Бугати – 110 ГОДИНИ ЕГЗОТИКА И ЛУКСУЗ

24/10/2019

ПЛАНЕТАВА Е РЕЧИСИ ПРЕОПОЛНА СО ЛУКСУЗНИ НЕШТА, ПОЧНУВАЈЌИ ОД НАЈСИТНИТЕ И С? ДО НАЈКРУПНИТЕ. ТОЈ ЛУКСУЗ ИМА ПОВЕЌЕ ИЗВЕДБИ, А ЕДНА ОД НИВ Е ТАА КОЈА СЕ НАРЕКУВА ЕГЗОТИЧЕН. ТОКМУ ВО ТОЈ ДЕЛ ОД ЛУКСУЗОТ, МЕЃУДРУГИТЕ, ВИРЕЕ И МАРКАТА БУГАТИ ПОЗНАТА ПО СВОИТЕ ЕКСТРАВАГАНТНО ЕГЗОТИЧНИ АВТОМОБИЛИ.

 

По повод 110. роденден од формирањето на компанијата, Бугати во Њујорк го изложи јубилејниот модел „110 анс бугати“. Ќе бидат произведени само 20 примероци и сите ќе ја имаат „железно сината“ боја и секако ознаката, логото, на која пишува 110 години.

Еторе Бугати е роден во Милано во семејство кое претежно се занимавало со уметност. И покрај тоа што семејството Бугати било познато, сепак Еторе е тој кој стекнува светска слава преку неговите прочуени автомобили и „сега“ тој е најпознатиот во семејството. Уште од најрани години Еторе покажувал не голем, туку премногу голем интерес кон автомобилите, механиката и погонските машини. За него било предизвик да сонува и планира автомобил кој сам ќе го направи. На свои 17 год. го конструира своето прво возило, трицикл задвижуван од мотор со внатрешно согорување. Тоа се случило откако се вработил во Принети и Стучи, фабрика за производство на велосипеди. По само една година работење го конструира првото возило. Тоа е време на експериментирање и правење протитипови. Потоа следи создавањето на автомобилот „тип 2“ во чија изработка парично му помага грофот Џинели. „Тип 2“ за првпат бил претставен на јавноста на Салонот за автомобили во Милано каде ја добива првата награда и веднаш бил забележан од очите на љубопитните, дури и од грофот де Дитрих. Тој ист човек му нуди на Е. Бугати да работи за него во новоотворената фабрика изградена во областа Алзас. Еторе работел таму сè додека на грофот сопственик не му здосадиле тркачките автомобили на Еторе и неговата опседнатост со трките. Во 1907 конструира мал автомобил со 50 КС, произведуван од Дајц во Келн, а го користел и Пежо, но и неколку други производители под нивно име. Истовремено во подрумот од куќата каде живеел, во тајност работел на автомобил со лесна шасија и моќен мотор со многу коњски сили – „тип 13“. Откако завршува договорот со Дајц, Еторе заминува во областа Алзас кај своето пошироко семејство и таму во 1909 год/ формира компанија под името „Автомобили Еторе Бугати“. Една година подоцна учествува на француското гран при со возилото „тип 13“ и во дебитантската трка го освојува второто место, секако, благодарение и на возачот Ернест Фридрих. Одовде натаму на конкуренцијата ќе и стане јасно дека автомобилите Бугати ќе ја имаат едната од главните улоги на трките. Со овој модел Е. Бугати за прв пат победува на престижната трка Ле Ман Гран При, а по војната во 1921 год. победува на трката Бреша ГП и затоа го добива прекарот „бреша“ „Бугати тип 18“ е најбрзиот уличен автомобил во своето време и истовремено наменет за трки развивал крајна брзина од над 160 км/ч. Велат биле произведени само седум примероци, а еден бил купен од пионерот на авијацијата Роланд Гарос. Затоа автомобилот „тип 18“ бил нарекуван „гарос“. Во чест на тој модел во денешно време беа про-изведени три примероци со истиот прекар, односно „бугати веирон 16.4 гранд спорт витезе блек бес“.

Во виорот на Првата светска војна фабриката Бугати добива поголема сума пари за развој на неколку типови авиони и заради тоа бројката на вработени се искачува на повеќе од 1000. Еторе со неговата страст кон тркачките автомобили повторно работи на развој на нов автомобил. Прототипот носи име „тип 28“, а како резултат на овој модел, го конструира моделот „тип 29/30“ кој буквално има форма на цевка. Воедно тоа е првиот Бугатиев автомобил со V8 мотор. Потоа следи моделот „тип 32“ кој е дирекно изведен од првиот туристички автомобил на фабриката Бугати, „тип 30“. Иако со спуштена силуета и мноштвото од иновации сепак неговите тркачки способности не биле воопшто за фалење. Неговиот најголем успех било едно трето место на француското гран при и тоа е сè. Автомобилот не бил стабилен и наместо да „лежи“ на асфалтот, повеќе лебдел над него што го правело да биде тежок за управување при големи брзини.

На ред доаѓа моделот „тип 35“ за прв пат претставен во 1924 година. Тоа е најлегендарниот автомобил на сите времиња во индустријата на четири тркала. Зад него исправено стојат над 2000 трофеи – пехари и до денешен ден никој не пријавил конструкција со повеќе од 2000 победи. Овој автомобил нанижал дури пет победи една по друга на славното рели Тарга Флорио. Со променлива финансиска ситуација, компанијата успевала да се одржи, но на вратата од светот војната почнала да троп со своите „алатки“. Во предвоениот период од една деценија Еторе работел заедно со својот син Жан, всушност подмладокот го имал последниот збор во дизајнот, а механиката и остатокот од возилото сеуште бил во „сопственост“ на таткото, големиот Еторе. Во 1937 и 1939 година Бугати победува на легендарната трка на издржливост, 24 часа Леман. Со тоа компанијата само го нагласува своето тркачко искуство, а како резултат на тоа славата на автомобилите Бугати оди по нагорна линија. И кога се чинело дека компанијата ќе се консолидира и ќе застане на цврсти нозе, семејната трагедија го погодила основачот, неговиот син Жан настрадал при тестирање на моделот „тип 57“ недалеку од фабриката. Потоа и војната го земала својот данок. Премногу истоштен од семејната трагедија и превирањата за време на војната и конфискувањето на фабриката од страна на фашистите, срцето на големиот конструктор не можело да издржи. Починал во 1947 година. Сега неговиот 25 годишен син Роланд на свој грб ги натоварил славата, успесите и неуспесите на компанијата. Работел со полна пареа и се трудел да ја одржи компанијата. Резултат од неговата работа бил автомобилот „тип 101“. Иако биле направени само шест примероци од овој модел, сепак компанијата стоела на здрави нозе и кога се чинело дека работите ќе тргнат на подобро, француските власти воведуваат посебен данок на автомобилите, односно на коњските сили. Колку повеќе коњски сили толку данокот е поголем. Се чини дека токму овој миг бил пресуден за Автомобили Еторе Бугати. Неможејќи да го издржи периодот, Роланд Бугати бил приморан да ги затвори вратите на фабриката. Според статистичарите, од 1909 до 1952 година биле произведени нешто повеќе од 8.000 автомобили кои го носеле името Бугати. Таква марка со слава поголема од речиси сите планини, замира, престанува да постои.

Имало неколку обиди да се возобнови производството. Еден од тие обиди бил направен во 1965 год. од тогашниот врвен дизајнер во светот, Вирџил Екснер. Иако имал голема желба и вложен труд, обидот останал само на еден произведен автомобил, моделот „бугати тип 101“. Друг обид за повторно воздигнување на марката Бугати бил направен од италијанскиот стопанственик, најголемиот продавач на автомобилите Ферари во светот, одговорен за северот на Италија и југот на Германија. Некаде во средината на ’80 години од минатиот век Р. Артиоли во своја сопственост ги имал и Лотус и Бугати. Направил нова фабрика во близина на Модена и веднаш потоа го претставува „бугати еб 110“. Во тоа време новиот модел е прогласен за најбрзиот во светот – постигнувал крајна брзина од 349 км/ч. Еден примерок купи некогашниот возач во формула 1, Михаел Шумахер. По него следел уште еден автомобил, лимузина односно комбилимузина или купе лимузина, со прекрасен ретро дизајн. За жал оваа прототип лимузина никогаш не стасала да биде дел од сериските автомобили. Новоотворената фабрика на Р. Артиоли не беше со долг век. Затворена е во септември 1995 година поради неповолните економски движења во најбогатиот дел од светот, односно континентов заедно со тој преку „големата бара“.

Три години подоцна, во 1998 година, Фолксваген го купува Бугати и по седумгодишно планирање и развој го претстави моделот „веирон“ (вејрон). Неговите 1001 КС произведени од моторот со распоред на цилиндри W16. По него доаѓа „чирон“ со ист мотор, но со 1500 КС и ограничена крајна брзина од 420 км/ч. „Чирон спорт“ е негов заменик, олеснет за 18 кг, а најновиот автомобил од Бугати Автомобили С.А.С. е моделот „диво“ претставен во март оваа година на Салонот за автомобили во Женева. Од овој модел ќе бидат произведени 40 примероци продадени уште во првиот ден од продажбата со почетна цена од 5,8 милиони долари. По повод 110. роденден на компанијата и марката Бугати, годинава во август на манифестацијата „Пебл Бич Конкурс на Елеганција“, Бугати ги орасположи присутните со моделот „чентодиечи“ (110 на италијански). Од него ќе бидат произведени само 10 единици со цена од 10 милиони долари за еден примерок.

Уште еден примерок заслужува да биде спомнат затоа што тој е продаден за скоро 20 милиони долари и според статистиката е најскап нов автомобил во светот. Направен е само еден примерок, но зошто само еден? Во ’30 години од минатиот век Жан Бугати, синот на Еторе, конструирал автомобил „тип 57 с ц атлантик“ кој бил произведен во само четири примероци. Еден од нив зачувал за себе и го именувал како „ла воитур ноир“ (на македонски, црниот автомобил). Затоа на денешниот најнов автомобил од Бугати му е дадено името „ла воитур ноир“ и затоа е направен во само еден примерок. Сопственикот засега е анонимен, а за него платил нешто повеќе од 12 милиони долари, а остатокот до 18,7 е данокот и царината кои се платени во државата каде возилото ќе биде предадено две години подоцна. Зошто сега овие две години? Лицето го има купено новиот „ла воитур ноир“ на невидено, кога автомобилот сè уште не бил произведен. Автомобилот е купен, но под еден услов, да биде предаден по две години од првото претставување. Тоа значи сопственикот ќе го добие автомобилот во 2021 година.

Такви се најскапите автомобили, бараат премногу. Уште од почетокот во 1909 година, возилата од марката Бугати биле синоним за луксуз, екстраваганција, егзотика и уште 1000 други нешта. Така е и до денешен ден.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.