EXTREME E–Исланд Икс-при на Сардинија-ДВОЈНА ПОБЕДА ЗА ПРЕВЛАСТ НА МЕДИТЕРАНОТ

20/07/2023

МИКАЕЛА АЛИНКОТУЛИНСКИ И ЈОХАН КРИСТОФЕРСОН ЗА ТИМОТ НА ROSBERG X RACING ОСВОИЈА СĖ ШТО МОЖЕШЕ ДА СЕ ОСВОИ НА НАСТАНОТ НА САРДИНИЈА. ДОБИЈА ДВЕ ТРКИ И ТРИ КВАЛИФИКАЦИСКИ РУНДИ, УСПЕХ КОЈ ПРВПАТ СЕ СЛУЧУВА ВО КУСАТА ИСТОРИЈА НА ШАМПИОНАТОТ ВО EXTREME E

 

Со единствена агенда, шампионатот на Extreme E кој во суштина претставува мотоспорт со конкретна цел, годинава повторно се истовари на медитеранскиот остров Сардинија. Минатата сезона Сардинија беше единствениот настан на кого се возеа две трки едноподруго. Концептот изгледаше толку добро што креаторите на Extreme E одлучија да го применат годинава на сите настани од календарот. Двете трки на Сардинија ја одбележаа средината од годинешната сезона и го подигнаа влогот за превласт во генерален пласман и ја зголемија неизвесноста. Минатата сезона Extreme E го сврте вниманието кон проблемите со кои се среќава тамошното население заради големите топлотни бранови. Тие се појавуваат како резултат на глобалното затоплување, а само минатата година предизвикаа преку 20.000 шумски пожари во кои беа уништени шуми, пасишта и живеалиштата на многу животни. Во пожарите најмногу настрадаа пчели. Проценките велеа дека се загубени преку 30 милиони пчели и дека ќе бидат потребни 15 години за да се обноват регионите зафатени со пожари.

 

Дека Extreme E не е само популистичка промотивна кампања се виде годинава. Преку соработката со поголем број на научници кои се занимаваат со видовите кои опрашуваат, а пчелите се на врвот на оваа скала, Extreme E најде солуција за побрзо враќање на пчелите на Сардинија. Иницијативата е да се засадат шуми од растенија кои се богати со нектар и кои треба да го забрзаат размножувањето на пчелите.

Овој проект е прв и единствен од ваков вид на Сардинија и токму учесниците и натпреварувачите од шампионатот помогнаа засадувајќи растенија на предвидените локации. Воедно научија многу за важноста на пчелите и нивното зачувување како врста. Поведен од разурнувачката сила на шумските пожари Extreme E во соработка со Vodafone Business создаде и иницијатива за нивно рано откривање преку поставување на предупредувачки сензори. Поврзани со глобалниот систем за позиционирање сензорите беа пуштени во функција пред почетокот на годинешната сезона на шумски пожари. Паралелно со оваа иницијатива се одвива и сочувувањето на вториот еко систем на Сардинија, а тоа е морската трева која полека исчезнува, а се смета за најголем заробувач на јаглерод диоксид на светот, и производител на кислород.

 

Да се осврнеме и на двете трки кои го одбележаа настанот на Сардинија. Се чини неверојатно што тимот Rosberg X Racing ја однесе победата и во двете трки и успеа да се искачи на позиција повисоко во генерален пласман.

 

Првата рунда од првата квалификациска сесија мина во знакот на RXR. После одличниот старт тимот на Нико Розберг не дозволи да биде загрозен иако беше тесно следен од тимот на ABT Cupra. Bез оглед на обидите и тесната разлика RXR прв мина низ целта добивајќи ја рундата. Третото место му припадна на тимот на Carl Cox во кого Кристина ГЗ ќе ја заменува Лиа Блок до крајот на сезоната. Американката е ќерка на славниот Кен Блок кој трагично загина на почетокот на годината. Втората рунда, пак, мина во знакот на тимот Andretti Altawkilat Extreme E. Слично како и во првата рунда тимот на Andretti водеше од старт до финиш победувајќи го тимот на Acciona Sainz кој заврши втор. Тимот на No.99 GMC HUMMER EV Chip Ganassi Racing го освои третото место. Во втората сесија на квалификациите првата рунда му припадна на тимот на Acciona Sainz. Борбата со тимот RXR беше жестока до самиот финиш. Сепак, на RXR не му успеа повторно да ја добие рундата. Трет заврши тимот на Veloce Racing. Тоа што не му успеа во претходната сесија тимот на GMC HUMMER го оствари во втората. Победи во втората рунда од сесијата со убедлива предност пред тимот на Andretti, додека тимот на ABT Cupra заврши трет. Освои доволно бодови за да се пласира директно во големото финале заедно со тимовите на Acciona Sainz, RXR, Andretti и GMC HUMMER. Дебитантот Лиа Блок и тимот на Carl Cox мораа да се задоволат со учество во Трката за искупување во која ќе се борат против Veloce Racing, NEOM McLaren, X44 Vida Carbon и JBXE.

 

Со оглед на одличните резултати во квалификациите се очекуваше сериозна борба во Големото финале. Посебно ако се земе предвид фактот дека во тимот на ABT Cupra на местото на Насер Ал-Атија возеше Себастијан Лоеб. Стартот на Големото финале донесе голема мешаница. Тимот на Andretti со Тими Хансен зад волан беше тој што поведе, но лошо избраната рута по која тргна и големата брзина го пратија на опашката после првото свртување. Тука Јохан Кристоферсон од тимот на RXR ја виде големата шанса и изби на чело тесно следен од Матијас Екстром од тимот на Acciona Sainz. Брзината на Хансен сепак му овозможи да се избори за третото место откако го престигна АрЏеј Андерсон од GMC HUMMER. Поредокот на првата тројка не се смени ниту по задолжителната смена на возачите. RXR остана на врвот тесно следен од Acciona Sainz, додека без оглед на обидите тимот на Andretti не успеа да се искачи во поредокот. Трката ја доби тимот на RXR. Прва победа за нив годинава. На второ место се пласираше тимот на Acciona Sainz, а на трето тимот на Andretti. Тимовите на GMC HUMMER и на JBXE мораа да се задоволат со четвртото и петтото место.

 

Трката за искупување ја добија искусните возачи на тимот на Veloce Racing. Тие поведоа уште на старт. Кевин Хансен тргна одлично и ја зазеде идеалната линија за да избие на чело по стеснување на патеката.

Сакајќи да го добие на ова место Андреас Бакеруд од JBXE возеше преблизу и нивните возила се допреа за среќа без поголеми последици. Odyssey 21 на Veloce Racing беше во подобра позиција да го задржи водството и успеа во намерата. До крајот на трката возеше напред и стигна до победа. Со слично допирање на возилата за второ место се избори тимот на NEOM McLaren. Тимот на Carl Cox, пак, поточно Лиа Блок, по замената на возачите успеа да се избори за третото место додека тимот на X44 Vida мораше да се задоволи со четвртата позиција на крајот од трката. Сепак, заради грешка при смената на возачката постава тимот на Carl Cox беше казнет со 15,5 секунди. Така тимот на X44 Vida го наследи третото место, а тимот на Carl Cox падна на четвртото.

 

Тимот на JBXE по судирот не стигна подалеку од стартот и мораше да се откаже. Втора трка на Сардинија целосно мина во знакот на тимот RXR. Микаела Алин-Котулински и Јохан Кристоферсон освоија сè што можеше да се освои во оваа трка. Победија и во првата и во втората рунда од квалификациите, а потоа ја добија и трката за Големото финале, нешто кое не му успеало на ниту еден тим од почетоците на шампионатот. Тимот на RXR лесно ги доби двете квалификациски сесии и директно се пласира во трката за Големото финале со максимален број на бодови.

Веднаш зад нив беше тимот на Acciona Sainz, додека тимот на Andretti се пласираше трет за влез во финалето. Таму се најдоа уште тимовите на GMC HUMMER и на JBXE, додека тимот на Veloce Racing за малку не успеа да влезе меѓу најдобрата петорка. На нив им остана Трката за искупување заедно со тимовите на NEOM McLaren, ABT Cupra, Carl Cox и на X44 Vida.

Целосната доминацијата на квалификациите тимот на RXR ја повтори и во Големото финале. Без оглед на одличниот старт кој како правило му се повторува на тимот на Andretti проблемите го стигнаа на првото свртување. Внимателно избирајќи ја патеката Кристоферсон од RXR успеа да избие на чело, а следејќи го неговиот пример Екстром од Acciona Sainz се протна низ метежот и се зацврсти на втората позиција. Без оглед што падна на крај од поредокот Хансен успеа да се врати и престигнувајќи ги возилата на GMC HUMMER и на JBXE се најде веднаш зад Екстром. Комфорното водство кое го создаде Кристоферсон после замената на возачите и овозможи на Котулински смирено да стигне до целта однесувајќи ја втората победа за тимот RXR на медитеранскиот остров. Тимот на Acciona Sainz безмалку возеше слична трка и без поголеми проблеми ја заврши трката како второпласиран, додека тимот на Andertti го пополни последното скалило од пиедесталот. Тимот на GMC HUMMER ја заврши трката на четврто место, а петтото место го пополни тимот на JBXE.

 

Трката за искупување се случи да биде поинтересна дури и од Големото Финале. Без оглед на обидите за превласт уште на старт искуството на Лоеб преовлада и неговиот тим ABT Cupra изби на чело тесно следен од Veloce Racing. И додека ABT Cupra возеше без проблеми на врвот вистинска мешаница се случи зад нив по замената на возачите. Во обид да го престигне багито на Veloce Racing Кристина Гутиерез од X44 Vida турна две знамиња кои ја означуваат патеката. Таа успеа во намерата, но веднаш по завршување на трката тимот доби казна од 20 секунди со што беше принуден второто место да му го отстапи на Veloce Racing. Секако победата отиде кај ABT Cupra, додека X44 Vida мораше да се задоволи со третото место. Тимовите на NEOM McLaren и на Carl Cox, исто така, беа казнети бидејќи предизвикаа судир и завршија четврти и петти.

Настанот на Сардинија на средина од сезоната донесе голем пресврт во шампионатот на Extreme E. Тимот на Veloce Racing кој пристигна како лидер на медитеранскиот остров падна на третото место во генерален пласман. Сега лидер е тимот на Acciona Sainz со вкупно 109 бода, додека тимот на Rosberg X Racing со освоените 105 бода се искачи на второто место. Veloce Racing има 95 бода, додека четвртопласираниот тим на GMC HUMMER има 80 бодови. Тимот на X44 Vida Carbon, пак, со 59 бодови паѓа на петтото место во шампионатот во календарот е Икс-При на Амазон кое се вози на 16 и 17 септември годинава. Ова Икс-При за првпат е дел од календарот на Extreme E.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.