Бугати не би бил тоа што е ако во своето работење не внесе нешто спектакуларно и посебно. Овој пат ги изненадува колекционерите со осумте примероци од моделот „чирон“ наречен „супер спорт 300 +“. На 23 септември излезе првиот примерок од тие осумте величествени, а сопственикот може веднаш да го носи дома возилото што го платил. Колку го платил тоа не е наша работа, нас нè интересира пребрзиот „бугати чирон супер спорт 300 +“ каде тоа „+“ во превод значи дека автомобилот ја надминал бројката од 300 милји на час, во километри на час тоа се 490,4.
За постигнување вакви високи брзини, конструкторите подготвиле „мали“ исправки во W16 моторот со зафатина од 8,0 литри, подигнувајќи го нивото на силината од 1479 на 1578 коњи и сето тоа овозможено со помош на четирите турбо полначи и некои други „маѓии“ за кои конструкторите не сакаат да зборуваат. Примероците планирани за продажба, ќе бидат со ограничувач на крајната брзина, 275 милји или 442 км/ч.
Покрај корекциите во моторот, големите брзини бараат и соодветна аеродинамика. Затоа дизајнерите на Бугати ја „испеглале“ каросеријата и додале нов преден дел со нов одбојник, поголеми всисници за воздух и поинакви отвори за тркалата. Така се работи во Бугати, се занимаваат со убави нешта, а Кенигсег, Веном и останатите бркачи на крајни брзини, нека му ја мислат.
Жарко Атанасоски