CAMAL SCORPETA-ДВОСЕД ФАНТАЗИЈА НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА

14/01/2025

Убаво е кога годината ја почнуваме со нешто многу посебно и уште повеќе едноставно. Ова ќе го објасниме на крај од текстов, а сега да го претставиме овој специфичен автомобил. Во неговото создавање учествувал „италијанскиот дизајн“, студиото Камал, потоа „катерхам 7 (485)“, а како инспирација послужиле кабриолетите од 60-тите години од минатиот век. Зошто „катерхам 7 (485)“?

Затоа што е мал, лесен, нервозен во управувањето и снаодлив во свиоците. Токму тоа му треба на секој автомобил, а студиото Камал го намирисал тој „миг“ и го позајмил „катерхамот“ за остварување на својата цел. Името на моделот е „скоперта“ што во превод значи откритие. И навистина, маестро Алсандро Каморали на основата од „катерхам 7 (485)“ створил двосед фантазија на четири тркала. И покрај тоа што „направата“ е создавана во работилницата на Камал во Торино, сепак конструкторите одлучиле моторот да не биде италијански, туку да го позајмат од „катерхамот“ – „дуратек“, четири цилиндри во линија, атмосферски со 240 КС при „музикални“ убаво навиткани 8.500 врт/мин. И замислете што прави овој мотор вграден во двосед купе кабриолет со тежина од само 560 кг.

Ова се објаснува со зборот драма – од 0 до 100 км/ч за само 4,1 сек. Како нема да биде брз како ветар кога е правен само од алуминиум и јаглеродни влакна. Сето ова досега кажано јасно дава до знаење дека суровото спортско купе по ништо не се разликува и во внатрешноста – само најосновното и најнеопходното. Тоа во превод значи без луксузирање, без скапи тапацири, гломазни седишта и слични нешта. Сѐ е посветено на врвните возни својства и врвната ергономија во внатрешноста посветена на возачот и совозачот и толку, тука завршува приказната.

Нема екрани со дијагонала од 16 инчи, нема непотребни лајсни, нема украси итн. Значи, сѐ во служба на исконското – висока технологија, да, но на луксузот му имаат кажано „не“. Овој бисер излезен од кројачницата Камал, основана во 2008 година, ќе се продава по 170.000 евра, а производството само што не почнало, така вели одговорниот, односно сопственикот на Камал, Алесандро Каморали. Бројот на произведените примероци ќе биде ограничен, а најчесто спомнувана бројка е 20. „Камал скоперта“ е премногу едноставен автомобил, но колку нештата се поедноставни, толку се посовршени.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ