ТИМОТ НА ROSBERG X RACING СО ЈОХАН КРИСТОФЕРСОН И МИКАЕЛА АЛИН-КОТУЛИНСКИ ЗАД ВОЛАН НА ЕЛЕКТРИЧНОТО БАГИ ODYSSEY 21 ПО ВТОР ПАТ СТАНА ШАМПИОН НА EXTREME E, ОТКАКО ЛАНИ ТИТУЛАТА МУ ПОБЕГНА ЗА САМО ДВА БОДА
Откако трките на Extreme E минатата сезона наидоа на одличен прием во Чиле, шампионатот одлучи годинава повторно да се врати на тлото на пустината Атакама и да продолжи да ги промовира тамошните напори за намалување на негативното влијание што го има рударството врз животната средина.
Место на збиднување повторно беше градот Антофагаста кој е центар на рударството во Чиле уште од средината на 19 век. Околу него се наоѓаат трите најголеми рудници на бакар на светот од отворен коп чие негативно влијание за малку ќе уништело повеќе ендемски видови на флора и фауна и ќе ги избришело од мапата на земјината топка. Меѓутоа групата Антофагаста Минералс која ги поседува рудниците во 2019 година започналa низа проекти благодарение на кои бројноста на загрозените видови почнала да се враќа, па дури и да расте во однос на бројноста пред да почне нарушувањето на природата. Промовирањето на овие активности на рударската компанија од Extreme E минатата година донело поголем интерес и низа предлози за унапредување на проектите. Последниот настан од годинешниот шампионат во Extreme E како и лани повторно се возеше во прегратките на пустината Атакама, најсуровото место на планетата со помалку од 1 mm дожд на метар квадратен на годишно ниво, и екипажите повторно се сретнаа со суровите услови кои владеат на ова место. Се повтори и минатогодишниот ролекостер од патека која изобилува со големи косини и претставува сериозен предизвик за совладување сам по себе, на страна од лутите меѓусебни дуели кои неретко доведуваат до судири и превртувања. Годинава организаторите направиле мали измени оставајќи на патеката повеќе скокови кои се најатрактивниот дел од трките.
Тимот Aciona Sainz XE – ASXE на овој последен настан од сезоната влезе со блага предност пред тимот RXR, но со оглед на неизвесноста која знае да се случи на трките од Extreme E, подеднакви шанси за освојување на титулата имаа и тимовите Veloce Racing, No.99 GMC HUMMER и X44 Vida Carbon. Оваа тесна распределба меѓу тимовите ветуваше разгорување на голема борба на последните две трки од сезоната кои го сочинуваа настанот во Чиле. Борбата за титула се разгори уште за време на квалификациите од деветтата трка. Прв и со најмногу бодови во Големото финале влезе тимот на X44 Vida Carbon кој победи во втората рунда од првата сесија и беше втор во втората рунда од втората сесија. Зад него се најде тимот на Veloce Racing кој победи во првата рунда од првата сесија, но иако не заврши во втората квалификациска сесија сепак освои доволно бодови за пласман. Rosberg X Racing имаше голема среќа во првата сесија бидејќи дупна гума после судирот со багито на NEOM McLaren. Гумата беше заменета, но времето загубено. Сепак, багито на RXR успеа да се пласира на четвртото место по откажувањето на тимот ASXE заради технички проблем. Тимот NEOM McLaren заврши трет и заедно со RXR се пласираше во Големото финале. Последен тим со пласман беше ASXE. Тие имаа откажување, но и победа во втората квалификациска сесија. Иако освоија ист број на бодови со тимовите Carl Cox Motosport, Andretti Extreme E и JBXE го добија пласманот заради победата. Тимот на RXR ја освои победата во Големото финале и го поведе шампионатот со една трка до завршница на сезоната. Сепак, на стартот лебдеше неизвесност и постоеше голема тензија бидејќи четири од петте тимови кои стартуваа сè уште беа во трката за титула. Силниот старт го лансираше тимот ASXE на водечка позиција додека во првиот свијок RXR успеа да се избори за втората позиција и се залепи близу до нив. X44 мораше да ги следи од третата позиција со обиди за престигнување. NEOM McLaren, пак, заостануваше на четвртото место. Кога стивна густиот правлив облак предизвикан од стартувањето на стартната линија можеше да се забележи возилото на Veloce Racing. Техничките проблеми го спречија да стартува и тимот мораше да се откаже. Првиот круг од трката мина без менување на позициите, но веднаш по смената на возачите тимот на RXR успеа да му побегне на багито на ASXE и создаде мала предност. Го сочува водството и победата дојде очекувано. ASXE завршија минорни 0,356 сек. зад нив, а на трето место се пласираше тимот X44. Добриот резултат од Големото финале им помогна на RXR и на ASXE да се издвојат во трката за титула со 164 и 158 бодови соодветно. Зад нив се најде Veloce Racing со 129 бодови, а No.99 HUMMER со 105 бодови и X44 со 103 бодови веќе далеку заостануваа.
Последната трка од сезоната и втора на настанот во Чиле блесна како круна на сезоната која заврши со едно драматично финале. Сите влогови беа на маса за тимовите на Rosberg X Racing и на Aciona Sainz XE. Тимот на RXR за влакно ја испушти победата во првата рунда пласирајќи се на второто место со 0,863 сек. зад NEOM McLaren. Наспроти нив ASXE победи во втората рунда разгорувајќи ја борбата за титула. Во втората сесија ASXE и RXR возеа ги освоија второто и третото место. Заради лошиот пласман во квалификациите RXR влезе во трката за Големото финале на петтата позиција. Наспроти нив тимот ASXE беше прв. Меѓу нив се наредија тимовите на Veloce Racing, NEOM McLaren и X44.
Драматичното Големо финале последно во сезоната беше набиено со акција од самиот старт и му припадна на тимот на Veloce Racing. Тимот докажа дека неговите возачи имаат брзина, но непостојаноста не им дозволи да влезат во трката за титула. Се чинеше дека тој што ќе извојува предност на стартот ќе ја однесе и победата во оваа трка. Затоа Матијас Есктром од ASXE беше човекот кој изведе совршен старт и ја поведе трката. Кевин Хансен од Veloce Racing успеа да се пикне зад него возејќи буквално на браник. Обидувајќи се да се протне крај нив од внатрешна страна во првиот свијок Јохан Кристоферсон од RXR закачи на брег и го лансираше својот ODYSSEY 21 странично на две тркала. Неверојатно е како Швеѓанецот успеа да ја задржи контролата и да го спушти багито на четири. Но, акробацијата го чинеше дупната гума која мораше да се замени и тој падна на петтото последно место. Врвот од поредокот остана не сменет до времето за менување на возачите. Veloce Racing и ASXE менуваа совршено и веднаш продолжија. Но, Танер Фауст од NEOM McLaren не успеа да сопре на време во зоната на менување и удри во багито на X44. По ударот ODYSSEY 21 на NEOM McLaren беше уништен и тимот мораше да се откаже од трката, иако со оштетувања на возилото тимот на X44 можеше да ја продолжи трката. За жал нивниот ODYSSEY 21 ја немаше веќе истата брзина и тимот иако остана на патека реално беше надвор од трката за повисок пласман. Со ваков распоред на силите тимот на RXR не мораше да форсира. Третото место секако му беше загарантирано, а со него и титулата во колку тимот на ASXE завршеше втор. Токму на ASXE победата му беше преку потребна бидејќи со неа ќе дојдеше и титулата. Во еден свијок, во обид да го престигне ODYSSEY 21 на Veloce Racing со Моли Тејлор зад волан, Лајла Санц ги надмина способностите на својот ODYSSEY 21 лансирајќи го во серија превртувања по што возилото беше толку оштетено што не можеше да продолжи. Така желбата за победа се претвори во дебакл. После оваа егзибиција Veloce Racing мирно ја заврши трката со победа. Следствено второто место му припадна на RXR, а со него и втората титула од постоењето на шампионатот.
Без оглед на победата во последната трка од сезоната тимот на Veloce Racing не успеа да го престигне тимот на ASXE во генерален пласман и покрај неговото откажување. Крајниот исход сепак беше во корист на тимот на RXR кој со освоени 182 бодови ја понесе шампионската титула. Тимот на ASXE годинава успеа да освои најмногу 171 бодови, додека третопласираниот Veloce Racing освои 155 бодови.