EXTREME E–Исланд Икс-при на Сардинија-НЕИЗВЕСНОСТ ПРЕД ФИНАЛЕ

18/10/2023

КРАЈОТ НА ВТОРОТО ИКС-ПРИ НА САРДИНИЈА ЈА РАЗГОРУВА БОРБАТА ЗА ПРЕВЛАСТ ВО ШАМПИОНАТОТ. СО ТЕСНА БОДОВНА РАЗЛИКА МЕЃУ ВОДЕЧКИТЕ ТИМОВИ И СО ДВЕ ТРКИ ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА НЕИЗВЕСНОСТА ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА ТИТУЛАТА СТАНУВА СÈ ПОГОЛЕМА

 

Пропаднаа плановите за одржување на четвртата рунда, односно седмата и осмата трка од годинешниот шампионат на Extreme E во Амазон. Идејата да се подигне свесноста за уништувањето на најголемата дождовна шума на планетата пропадна. Најголемиот производител на кислород и заробувач на јаглероден диоксид, односно така наречените бели дробови на планетата Земја за жал ќе продолжат да исчезнуваат. Затоа раководството на шампионатот, благодарение на плодна соработка со институциите на Сардинија и успешното водење на програмите кои стартуваа за заштита на регионите погодени од разурнувачките шумски пожари, одлучи по втор пат годинава да се врати на медитеранскиот остров. Новата иницијатива која ја покрена Extreme E на втората посета на Сардинија е обновување на засадите со маслинки и враќање на населението во заедниците кои беа директно погодени од пожарите во 2021 година.

 

Воедно Extreme E ја продлабочи соработката со фондацијата Medsea за проширување на програмата за засадување на морската трева низ целото крајбрежје на Сардинија. Заради покачување на температурите на водата во морето, морската трева полека исчезнува, а се смета за најголем заробувач на јаглерод диоксид на светот, и најголем производител на кислород. И покрај тоа што покрива минорни 0,2% од морското дно, морската трева заробува 10% од јаглеродниот диоксид кој се наоѓа во океаните. А може да зароби 30% повеќе јаглероден диоксид од атмосферата од тропска дождовна шума со иста површина.

За да се задржи интересот за трките од Extreme E по враќањето на Сардинија одбрана е сосема нова арена на која ќе се одвива лутата битка меѓу екипажите во шампионатот. За одржување на четвртата рунда одбрана е најјужната точка на Сардинија, малиот полуостров Капо Теулада на кого се наоѓа истоимената историска воена база и центар за обука од Втората светска војна. Полигонот нуди сосема поинаква подлога во споредба со претходната рунда. Тлото е тврдо, наместа каменесто и испукано заради екстремните горештини кои –годинава го погодија Медитеранот. Многубројните грмушки, пак, претставуваат природна препрека за екипажите посебно во тесните делници каде престигнувањето е тешко.

 

За разлика од претходната рунда на Сардинија каде победата и во двете трки ја освои тимот Rosberg X Racing, сега победите меѓу себе ги поделија тимот на Acciona Sainz и на X44 Vida Carbon. Со победата на првата трка од оваа рунда, односно седмата трка во сезоната тимот на Acciona Sainz е лидер во шампионатот.

Квалификациите од оваа седма трка од годинешниот шампионат минаа во знакот на тимот Aciona Sainz XE – ASXE. Тие победија и во првата, и во втората квалификациска сесија, и освојувајќи најмногу бодови важеа за фаворити пред стартот на големото финале. Во првата рунда од првата квалификациска сесија голема борба се водеше меѓу тимовите на ASXE и на Carl Cox Motosport. Тимо Шнајдер од Carl Cox поведе веднаш по стартот тесно следен од Матијас Екстром од ASXE. Во текот на тркатa тие дури и се судрија во еден наврат и не попуштија. Меѓутоа битката беше разрешена по менувањето на возачитe.Тимот на ASXE подобро ја одигра оваа ролја и Лаила Санц прва мина низ целта. Тимот на Carl Cox мораше да се задоволи со второто место, а трет беше тимот на No.99 GMC HUMMER. Втората рунда од оваа сесија ја освои тимот на ABT Cupra.

После изедначениот старт во првиот свијок залетаниот Тими Хансен од Andretti Altawkilat се суди со Јохан Кристоферсон од RXR. Оваа згодна прилика ја забележа Фрејзер МекКонел од Vida Carbon. Тој во првиот свијок малку подзапре и се протна од внатрешната страна поведувајќи ја трката. Но, радоста не траеше долго. По замената Кристина Гутиерез имаше технички проблем со возилото и не заврши. Пoбедата отиде во рацете на ABT Cupra и на Себастијан Лоеб кој им се врати на трките од Exterme E. Второто место му припадна на тимот на Veloce Racing, a третото на тимот на RXR. Тимот ASXE повторно беше најдобар во првата рунда од втората квалификациска сесија: Тие лесно ги победија тимовите на Veloce Racing и на X44 Vida Carbon и се пласираа директно во големото финале. Во втората рунда од оваа квалификациска сесија победата ја извојуваше RXR, додека ABT Cupra беа втори. Остатотокот од тимовите или се сретнаа со технички проблеми, или беа казнети.

Големото финале го освои тимот на ASXE возејќи релативно без проблеми во една драматична завршница која ја приредија останатите тимови. Екипажот на ASXE рано ја поведе трката после храбро претекнување на Екстром. Одржувајќи ја предноста далеку пред останатите Екстром и Лајла Санц лесно го доведоа својот ODYSSEY 21 до целта. Тесно зад нив пристигна тимот ABT Cupra кој благодарение на Лоеб повторно се враќа во трката за титула. Третото место го освои тимот Veloce Racing, но набрзо по пристигнувањето на целта беа казнети заради кршење на правилата. Тимовите на RXR, и на Carl Cox имаа технички проблеми со возилата и не ја завршија трката.

 

Трката за искупување стартуваше драматично. Секој од петте тима одлучи да го активира хибридниот погон кој обезбедува дополнителна моќност за превласт во одредени ситуации. Во тој метеж што се случи веднаш по стартот најдебелиот крај ги изеде Тамара Молинаро од тимот на Neom McLaren. Нејзиното електрично баги се преврте неколкупати и застана без сила да продолжи. Молинаро имаше едно пукнато ребро и повеќе трауми по телото. После трагедијата што го погоди тимот на Neom McLaren трката мина во знакот на Andertti Altawkilat. Второто место му припадна на тимот на JBXE, а третото на No.99 GMC Hummer.

Осмата трка ја разгоре борбата и воедно ја покажа убавината на натпреварите во Extreme E каде неизвесноста останува до самиот крај. Во оваа трка иако важеа за фаворити тимовите на ASXE и на ABT Cupra не го повторија успехот. Затоа тимот X44 Vida Carbon се избори за втора победа во сезоната. Двете квалификациски сесии мина во знакот на тимот на Abt Cupra предводен од Себастијан Лоеб кој успеа да застане на врот пред влез во Големото финале. Тие победија во првата рунда од првата сесија после голема борба со тимовите на Corl Cox и на X44. Лоеб успеа да создаде предност пред замената на возачите која Клара Андерсон знаеше да ја искористи и да го доведе возилото до целта како победник. Зад неа пристигна возилото на тимот JBXE. Возилото на тимот на Х44 едвај доползи до целта заради технички проблем, додека возилата на Veloсe Racing и на Carl Cox не завршија. Втората сесија мина во знак на тимот на ASXE следен тесно до RXR и од No.99 GMC HUMMER. Помалку од една секунда ги делеше трите тима по минување на целната линија, Но, тимот на ASXE заради откажување во втората рунда од втората квалификациска сесија не влезе во големото финале, а истото му се случи и на тимот на Neom McLaren. Во оваа сесија победи тимот на No.99 GMC HUMMER пред JBXE и Veloce Racing.

Големото финале го освои тимот на X44 кој успеа да ги надвози тимовите на RXR и на ABT Cupra во една од најголемите борби во сезоната. Веднаш по стартот Фрејзер МекКонел успеа да ја поведе трката успевајќи да ги престигне RXR и ABT Cupra од надворешна страна во првиот свијок. Ова престигнување се покажа како одличен потег бидејќи оттука па до крај тимот на -Х44 не го испушти водството. Дури и по замената на возачите Кристина Гутиерез остана во водство до победа. Меѓутоа не беше се така едноставно. Тесно следени од RXR и ABT Cupra не можеa да се опуштат ниту за миг. Иако во првиот дел од трката ABT Cupra со Лоеб зад волан успеа да избие пред RXR со Јохан Кристоферсон, Швеѓанецот во вториот круг по грешка на Лоеб успеа да се врати на второто место кое го задржаа до крај. Така тимот на ABT Cupra мораше да се задоволи со третата позиција. Тимот на No.99 GMC HUMMER беше четврти, додека тимот на JBXE не ја заврши трката.

 

Трката за искупување мина во знак на тимот на Veloce Racing, додека на тимот на ASXE се чинеше како ништо да не му оди од рака. После лошиот старт паднаа на четвртото место и останаа тука до крај. Екипажот на Veloce Racing имаше релативно мирна трка. Поведе од старт и лесно стигна до победа. Голема борба се водеше меѓу тимовите на Carl Cox и на Andretti. После неколку менувања на позициите тимот на Andretti Altawkilat беше тој што успеа да заврши на втор. Тимот на Carl Cox мораше да се задоволи со трета позиција. Тимот на Neom McLaren не успеа да ги надмине техничките проблеми од квалификациската сесија и воопшто не стартуваше.

Оваа четврта рунда од шампионатот ја разгорува борбата за титула пред влезот во финалето кое се одржува во Чиле. После осум трки лидер во шампионатот е тимот на Aciona Sainz XE кој има освоено 139 бода. Тесно зад нив со освоени 136 бодови е тимот на Rosber X Racing. Третото место му припаѓа на тимот на Veloce Racing со 118 бодови. Иако тимовите на No.99 GMC HUMMER со 99 бодови и на X44 Voda Carbon со 87 бодови прилично заостануваат, со оглед на неизвесноста која знае да се случи во трка прашањето за шампионската титула во Extreme E останува отворено до финишот на последната трка од сезоната. Последната рунда од сезоната, Бакарното Икс-при на Чиле е закажано за 2 и 3 декември. Ова Икс-при за првпат се возеше лани и беше претпоследен настан од сезоната.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.