DS E TENSE PERFORMANCE PROTOTYPE-ДС ПРЕД СИТЕ

14/02/2022

Чудо се случува во Цитроен односно во неговата луксузна дивизија ДС. Откако марката беше лансирана во 2014 година, прво и основно беше да се нагласи раскошот од некогаш славниот модел „дс“ и сето тоа да биде со доза на луксуз како врв во понудата, а следно беше електрификацијата. Одговорните тргнаа да го остваруваат планираното и добрите резултати не изостанаа. Откако ФИА ја воведе и „формула е“, ДС беше една од првите марки кои влегоа во натпреварувањето. Таму конструкторите од ДС покажаа што умеат – две титули една по друга, тимски титули и титули за возачите. И сега си го поставуваме прашањето, до каде има намера да оди ДС? Како што тргнале работите ДС тргнал кон врвот. Автомобилскиот спорт е освоен, сега напаѓа со сериските автомобили.


Искуствата стекнати во трките од електричната формула ДС ги собира на едно место во прототипот „е тенс перформанс“. Сето научено за време на трките е вткаено во прототипот и затоа го нарекуваат лабораторија на четири тркала, а внатре „врие“ од врвна и најнова технологија. Прототипот „дс е тенс перформанс“ е направен по теркот на електричната формула: погонот на сите тркала, сопирачките, системот за регенерирање, дури и монококот изработен од јаглеродни влакна е позајмен и е вграден во семејната лимузина, односно спомнатиот прототип, потоа обесувањето на тркалата и нивната геометрија е наследена од електричната формула. Затоа слободно ќе кажеме, „дс е тенс перформанс“ е прототип кој најмногу потсетува на семејна купе лимузина, но со технологија наследена од електричната формула, поточно прототипот е претворен во друмска формула во кожа од сериски автомобил. Нешто слично како прикаската со волкот во јагнешка кожа. Токму заради посебно обесените тркала и нивната дотерана геометрија прототипот е врвно стабилно возило кое покажало исклучителни способности во однесувањето на асфалтот при ненадејни состојби.


Батеријата е една од неколкуте витални во автомобилот и како по некое непишано правило ја сместуваат во долниот централен дел. Така се сместува батеријата затоа што ниското тежиште и идеалната распределба на тежината  се клучни за стабилноста на секое возило. Истата филозофија со батеријата е применета и во електричната формула. Погонот на сите тркала е овозможен од два електромотори, и тие се позајмени од формулата. Распределбата на силината е 250 kW на предната и 350 kW на задната оска или вкупно 805hp и максимален вртежен момент од дури 8.000 Nm измерен на тркалата. Системот за регенерација располага со капацитет од фантастични 600 kW. Практично ако сопирачките ги сметаме за систем неопходен при исклучителни состојби, тогаш системот за регенерација се користи само за вообичаените сопирања кои се од голема полезност за возилото – собира енергија и ја складира во батеријата.


„ДС е тенс перформанс прототип“ е автомобил кој ќе послужи за развој на идните туристички возила од истоимената марка, но нема да биде чудно ако токму овој прототип влезе во сериско производство.
И за крај, шампионите од електричната формула Жан Ерк Верг и Антонио Феликс да Коста, ќе го тестираат возилото пред истото да влезе во зоната на тестирање на тркачките патеки, а потоа и на обичниот асфалт. Откако ќе бидат завршени тие тестирања, производителот ќе ги објави деталните технички особини, а дотогаш заедно ќе ги следиме настаните со ознака ДС.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ