Постојат стотици начини како да го украсите вашиот дом за претстојниот Велигден. Затоа, време е да се посветите на истражување околу декорацијата на просторот во кој живеете, така што ќе оддишува со елеганција и празнична атмосфера.
Велигден е најсреќниот христијански празник, затоа и декорот на вашиот стан или куќа треба да биде весел, разнежен, полетен. Плус, самиот чин на украсување на вашиот простор може да биде идеална можност да ги вклучите и децата, кои ќе му дадат свој печат на овој празник.
Шарени јајца, велигденски зајачиња, гнезда од трева или сено, гранки цвеќе, свеќи, мов, шарени бонбони и чоколади во разни форми се само некои од стандардните украси што го симболизираат Велигден и секогаш се добредојдени како декорација. Се разбира, и боите. Шарена или еднобојна, светла или пастелна, традиционална или ултрамодерна, децентна или минималистичка – не постојат правила на дизајнот за Велигден. Ваше е да изберете што најмногу ви се допаѓа и што најдобро одговара на стилот на вашиот ентериер.
Можете да направите велигденско дрвце како пандан на новогодишната елка. Ако вашите гости дојдат на велигденски ручек, дрвцето можете да го украсите со специјално креирани јајца, како подарок за секој гостин. Јајцето е симбол на обновување на природата и животот, затоа обрнете посебно внимание на бојадисувањето. Иако нашата традиција наложува јајцата да се фарбаат во луковина или во црвена боја, денес ви е дозволено да бидете инвентивни, па можете јајцата да ги украсувате на различни начини.
Велигден е поврзан со пролетта. Вашиот дом нека процвета, буквално. Цвеќињата што најмногу се поврзуваат со Велигден се лалињата и зумбулите. Украсете го вашиот дом со лалиња во пастелни тонови или изберете зумбул што ќе го исполни просторот со мирис на пролетта.
Декорацијата на трпезата за велигденскиот ручек е многу важна. Погрижете се за сè. И меѓу прстените за салфетките, соларниците, есцајгот и приборот за сервирање „вметнете“ ја празничната атмосфера. Бидете креативни, во вазната ставете гранчиња и цвеќиња на кои ќе закачите јајца со порака „Среќен Велигден!“.
Вашиот дом нека оддишува со позитивна и празнична атмосфера во која ќе уживаат и домашните и вашите гости.
Ви посакуваме среќни велигденски празници!
ЧОКОЛАДЕН ЗАЈКО ОД 50.000 ДОЛАРИ
Да ве потсетиме на велигденскиот чоколаден зајко, со дијамантски очи, чија цена достигна неверојатни 50.000 американски долари, рачно изработен во 2015-тата…
Оваа „резбарска“ креација, дело на доста наградуваниот слаткар Мартин Шиферс, беше направена од едно парче Tanzania Origin луксузна чоколада. Зајкото имаше посебен сјај во очите благодарение на софистицираните дијаманти вредни над 30.000 евра. Двата совршени дијаманти, кои потекнуваа од куќата за накит 77 Diamonds, имаа вкупна вредност од 1,7 карати. Тежок беше околу пет килограми, висок 38 см и содржеше многу, многу вкусна чоколада. Оние што сакаа да го пробаат зајкото имаа можност да купат парче, кое беше убаво спакувано и така имаше рок на траење до 2 години. Патем, беа потребни два дена работа за да се направи, како и многу детали за да изгледа совршено. Во исто време, поставувањето на дијаманти не беше ни малку лесен процес. Исто така, зајкото наместа беше покриен со златни листови, придружен со чоколадни јајца.