Ако Генезис (Хјундаи) буквално вчера обелодени дека сака да влезе во трките на издржливост, односно веќе сериозно работи на својата цел да биде дел од тој круг каде меѓу другите е и трката 24 часа Леман, тогаш мора да објавиме и за намерите на Кадилак (Генерал Моторс). Оваа луксузна марка на автомобили, најпозната во светот по нејзините беспрекорно удобни лимузини, пројави желба да биде дел од најбрзиот циркус на планетава – формула 1. Тој дел од светот отсекогаш имал свои типични спортови и не покажувал некој посебен интерес за формула 1. Точно е тоа дека во САД се возеле трки од шампионатот во формула 1, но таму КАРТ и Инди биле единица мерка за трки, а не формула 1. Во годините зад нас, интересот за формула 1 нагло се зголеми во тој дел од светот, така што ГМ најавува учество и тоа од наредната 2026 год. На почетокот ќе користи мотори и менувачи од Ферари (според скоро потпишаниот договор), а најдоцна до 2030 год. ќе си обезбеди мотори од сопствено производство. Како основа за развој на својот мотор ги спомнува успесите на Кадилак во шампионатот ИМСА и моторите од „корвета ц 8 р“. ГМ покажува голема сериозност при влегувањето во формула 1, бидејќи е свесен дека влезот во кругот на големите тимови може да трае со децении, а не со години.
Не дека Кадилак (читај ГМ) нема искуство во трките, присутен е во трките на издржливост и вели дека наскоро ќе победи, но спомнатиот производител не застанува туку влегува во еден уште поскап круг, односно простор каде со децении владеат тимови како Ферари, Мекларен, Вилијамс. Намерата на Кадилак (на ГМ) е убава затоа што ќе има нов тим во најбрзиот циркус, но колку тимот ќе се снајде во оваа бркотница, ќе видиме догодина и годините потоа.
Сигурно го паметите обидот на Тојота да биде дел од формула 1 – сѐ беше добро, но Тојота се повлече и покрај тоа што влезе со премногу пари, (никогаш пред тоа немаше искуство со трките во формула 1). И Кадилак нема искуство со трките формула 1, но затоа малку фалеше во 2023 да биде прв на легендарната трка 24 часа Леман. Тогаш Кадилак мораше да се задоволи со третото и четвртото место. Со малку подобра тактика и организација, Кадилак лесно ќе стигнеше до врвот на 24 ч Леман. Во овој голем потфат на Генерал Моторс свој удел има и некогашниот шампион во формула 1, легендарниот Марио Андрети. Од наредната година, заедно со Кадилак, друштвото наречено Ф1 ќе брои 11 тимови.