На поводик нова марка од семејството на луксузни спортски автомобили. Каубојците имаат сè почнувајќи од нивното „големо јаболко“, потоа авионите, бродовите, ракетите со кои неколку пати беа на месечината и да не набројуваме – имаат сè, но едно не, а тоа е хипер автомобил на електричен погон. Имаат такво купе задвижувано од мотор со внатрешно согорување направено од работилницата Вектор, но сè уште немаат конструирано електро хипер купе. Имаат уште по некој хипер модел, но да не одиме во детали.
Два лика играат главна улога, Карлос Сатуловски и Мауро Саравија. Обајцата се Аргентинци и се познаваат уште од деца. Но како што бива во животот секој тргнува по својот пат. Карлос Сатуловски оди во САД и таму станува пилот, а Мауро Саравија останува дома и патот го води во конструирањето погонски агрегати наменети за трки и менаџирање со тимови. Уште од времето, 1985 година, имале на ум да конструираат ултра лесен авион, но идејата ја напуштиле поради многу проблеми, но тоа не значи и откажување. Откако повторно се сретнуваат во 2014 година нивниот немирен дух ги води до идејата да направат супер брз спортски автомобил и затоа ја создаваат компанијата Илејшн. Приказната за нивната повторна средба и формирањето компанија се одвива во Калифорнија. Двата лика почнале да работат на случајот електро хипер автомобил и стасале до негово претставување. Купе со три или четири електромотори, а за „класичарите“ – V10 5,2 литарски мотор позајмен од Ауди заедно со седумстепениот автоматски менувач.
Според првичните најави, автомобилот ќе има два електрични погони, првиот е составен од три, а вториот, побрзиот, од четири електромотори. Првото купе располага со 1434 КС, додека второто има дури 1929 КС. Како што велат од компанијата Илејшн, максималната брзина изнесува 418 електронски ограничени километри на час. За поклониците на класиката (мотор со внатрешно согорување) Илејшн нуди купе со силина од над 760 КС и максимален вртежен момент од 664 Нм. Затоа автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 2,5 секунди и постигнува крајна брзина од 386 км/ч.
Да не заборавиме да го спомнеме останатиот дел од тимот кој работи во компанијата, покрај основачите. Тоа е тим составен од луѓе кои буквално до вчера работеле во некој од тимовите во Формула 1, тие од серијата Леман и на нив сличните. Кој од кој поискусен и поголема ѕверка во својот занает. Тимот е на своето работно место, компанијата основана, планот се знае кој е, така што дури и цената на примероците е позната. Бидејќи автомобилот наречен „фридом“ ќе биде произведен во строго ограничена количина, пресметано е еден примерок да чини не помалку од 2,0 милиони долари.
Сето ова е убаво, само уште дружината од експерти да го „испрати“ првиот примерок надвор од работилницата. Сè постои, но само во компјутер и засега ништо не е материјализирано во купе автомобил. Сè уште нема многу фото апарати, нема блицеви пропратени со аплаузи од новинарите и поканетите гости. Кога тоа ќе се случи не е познато, затоа што компанијата Илејшн ништо не спомна за и околу првото прикажување на купето „илејшн фридом“ пред светската јавност. Кога каубојците ќе имаат електро хипер автомобил?