Едрење-ЗА ЕДЕН ПОИНАКОВ ЛЕТЕН ОДМОР…

27/06/2024

СО ДОАЃАЊЕТО НА ЛЕТОТО СЕКАКО ДЕКА ВО ЖИЖАТА НА ВНИМАНИЕТО Е И ПРАШАЊЕТО ЗА НАЧИНОТ НА КОЈ ЌЕ ГО ПОМИНЕТЕ ОДМОРОТ, БЕЗ ИСКЛУЧОК НА НЕГОВАТА ЛОКАЦИЈА, МЕСТО. АКО НЕ СТЕ ГО ИСКУСИЛЕ ПЛОВЕЊЕТО СО ПОМОШ НА ЕДРА, МОЖЕБИ Е ВРЕМЕ ДА ГО ДОЖИВЕЕТЕ. БИДЕТЕ СИГУРНИ, ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ВИ ОСТАНЕ ВО МЕМОРИЈАТА. НЕ САМО ПОРАДИ ВОЗБУДАТА ШТО ЈА НОСИ СО СЕБЕ ТУКУ И ЗАРАДИ НЕПРИКОСНОВЕНОТО ЧУВСТВО НА СЛОБОДА, КОЕ ГО ДАВА

 

Доколку ù припаѓате на групата луѓе што за време на летниот одмор се навикнати да се будат во климатизирана, комфорна хотелска соба, по студениот туш во раат да го испијат утринското кафе, додека „скролаат“ по социјалните мрежи и размислуваат како да го поминат денот, кој специјалитет да го одберат за ручек…, тогаш не се впуштајте во авантура од овој тип затоа што едрењето е сосема спротивно. Без оглед на луксузот со кој се одликува едреникот (јахтата) каде што ќе бидете неколку дена, едрењето или пловењето со помош на едра во кои дува ветерот и го движи бродот е рамен на акција, исто како и извидничкиот логор, кампувањето, преноќевањето во планинарски дом на железен или пак во кревет на два ката, со многу адреналин. Патем, возбудливите доживувања се загарантирани, заедно со неприкосновеното чувство на слобода што го дава, додека уживате во погледот на бескрајната морска ширина чии бои постепено преминуваат од една во друга  нијансирајќи ја. Темносината се прелева во светла, до белузлава, сребренеста. И сето тоа проследено со атмосферско струење на воздухот, понекогаш и доста силно, предизвикувајќи бранови.

ПОЈАДОК НА ЕДНО, РУЧЕК НА ДРУГО МЕСТО, ВЕЧЕРА НА ТРЕТО

Искуството нема пресудно значење. Желбата, намерата и расположението се решавачки за да се одлучите за него. А искусните едриличари, пак, никогаш не забораваат да ја споменат и важноста на друштвото за убавиот помин, вклучувајќи ги и незаборавните спомени. Хомогеноста на екипата се гледа не само во заедничкиот интерес кој ги спојува ами и во стилот на живеење што е горедолу ист. Во него спаѓа и ритамот на денот, рутината… Вештината на едрењето се стекнува со практиката, додека почетниците за првпат ќе се соочат со предизвиците. Меѓу нив секако е и слободата на движењето и мобилноста појадок на едно, ручек на друго место, вечера на трето, заедно со можноста постојано да се истражува.

Окружувањето со природата само по себе ја намалува потребата од користење социјални мрежи, техника…, истовремено е и совршено за ментална детоксикација. Доколку имате неодложни работни обврски кои можат да се извршуваат и онлајн, земете го предвид фактот дека сите добри едреници (јахти) располагаат со интернет.

Пловните објекти за едрење ги имаат буквално сите поволности како и секој дом, само што се помали. Генерално, спалните соби се задоволителни, имаат и орманчиња и полици. Впрочем, таму се минува само дел од времето, колку да се одмори. Сè всушност се случува во т.н. кокпит, вклучително и магијата, како што велат наутичарите. Купатилото е најмало, дури трипати помало од тоа на кое сте навикнале. Мијалникот и тушот се во едно, поседува и орманче и огледало и држачи за крпи, како и тоалетна школка. Кујната овозможува комфор, удобна е. Има и шпорет на плин со рерна и садоперка (дупла) и ладилник, вклучувајќи ги просторот за готвење и трпезаријата. Клунот е познат и како тераса за сончање каде што се прават и најубавите фотографии.

Почитувањето на правилата за убаво однесување или бонтонот е суштинско, буквално сите се разумни. Едреникот (јахтата) секогаш треба да биде уреден, сè да е на своето место за во случај на невреме да не барате. Штедете ги ресурсите водата и струјата. По правило, тоалетот се користи исклучиво за време на пловењето, во лагуните, кога бродот е усидрен, внимавајте да нема капачи. Во марините е забрането се разбира, доколку пловниот објект нема танкови за т.н. црна вода. Кога има гужва, можете странично да се врзете за друг брод. Никој нема право да ви забрани да минете покрај него за да стигнете до брегот, но културно е да го прашате. Избегнувајте да се движите откај т.н. кокпит за да ја сочувате неговата приватност. Затоа поминете покрај клунот. За да избегнете расправија, бидете толерантни, пројавете трпеливост кон другите, односно екипата. И секако, не правете ѓубре. Отпадоците не ги фрлајте во морето.

ИЗБОРОТ НА ЕДРЕНИКОТ (ЈАХТАТА) Е СУШТЕСТВЕН

Фактот дека сезоната на едрење тукушто започна и ќе трае до крајот на октомври, доколку не сте одлучиле каде ќе одите на одмор, како ќе го поминете, со кого…, пловењето со помош на едра би можело да биде ваша опција. Регатите веќе се во полн ек, благодарејќи на временските услови, температури од 21 до 27 степени. Медитеранот е идеален за едрење, умерената клима го овозможува тоа. Сепак, доколку се решите на поголеми далечини, знајте дека сезоната во Англија е подолга и трае од март до ноември, а на Карибите, пак, започнува во декември, завршува во мај (пикот е од јануари до мај). Деталниот план ќе ви помогне да се соочите со проблемите на едноставен, прост начин, вклучувајќи го и подробното информирање. Сигурноста нема цена, исто како и уживањето на слободата. Довербата во навигаторот и во самите себе ќе допринесе за целосно да му се препуштите, во некоја лагуна од соништата, на пример. Или некаде во непрегледната ширина додека го гледате зајдисонцето. Има време за сè, буквално. И за дружење и за приготвување нешто специјално уловената риба, можеби. Со добро вино и муабет на кој не му се гледа крајот.

За впечатокот да биде комплетен, изборот на едреникот (јахтата) е суштествен. Многу фактори влијаат на него, меѓу нив и мотивот што ви е побитно, едрењето и здобивањето со искуство, знаење или пак одморот и благодатот на водата, летото. Во првиот случај нема потреба од нов брод. Може да биде и постар (од 7 до 10 години), ама во добра состојба предиспониран за пловење со помош на едра. Исто така, резервоарите за вода (нивниот број и големината) се пресудни за едрењето да го поминете на море, а не во марина. Во вториот случај ќе мора да изберете понов едреник (јахта), можеби со платформа за капење, скара… Удобноста игра важна улога, бродовите се класифицираат и според бројот на кабините, од 2 до 6. Најчесто имаат по 3, 4 или 5. Во зависност од вашите преференции, можете да инсистирате и на генератор и на климатизер и на надворешен џи-пи-ес. Цените за седумдневно најмување се движат од 2.000 €, па нагоре. Докај 6.000. Но, претходно размислете дали да се упатите на југ, кон север… И определете ја маршрутата. Не заборавајте да почнете и со кондициски вежби, за секој случај.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ