Eлектричнo пловилo-ЗА ЛЕТНИТЕ ГОРЕШТИНИ

05/08/2024

НЕМА ЗАГАДУВАЊЕ ОД БУЧАВА НАД И ПОД ВОДА, НЕМА ТЕЧЕЊЕ ГОРИВО ВО ВОДИТЕ, НЕМА ЗАГАДУВАЊЕ ОД ИЗДУВНИ ГАСОВИ ПОД ВОДА, А НИТУ НАД ВОДА. ЗАТОА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ПЛОВИЛА СЕ ВИСТИНСКИОТ ИЗБОР ЗА УЖИВАЊЕ НИЗ ЕЗЕРСКИТЕ И МОРСКИ ВОДИ. ВО ТЕКСТОВ ПРЕТСТАВУВАМЕ ТОКМУ ТАКВО ПЛОВИЛО, ЕЛЕКТРИЧНО, НО ЛУКСУЗНО И НАМЕНЕТО САМО ЗА ПОЧИТУВАЧИТЕ НА МАРКАТА МАСЕРАТИ

 

Летото уште од почетокот ја покажува сета своја силина и не попушта, а еден од „лековите“ за разладување секако е убава сенка под некое раскошно дрво, но може да биде и кабриолет, а заедно со него и „симпатична“ мала јахта. Токму ваква комбинација нуди Масерти. Да, Масерти, производител на врвни купе автомобили (и лимузини) за ова лето претстави мало пловило, јахта наречена „масерати триденте“ направена заедно со компанијата Вита Паувер. На малото пловило има доволно место да уживаат осум лица и да се разладуваат од езерскиот воздух на Лаго ди Комо или Лаго ди Гарда, а зошто не и на нашите езера. Да не одиме подалеку од долгите километри на крајбрежјето од Апенинскиот Полуостров каде „масерати триденте“ може слободно да царува, а ако таму му е досадно бидејќи брегот е едноличен и неразгранет, може слободно да „скршне“ и ужива на хрватското приморје, да заплови низ Националниот Парк Корнати или, пак, на поголемите острови Крв, Брач, Хвар итн. Некои ќе кажат пловило како и секое друго. Да, Масерати е, има малку поинаков, но сепак убаво испеглан облик кој потсетува на класиката. Посебното во „масерати триденте“ е неговиот електричен погон составен од два електромотори со вкупна силина од 600 КС. Предноста на електричниот погон е тоа што кај него нема загадување од бучава. Бродските и вонбродските мотори со внатрешно согорување создаваат многу бучава како за животната средина над водата, така и за подводниот свет. Потоа следи загадувањето од согорувањето на фосилните горива како во воздухот, така и во водата. Неретеко во водата истекува гориво, а тоа најмногу може да се примети во пристаништата, каде истеченото гориво плива на површината од водата и шири непријатна миризба. Состојбата со електричниот погон е сосема поинаква. Овој погон е многу пати потивок, не испушта гориво во водата и не испушта издувни гасови.

„Масерати триденте“ користи 252 kWh батерија која може да се наполни до 90 отсто за време покусо од еден час, а со едно полнење „масерати триденте“ може да измине 43 наутични милји со брзина од 25 (крстосувачка брзина) до 40 јазли (крајна брзина). Тоа е еднакво на околу 40 до 72 км/ч, брзини кои се повеќе од доволни за крстосување низ морската шир. Точно е тоа дека 43 н. милји (80 км) се малку за крстосување, но ова пловило е наменето за куси прошетки, или за патниците од големите јахти да појдат до брегот или од брегот да се вратат на јахтите. Батерискиот дел сè уште не е толку совршен за да може пловилото да измине на пример 700 – 800 км, но и тоа ќе биде. Бидејќи батериите се тешки, материјалите од кои е изработено пловилото водат потекло од работилницата на другата страна од Атлантикот, а нејзиното име е Хогдон Јахтс, со седиште во градот Мејн, компанија специјалист за производство на лесни материјали од јаглеродни влакна.

Ова пловило проткаено со луксуз, заслужува да биде во заедништво со кабриолет од истата марка. Затао, Масерати за наредната година подготвува „масерати гран кабрио“ со скоро 800 електрични коњи. За производство на еден „масерати триденте“ потребни се од осум до десет месеци, така што нарачката ќе стаса навреме заедно со „гран кабриото фолгоре“, каде фолгоре е придавка за електрифициран модел кај Масерати, а во првод значи молња. Цена? За „масерати гран фолгоре“ ќе треба да издвоите 220.000 евра, а за „масерати триденте“ 12 пати повеќе од претходно наведената сума или точно 2,6 милиони евра. Скапо, но го имате потписот Масерати и згора на тоа природно се разладувате, а не вештачки под клима уреди.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ