Најголемиот кинески производител на автомобили BYD познат по своите напредни решенија на полето на акумулаторски батерии кои се користат во современите хибридни и електромобили атакува на европскиот пазар со премиум лимузина на електричен погон. Моделот го носи називот Han EV и е опремен со т.н. неуништива батерија Blade Battery.
Станува збор за патент на исклучително издржлива литиум-железо-фосфатна батерија од најнова генерација која во Han EV е надополнета со инвертер од карбид. Издржливоста на батеријата е потврдена во низа од тестови каде е загревана на температура повисока од 300 степени целзиусови, продупчувана е со метални клинови, и удирана е со различни објекти симулирајќи удари кои можат да се случат при секојдневното користење на електромобилот. И во ниту еден од наведените тестови батеријата не се запалила.
BYD ќе го нуди Han EV во три изведби. Основната со електромотор од 222 КС и 330 Nm, поставен на предна оска и со капацитет на батерија од 65 kW/h кои се доволни за автономија од 506 km постандарден NEDC циклус. Втората варијанта ќе ја има истата моќност, но капацитетот на батеријата ќе биде поголем 76,8 kW/h што треба да обезбеди автономија од 550 km. Врвната изведба на Han EV ќе нуди два електромотори еден на предна, и еден на задна оска со комбинирана моќност од 494 КС и вртежен момент од 680 Nm, доволни за спринт од место до 100 km/h за 3,9 секунди. Автономијата на оваа изведба ќе биде 607 km.
Згора оваа изведба ќе биде опремена со напреден систем за асистенција на возачот „DiPilot” кој во суштина е „само-учечки” автопилот со 5G конекција. За постигнување на поголема безбедност при возење системот „DiPilot” е спарен со Интелигентниот интегриран сопирачки систем на Bosch, IPB кој во суштина е електрохидрауличен засилувач на сопирачките и е соединет со системите за стабилизација на возилото и „рекуперација” на енергијата.
Продажбите на Han EV во Кина стартуваат во јуни годинава, додека атакот на Европа најверојатно се подготвува за на есен. Од BYD не се плашат да ги објават цените кои за оваа премиум електрична лимузина ќе се движат од 45.000 евра за основниот модел, до 55.000 евра за врвниот модел. Интересно е да се спомене дека BYD воопшто не се потценува кога станува збор за цените на Han EV во Европа кои се многу блиску до оние на Tesla Model 3.