ПОНЕЖНИОТ ПОЛ ИМА СОПСТВЕН ИЗБОР ЗА АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА И ТОА НА СВЕТСКО НИВО. НE БЕА ДОВОЛНО ВКЛУЧЕНИ ВО ОСТАНАТИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА ИЗБОР И ЗАТОА ВО 2009 ГОД. ТРГНУВААТ САМИ ДА ПРАВАТ СВОЈ ИЗБОР. АВТОМОБИЛОТ СЕ ПОЈАВУВА ПРЕД МАЛКУ ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК И СЕГА СИ ГО ПОСТАВУВАМЕ ПРАШАЊЕТО, ЗОШТО ДАМИТЕ НЕ СОЗДАДОА СВОЈ ИЗБОР МНОГУ ПОРАНО, ЗОШТО ЧЕКАЛЕ ТОЛКУ МНОГУ ГОДИНИ, ДЕСЕТЛЕТИЈА?
Уште од неговото прво појавување, автомобилот предизвикал голем интерес. Тогаш за него велеле дека е необично превозно средство кое не користи коњска или друг вид запрега, а денес велат е практичен дел од секојдневието, но и луксузен. И сега бидејќи некаде светот е, но не секаде, поделен на машки и женски, така денес имаме еден куп избори за автомобил на годината, но застапеноста на понежниот пол во организацијата и во жирито е занемарливо мал, а машкиот глас одлучуваше речиси за сѐ. Од таа причина дамите решаваат да направат свој избор, надвор од машкиот свет.
Сето тоа започнало во 2009 год. кога новозеландската новинарка Сенди Махр решила да основа жири за избор на автомобил на годината на светско ниво. Од неа почнува приказната и трае до денешен ден. Денес претседател на жирито е Марта Гарсија, а основачката Сенди Махр е почесен претседател. Оттогаш дамите 13 пати одбирале автомобил на годината во светот, а годинава тоа ќе се случи по 14 пат. Жирито брои 75 новинарки од целиот свет, поточно од 52 држави од пет континенти. Најмногу земји учеснички има од европскиот, а најмалку од африканскиот континент, само три држави, од Египет, Мароко и ЈАР.
Мора да нагласиме дека овој собир на новинарки од целиот свет е еден и единствен и со единствена задача да изберат Автомобил на годината во светот.
За еден автомобил да се кандидира мора да биде нов, а не обновен (редизајниран) и пуштен во продажба на најмалку два континенти, на пример за годинава автомобилите мораа да бидат пуштени во продажба во било кој ден од периодот 1 јануари до 31 декември.
Годинава беа кандидирани 63 автомобили поделени во пет категории:
Семеен автомобил на годината (должина до 4,6 м), Голем автомобил на годината (подолг од 4,6 м), СУВ возило на годината , Пик- ап возило 4 х 4 на годината и Ексклузивен автомобил на годината. Во првоспомнатата категорија дамите за финалист го избраа „волво е икс 30“, во втората финалист е „бмв серија 5“, во третата „Киа ев 9“, во четвртата „фолксваген амарок“ и во петтата е изгласан „астон мартин дб 12“.
Овие модели се веќе победници во категориите, но сега претстои гласање во завршниот круг во кој еден од овие пет ќе биде победник, а прогласувањето на победникот е закажано за 8 март, Денот на жената.
Уште нешто е вредно за спомнување, а е во врска со дамите и автомобилите. Некаде на почетокот од минатиот век на северноамериканскиот континент преовладувале електричните автомобили, а не тие со мотори со внатрешно согорување. Да да, добро прочитавте, електрични автомобили. Во тоа време автомобилите со мотори со внатрешно согорување биле наречени смрдливи. Тој прекар им бил даден од дамите и кога ќе ги прашале каков автомобил сакате да возите секогаш велеле, „некој од тие што не смрдат“. Сепак дамите учествувале во изборот на автомобилите и неретко нивната желба воедно била и наредба. Штета што чекале толку долго, околу еден век, за да отпочнат со избор за автомобил на годината во светот. Се „гледаме“ на 8 март кога ќе биде прогласен победникот. Минатата година Женски автомобил на годината во светот беше „киа ниро“.