 30 милиони пчели. Проценките се дека ќе бидат потребни 15 години за да се обнови опожарениот регион.

Вториот еко систем кој е загрозен е морската трева. Истражувањата велат дека морската трева е еден од еко системите во светот кој најбрзо исчезнува. Според проценките досега се исчезнати околу 29 проценти од морската трева на глобално ниво. Доколку нештата не се сменат и трендот продолжи во следните 100 години ќе загубиме дополнително меѓу 20 и 30 проценти од морската трева. А тоа значи губење на еден жив организам кој е морски еквивалент на прашумите на Амазон и значително придонесува во производството на кислород на земјината топка. Имено еден хектар морска трева зароботува повеќе јаглероден диоксид во споредба со шумите на копно, а произведува околу 100.000 литри кислород дневно.

 

Организаторите на Extreme E се надеваат дека пораката за Сардинија ќе стигне низ цел свет преку отворените канали на годинешното Икспри на Сардинија кое го следат милиони гледачи глобално. Годинава условите се посуви во однос на лани заради јулските горештини. Теренот е предизвикувачки, а возачите ќе имаат повеќе природни препреки со кои ќе мораат да се соочат. Затоа патеките пред стартот на настанот се минуваат пешки за да се утврдат местата за престигнување, каде има остри свијоци и каде може да се вози со полн гас.

Во првата трка на Икспри на Сардинија тимот Rosberg X Racing доминираше на квалификациите и заслужено обезбеди место во финалето. Возачката постава Јохан Кристоферсон и Микаела Алин-Котулински беше најбрза во двете квалификациски сесии и влезе во финалето со 20 освоени бода. Зад нив беше тимот на Acciona Sainz XE со ветеранот Карлос Сајн и Лаија Санц кои беа втори во првата, а победија во втората сесија и заработија 19 бода. Тимовите: X44 со Себастијан Лоеб и Кристина Гутиерез, Genesis Andretti со Кеjти Мунингс и Тими Хансен и Xite Energy Racing со Тамара Молинаро и Тимо Шнајдер, освоија по 12 бодови. Последниот тим кој најде место директно во полуфиналето беше шесто пласираниот JBXE со Хеда Хосас и Кевин Хансен кој освои 11 бода на квалификациите. Секој од нив сега имаше шанси за во финале. Единствениот тим кој квалификациите не ги заврши беше No.99 GMC Hummer EV Chip Ganassi Racing со Сара Прајс и Кајл Ледук. Меѓутоа бидејќи победија во Лудата трка каде возат четирите тима кои не се квалификувале за во полуфинале Hummer EV стигна директно во финалето.

После двете полуфинални трки во финалето се пласираа тимовите: Rosberg X Racing (RXR), Acciona Sainz XE, Xite Energy Racing и JBXE. И секако победникот од Лудата трка No.99 GMC Hummer EV Chip Ganassi Racing. Во уште полудото финале тимот на Hummer EV сосема неочекувано се закити со победа откако водечките екипажи на RXR и Acciona се судрија во жарот на борбата. Од судирот автомобилот на Сајнц/Санц повеќе пати се преврте во воздух по што екипажот заврши во болница, додека победникот на трката тимот RXR доби казна од 30 секунди по што падна на третото место. Второто место го наследни тимот на Xite, а четврти беше тимот JBXE.

 

Втората трка која за Икспри на Сардинија се возеше два дена подоцна повторно мина во знак на тимот RXR. Екипажот Кристоферсон/Котулински, пак, доминираше на квалификациите и повторно освои 20 бодови. Тимот X44 беше втор со 16 бода, тимот на Neom McLaren со Ема Гилмор и Танер Фоуст кој не се прослави во првата трка сега беше трет финалист со 15 бода, a тимот на Acciona со 13 бода четврт финалист. Останатите две места со по 11 бода ги поделија тимовите на Hummer EV и ABT Cupra XE со големите возачки имиња од Дакар, Јута Клајншмит и Насер Ал-Атија. После меѓусебните полуфинални борби до финалето стигнаа тимовите на RXR, X44, Acciona и ABT. Петтото место во финалето го пополни победникот од Лудата трка тимот на Genesis Andretti. Финалната трка мина во знакот на тимовите RXR и ABT меѓу кои се водеше жестока борба. Тимот на ABT ја поведе трката следен блиску од возилата на тимовите RXR и на X44. Се чинеше дека ABT е на праг да ја освои својата прва победа, но совршеното престигнување на Котулински врз Клајншмит во последните метри од трката му ја донесе победата на тимот на Нико Розберг. ABT мораше да се задоволи со второто место, а X44 со третото. Во битката за четвртото место тимот на Genesis го победи Acciona заради возачка грешка на Сајнц кој експериментираше со престигнување од надворешна страна, но не успеа. Меѓутоа на крајот од трката одговорните лица го дисквалификуваа тимот на ABT бидејќи по замената на возачите Јута Клајншмит не успеала да го прицврсти појасот, а стартувала. Така тимовите Х44, Genesis и Acciona освоија повеќе бодови.

После три трки во генерален пласман води тимот Rosberg X Racing со 80 бода. Следат тимот на Hummer EV со 43 бода, Х44 со 41 бод и Acciona Sainz со 40 бода. До крајот на сезоната во Extreme E остануваат уште две трки, a следната е во Чиле кон крајот на септември.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.