Луксузната марка Бугати до скоро имаше слатки маки. Во 2021 година најави ново и крајно брзо купе, навестувајќи дека тоа ќе биде нешто како болид. И додека Бугати разгласуваше низ светот што му е намерата, дизајнерите го кроеја обликот на пребрзото купе, а конструкторите ги правеа завршните испитувања. Одлуката е донесена, а купето ќе носи име „болид“, „бугати болид“. Сета работа се темели на моделот „чирон“, но подесувањата, засилувањата на одредени делови од автомобилот, поинаквата геометрија на тркалата и сѐ друго што следи е наново направено.
За материјалите не треба ни да спомнеме, но колку за да имаме некаков преглед, ќе го нагласиме целосното присуство на јаглеродните влакна. Нивната употреба е со цел да се намали тежината. Благодарение на иновациите во конструирањето и лесните материјали „бугати болид“ тежи само 1.450 кг. Досега ниту еден автомобил од оваа марка не бил ни блиску до тежината од 1,5 тони.
Најлесниот во семејството е задвижуван од бензински мотор W16 со зафатнина од 8,0 литри позајмен од моделот „чирон“. Со помош на двата двојни турбо компресори, моторот располага со дури 1.578 КС. Концептот прикажан во 2020 година е многу сличен со серискиот модел, но секако направени се некои дополнителни дотерувања и отстапувања за да биде постигната подобра аеродинамика и помалку килограми. Сепак да нагласиме дека концептот го најавуваа со 1.824 КС и тежина од само 1.240 кг.
Како што вели производителот, ќе бидат направени само 40 примероци, а цената за примерок е малку над 4,4 милиони долари. Не е познато дали тие 40 примероци се однапред продадени. Финалната изведба беше прикажана минатиот месец на Конкурс на елеганцијата Вила де Есте. Продажбата ќе започне следната 2024 година.
Жарко Атанасоски