DS SM TRIBUTE CONCEPT – РЕТРО КУПЕ ОД ДС

17/09/2024

Исто како некогаш, така и денес Цитроен ја изненадува јавноста со по некој несекојдневен облик. Тоа е нешто како заштитен знак на Цитроен, одлика што ја немаат другите марки. Таа посебност Цитроен успеал да ја зачува низ децениите, така што тоа преминува во еден вид традиција.

Цитроен му приреди уште еден „бал“ на светот по којзнае кој пат со убавина наречена „дс см трибјут концепт“. Со овој концепт Цитроен ја прославува 10 годишнината од создавањето на луксузната дивизија (марка) ДС и 55 години од појавувањето на купето „дс см“. Кога купето „дс см“ се појави, јавноста беше многу изненадена од неговиот вонсериски облик, нешто долго, широко и премногу ниско, предизвикувајќи шок за присутните при светската премиера. За тоа време изгледот на „цитроен дс см“ е вистинска авангарда. Сиот тој шок го приредил дизајнерот Роберт Опрон.

Светот не може да ги заборави тие некогашни успешни облици. Затоа човештвото многупати се навраќало на нив. Сега Цитроен, односно новосоздадената марка ДС го враќа купето „дс см“ како концепт и сигурно го подготвува да биде изложено на годинашниов Салон за автомобили што секоја втора година се одржува во Париз. Концептот „дс см трибјут“ е убавина на тркала. Едноставен дизајн, но во таа едноставност се крие раскошот и скриената агресивност која е својствена само за купе автомобилите. Димензиите се речиси исти со тие на купето од пред 55 год. – должина 4,94 м. ширина 1,98 м. и 1,35  м. Висина, само што кај новово купе (концептот) ширината е зголемена за 14 см. Останатите димензии се скоро исти, се разликуваат во +/- два до три сантиметри и тоа е сѐ. Најниската точка на „дс см трибјут“ се наоѓа на само 12 см над подлогата (на пример, асфалтот). Тоа исто растојание кај оригиналниот „цитроен дс см“ изнесува 15,5 см.

Правоаголно управувачко тркало кое нема механика, туку сета работа ја извршува електрониката преку жици, задните тркала се делумно затворени од школката исто како на тогашното купе со цел да се постигне што е можно подобра аеродинамика,  внатрешност прекриена со кожа, закривена табла со инструменти по облик иста како и некогаш, но со денешна технологија.

Да се надеваме дека убавинава на тркала наскоро ќе влезе во сериско производство, но со дизајн ист како што сега го има концептот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ