Extreme E – ХИДРО ИКС-ПРИ – ГОЛЕМИТЕ ОСВОЈУВАЧИ НА ШКОТСКА

26/07/2024

ПОБЕДНИКОТ ОД МИНАТАТА ГОДИНА ТИМОТ VELOCE RACING СЕ ВРАЌА НА ЖЕШКАТА СЦЕНА ВО ШКОТСКА И НА ДВЕТЕ ТРКИ ОД ГОДИНЕШНОТО ИКС-ПРИ СЕ ЗАКИТИ СО УБЕДЛИВА ПОБЕДА ЛАНСИРАЈЌИ СЕ НА ВРВОТ ОД ТАБЕЛАТА ВО ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН.

 

Долго се чекаше на одлуката каде на тлото на Европа ќе се одржи вториот тркачки викенд од годинешниот шампионат во Extreme E. После многу превирања конечно раководното тело на шампионатот одлучи како и минатата година тоа да биде Шкотска. Евидентниот напредок на тамошните организации во намалување на влијанието на глобалното затоплување врз ранливиот еко-систем на Шкотска беше пресуден зелениот шампионат повторно да го сврти вниманието на светската јавност кон овој зелен рај на северот од британскиот остров.

Иницијативата која започна минатата година за враќање на Атлантскиот лосос во своето природно мрестилиште во реката Нит работи со полна пареа под капа на Extreme E. Покрај пошумувањето кое има за цел да ја намали температурата на водата, преземени се чекори и за спречување на ерозија на брегот која ги уништува местата за мрестење и веќе положената икра на лососот.

Напредната фаза во претворање на затворениот рудник за јаглен од отворен коп во зелена електрична централа со фарма од ветерници за струја, услови да се смени патеката на која се возеше минатата година. Новата рута се смета за најтешка во шампионатот и воедно највозбудлива. Патеката изобилува со големи спустови кои преоѓаат во неколку големи скокови, а по нив нагло се влегува во свијок. Ваквата релјефна конфигурација ја прави исклучително тешка за совладување, посебно при висока брзина.

Тимот на Veloce Racing кој годинава заради новите спонзори настапува под полно име E.On Next Veloce Racing беше апсолутен победник. Лани победи на една од двете трки на Хидро Икс-При на Шкотска, но затоа сега освои сѐ што можеше да се освои на најсеверниот дел на Британскиот остров. Се чини дека на возачката постава Кевин Хансен и Моли Тејлор им одговара оваа екстремна патека. Уште на слободниот тренинг беа побрзи од останатите навестувајќи дека ќе го имаат главниот збор и за време на квалификациите и во трка.

 

НИЗ ФЕР-ПЛЕЈ ДО ПОБЕДА

Токму тоа и се случи. Доминираа на квалификациите за првата трка. Победија и во првата и во втората квалификациска сесија пласирајќи се директно во Големото финале. Во првата сесија Хансен и Тејлор водеа битка со тимот на Sun Minimeals. Но, заради некоректната борба на Тимо Шнајдер, Sun Minimeals беше казнет. Сепак, дури и без казна Veloce Racing ја доби битката, а преголемата желба на вториот возач на Sun Minimeals Клара Андерсон заврши со превртување откако автомобилот мина низ целта. И во втората сесија Veloce Racing во директна и чиста борба ја победи конкуренцијата.

Според прикажаното на квалификациите очекувањата за победникот во Големото финале на првата од двете трки во Шкотска се остварија. Фаворитот Veloce Racing ја доби оваа рунда со убедлива предност. Имаа совршен старт и веднаш избија пред конкурентите. Како се разгоруваше борбата за второ место меѓу тимот на Карлос Сајнц ASXE со Лаја Санц зад волан и Andretti Altawkilat со Тими Хансен,  беше оставен простор за тимот на Veloce Racing да напредува без да биде загрозен. Моли Тејлор постојано ја зголемуваше предноста и го доведе Odyssey 21 на Veloce Racing до целта забележувајќи убедлива победа. Од борбата меѓу тимот ASXE и тимот на Andretti поуспешен беше оној на Карлос Сајнц. Лаја Санц успеа да го надвози Тими Хансен и да му ја земе втората позиција од рака. Четвртиот тим во оваа трка Rosberg X Racing не стигна до целта заради големи оштетувања на автомобилот по судирот со Odyssey 21 на Andretti Altawkilat на почетокот од трката.

Трката за искупување мина во знак на тимот Legacy Motor Club откако Британецот Патрик О’Донован успеа да ги надитри Тимо Шнајдер од Sun Minimeal и Аманда Соренсен од тимот на Џенсон Батон JBXE. О’Донован го искористи не вниманието на Шнајдер и Соренсен кои беа зафатени во меѓусебна битка и успеа да мине крај нив создавајќи солидна предност до крајот на трката. Мина прв низ целта и му ја донесе победата на својот тим. Шнајдер се избори за второто место на својот тим, додека Соренсен мораше да се задоволи со третото место. Тимот на Neom McLaren не ја заврши трката заради технички проблеми.

 

МУДРО ДО ПОБЕДА

Квалификациските сесии во втората трка прикажаа големи превирања. Повеќе тимови победија на одделните квалификациски сесии. Без оглед што немаше целосна доминација како на квалификациите од претходниот ден, сепак благодарение на постабилните перформанси тимот на ASXE се пласираше на врвот од квалификациската сесија. Иако имаше помалку бодови отколку тимот на Veloce Racing на претходната трка. Второто место му припадна на тимот на Нико Розберг RXR кој во претходната трка го оштети автомобилот и се откажа. Додека за Veloce Racing остана третото место. Сепак и тоа беше доволно за пласман во Големото финале. Четврти се пласираше тимот на Andretti Altawkilat.

Очекувајќи многу позамрсена трка во Големото финале тимот на Veloce Racing смисли совршена тактика како да ја добие и оваа рунда во Шкотска. И додека на претходната трка Моли Тејлор стартуваше прва, сега тимот одлучи трката да ја започне Кевин Хансен. Искусниот Швеѓанец изведе безмалку совршен старт и ја поведе трката пред Лаја Санц. Возеше извонредно и додека дојде времето за менување на возачите Хансен создаде предност од 10 секунди. Иако при замената Veloce Racing загуби малку повеќе време од ASXE сепак Тејлор имаше добри 8.8 секунди пред Фрејзер Мекконел. Разлика која не ја испушти до крај на трката без оглед што Мекконел не престана да напаѓа. Третата позиција лесно ја освои тимот на Andretti бидејќи тимот RXR дупна гума и загуби многу време.

Голема битка меѓу четири тима ја одбележа првата половина од Трката за искупување. Секој од тимовите JBXE, Legacy Motor Club, Neom McLaren I Sun Minimeals имаше подеднакви шанси за победа. Дури и при влегувањето во зоната за замена на возачите разликата беше тесна. Оттаму прва излезе Греј Лидбетер од Legacy Motor Club тесно следена од Матијас Екстром од Neom McLaren. Иако Американката поведе, сепак водството не траеше долго. Искусниот Екстром брзо ја престигна и му ја донесе победата на својот тим. Legacy Motor Club мораше да се задоволи со второто место. Проблеми со автомобилите не им дозволија на JBXE и на Sun Minimeals да се борат за повисок пласман. Sun Minimeals завршија трети, а JBXE четврти.

Двојната победа на вториот настан од сезоната му помогна на тимот на E.On Next Veloce Racing од трета да се искачи на водечка позиција во генерален пласман. Со освоени 87 бодови тимот цврсто стои на врвот следен од тимот на Acciona Sainz XE кој има 78 бодови. Лидерот по првиот настан тимот RXR падна на трето место со освоени 67 бодови.

Следниот настан кој треба да се одржи е закажан за септември. Станува збор за исклучително атрактивните трки од Исланд Икс-При на Сардинија кои се возат на 14 и 15 септември и една седмица подоцна на 21 и 22 септември.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ