Трката меѓу производителите на супер брзи автомобили продолжува на неколку полиња, од кои е најприметлива трката за што поголема крајна брзина и трката за што помала тежина на возилото. Тие исти производители сега одат подалеку – секој од нив оди кон тркачките патеки и конструирање автомобил посебно наменет за трки или со сосема мали доработки. И конструкторите од Бугати тргнаa кон истата филозофија, да создадат тркачки автомобил по примерот на Мекларен и неговиот модел „сена гтр“ и останатите кои веќе имаат улични болиди, односно се чека единствено на тие малите доправки за возилото да носи стартен број и да се појави на асфалтот наменет исклучиво за натпреварување.
Инспирацијата за создавање на концептот „болид“ е црпена од првиот авион кој го „срушил“ звучниот ѕид, а тоа е „бел икс 1“ управуван од пилотот над пилотите, Чак Јегер. Основата за развој на концептот е позајмена од моделот „чирон“ со неговите масивни 1996 килограми. За тркачките болиди важи едно пишано непишано правило, а тоа е возилото да има што помала тежина. Од 1.996 на 1.240 килограми, односно 756 килограми помалку. Веќе добро познатиот W16 мотор со зафатнина од 8,0 литри е сопственик на 1.601 коњски сили („чирон супер спорт“). Сепак и тие не биле доволни за конструкторите, затоа решиле да ги заменат постоечките четири со нови турбо компресори. Како резултат од тие доработки, силината оди по нагорна линија сè до 1.851. Сепак најбитниот чинител е горивото. Со обично 98 октанско не е можно „будење“ на тие 1.851, за нив е потребно 110 октанско познато меѓу натпреварувачите како тркачко гориво.
При создавањето на „бугати болид концепт“ неизбежна е употребата од лесни материјали кои ги користат космичките летала, така што посебните, карбонските, влакна и титаниумот се како „добро утро“ и ја претставуваат основата на супер автомобилот. Во ваквите возила сè треба да биде испеглано до најситен детал. Таков е случајот и со аеродинамиката. Тешко некое возило од тркачките писти да постигне врвни резултати без посебно дотерана аеродинамика. Токму оваа наука овозможува (или создава) подпритисок од огромни 1,8 тони при брзина од 320 км/ч, од кои 800 килограми вршат притисок одозгора надолу (вршат притисок) на предната оска.
Сето досега спомнато е во служба на брзинските способности од „бугати болид концепт“. Неговата крајна брзина е далеку над 500 км/ч и според производителот концепт болидот ќе биде способен да постигне врвни резултати на патеките Сарт и Нирбургринг нордшлајфе. Нештата се такви затоа што конструкторите користеле и позајмиле мноштво „досетки“ од болидите во формула 1 и прототиповите од серијата Леман.
И сега за крај следи најбитното. Концетот „бугати болид“ е правен според сите регулативи на ФИА, а тоа значи можност да влезе во карванот на трките на издржливост во класата „хипер автомобили“ замена за „леман прототипови“ (лмп) и да учествува од следната или сезоната по неа. Ако тоа се случи, тогаш ќе имаме супер занимлива и привлечна за гледање сезона во трките на издржливост каде ќе се соберат најмалку 10 производители, односно најверојатно 15 веќе ги подготвуваат своите хипер возила. Ако Бугати влезе во трките на издржливост од серијата Леман, тогаш ќе треба да направи најмалку 20 примероци за слободна продажба, но за „секојдневна“ употреба, со регистрација. Такви се правилата на ФИА.