Откако во 2021 год. се појави моделот „спринг“, производителот Дачија успеа да продаде 140.000 примероци, а во 2022 и 2023 „спринг“ беше трето најпродавано возило на европскиот пазар. За тие што не трчаат по луксуз и шминка, „дачија спринг“ е идеално возило. Едноставно, мало (3,72 м), практично возило налик на „сув“, со пет седишта, пет врати, скромен багажен простор од 305 литри, 35 литри простор во делот каде е сместена погонската единица и уште 33 литри во одделот за патниците поделен во низа од долапи.
Електричната погонска единица располага со силина од 45 и 65 КС. Силината го прати пакетот со опрема. На пример, изведбата „есеншл“ ќе биде на располагање само со 45 КС, „експрешн“ со 45 и 65, а „естрим“ само со 65 КС. 20,0 секунди односно 14,0 сек 0 до 100 км/ч што е сосема доволно за возило со 984 кг, ако не одите на трки. Со едно полнење на батеријата возилото изминува околу 220 км, а од 20 до 100 отсто се полни за 11 часови во домашни услови. Има и 30 kW полнач со кој времетраењето се скусува на 45 мин. при полнење од 20 до 80%.
Редизајнираниот „спринг“ навистина добил врвен изглед, нешто во стил на „дастерот“, а тоа сигурно ќе привлече дополнителен број купувачи. Најдобро е да кажеме дека Дачија претстави нова генерација, а не само обновување на дизајнот. На повидок е нов бум од Дачија, бројката на продадени примероци сигурно ќе оди нагоре и тоа многу брзо, со оглед на тоа дека од 2021 до денес се продадени 140.000. Ова потсетува на деновите кога „шкода фелиција“ беше најпродавана кај нас – едноставен автомобил кој ги покриваше основните потреби на едно семејство, а цената беше повеќе од примамлива. Истата формула ја применува и Дачија и еве ја само на пола пат од целосен успех и освојување на првото место на најпродавани автомобили не европскиот пазар.
Кога овој модел ќе стаса до македонските купувачи, ќе се обратите кај увозникот, таму ќе добиете детални информации за сѐ, но и за цената која се надеваме ќе остане ниска каква што беше и досега.