Градските автомобили отсекогаш биле тема број еден во автомобилската индустрија и никогаш не излегле од мода. Со исклучок на неколкуте, речиси секој производител настојувал во семејството да има возило посебно намeнето за градските средини и нека не вe чуди ако приметите еден производител да има неколку свои градски возила.
Семејството на Цитроен никогаш не било без овие возила, така што како по традиција оваа марка постојано вложува во нивниот развој. Така и сега во денешно време настојува да биде во чекор со современите текови на градските средини. За поубедлив приод кон решавање на проблемите со градскиот превоз, Цитроен се здружува со Акор и ЈЦ Деко за да конструира електричен концепт.
Нивниот план е да направат една основа на која ќе може да конструираат повеќе видови возила за потребите на населените места. Концептот е наречен „цитроен аутономус мобилити вижн“. Ова повеќенаменско концепт градско возило на себе може да има три видови кабини и секоја од нив си има посебна намена, една за превоз, друга за продажба на разновидни производи и третата за секаква друга намена, односно зависи од потребите на сопственикот, како тој ќе ја преуреди и приспособи внатрешноста. И како што вели Винсент Кобе, главниот директор на Цитроен, „во партнерство со Акор и ЈЦ Деко осмисливме автономна подвижност за сите“.