ПРИРОДНО, ЛЕТНИОТ ОДМОР И СОНЧАЊЕТО, КАПЕЊЕТО НА МОРСКИТЕ ПЛАЖИ, БЕЗ ИСКЛУЧОК НА ЕЗЕРСКИТЕ, СОГЛАСНО ЖЕЛБИТЕ, МОЖНОСТИТЕ НА ЛЕТУВАЛЦИТЕ, СЕ НАОЃААТ ВО ТЕСНА ВРСКА. ГУЖВИТЕ ПОНЕКОГАШ ЗНААТ ДА НÈ ОБЕСПОКОЈАТ, ИЗНЕРВИРААТ ВО ГОЛЕМА МЕРА И ПОРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕТО НА РЕДОТ, КРШЕЊЕТО НА ПРАВИЛАТА НА БОНТОНОТ. УБАВОТО ОДНЕСУВАЊЕ Е ОСОБЕНО ВАЖНО ЗА СИТЕ ДА УЖИВАМЕ ДО МАКСИМУМ
Неколкуте денови на ваканција за да ги поминете во добро, убаво расположение, а во исто време да бидете и опуштени, релаксирани, морате да го испланирате буквално секој детаљ, но сепак изборот на престојувалиштето е најважен, да соодветствува на вашите потреби. Ако не сакате гужви на плажите каде што се минува поголемиот дел од времето налето, изберете помирно место на кое навистина ќе се одморите. Во спротивно, ќе треба да се помирите со масата луѓе, нивните манири. Чувството за колективизам е суштествено за во часовите поминати на плажа да се олабавите, да се ослободите од напнатоста, грижите… Едноставно треба да се тргне од себе. Правилата на бонтонот, независно дали се (не)пишани, мораат да се почитуваат и секако, да се спроведуваат во дело. Само така ќе се максимира уживањето, и сопственото и на другите. Некаде има табли на кои се истакнати. Како и да било, нема потреба од кавги, инаетења…
НА ИЗВЕСНО РАСТОЈАНИЕ
Во јули-август е шпицот на сезоната, гужвите на плажите во туристичките места се нормална појава. Многумина ги избегнуваат на тој начин што се сончаат, капат во затскриените лагуни, на концесионираните места каде што се поставени лежалки, сонцобрани, а можете да си нарачате и некаков пијалак, свежо овошје… На останатите плажи што не се дадени (земени) под концесија ќе морате да се приспособите и кон можностите и кон потребите на другите, не само да се одморат туку и да се забавуваат, но притоа не нарушувајќи го нивниот комфор, удопство. Неопходно е да има дистанца, растојание меѓу посетителите, да се внимава да не му се скрие погледот некому, доколку се распне шаторче или пак со чадор за заштита од сонце. Изненадувачки е фактот дека мнозинството нема свест за приватноста на другите, кога е просторот во прашање. Автоматски не ја ни почитува. Обично се мисли дека во екот на сезоната е нормално, па и неизбежно да се биде залепен до некого. Мора да сме трпеливи, секој има право на интимност (приватност), без оглед на тоа што се работи за јавна површина. Здравиот разум е потребен за доброто на сите. Настрана егоцентризмот. Сопствените интереси не секогаш треба да се ставаат на преден план, особено не на плажа кога е шпицот. Се разбира, доколку не сакате некој да се залепи до вас, немојте ни вие. Истото важи секако и за видикот, никому не му го попречувајте. Промисленоста игра важна улога. Дескриптивно, „ранжирањето“ би требало да биде на извесно растојание, цикцак – да има доволно простор за да се испружите во раат, да станете без да извалкате некого со песок, да го истресете пешкирот. На многудетните семејства им треба повеќе место за играње, а земете го предвид и фамилијарниот тон на дискусијата. Морските плажи вообичаено се полни со галеби, во потрага за храна. И покрај тоа што е забрането, голем број родители на своите деца им дозволуваат да ги хранат со чипс, на пример. Галебите не можат да го сварат и брзо го исфрлаат преку изметот, а последиците се непријатни за летувалците. Храната за луѓето не само што не им одговара на овие птици туку е и животозагрозувачка за нив. Често знаат да се искрадат, па дури и да ги пробуричкаат ќесињата, торбите… Од тие причини скријте ја. Децата можат да се занимаваат и поинаку.
ЗДРАВ РАЗУМ И ПОЧИТ КОН ДРУГИТЕ
Независно дали сте одлучиле да летувате на море или езеро, никогаш не заборавајте дека плажата им е омилено место за игра на малите деца, но и на поголемите. Можат да трчаат наоколу, да градат кули од песок…, без да го нарушат мирот на останатите. Укажете им на тоа, без оглед на нивната возраст. Додека трчаат, не мораат да ги прескокнуваат луѓето кои се сончаат, да ги прскаат со вода… Сите сакаат да се одморат. Впрочем, за тоа е ваканцијата – привремено да се ослободиме од работата заради обновување на силите, иако е дозволена и забавата, умерено. Без разлика дали се сончате, читајќи книга или пак седите во бифето на плажата, одвреме-навреме следете ги со поглед. Туристичките места за семеен одмор се добропознати. Ако не сте со деца, избегнувајте ги. Летувалиштата се класификуваат на различни начини, согласно барањата, желбите, посакувањата на туристите, посетителите, гостите.
Доколку се одлучите за одбојка, фудбал…, користете ги терените. Некои плажи располагаат и со определени места за спортски игри, независно од тоа што не се концесионирани. Ако нема, внимавајте на силината со која ја одбивате топката, шутирате… Играјте понастрана од местото каде што е концентрацијата на капачите, за да можат непречено да влегуваат во водата и да излегуваат од неа.
Истото важи за играњето бадминтон, фризби. Незгодите воопшто не се ретки, од невнимание. Треба посебно да се пази на децата и кога се игра во вода. Сепак, најбезбедно е таквите активности да се изведуваат настрана.
Нема ништо лошо во слушањето музика на плажа, но стишете го гласот за никому да не му пречи. Вкусовите се различни, тоа што ви се допаѓа вам не значи дека им се бендисува на сите. За нив не се ни расправа. Една од постоечките можности се слушалките. Во спротивен случај, гласот нека биде тивок. Право на одмор има буквално секој, а доколку сакате да се забавувате, има плажи кои се предзначени за тоа. Можеби ќе ви се чини дека правилата на бонтонот се ограничувачки во смисла на многу забрани, ама вистината е инаква. Дозволено е сè, со мера. Здравиот разум и почитта кон другите се суштествени, исто како и чувството за колективизам. Никој не оди на одмор за да се осеќа нелагодно, тргнете од себе.
И односот кон животната средина, околината е прашање на здрав разум. Свеста за него не смее да биде само декларативна, мора да се покаже и на дело. Наместо да се расфрла, неопходно е ѓубрето да се собира во ќеса и потоа да се стави во канта. Доколку се остави, ќе стигне до водата, сериозно загрозувајќи го животинскиот свет. Пластиката особено затоа што не може да се разгради. Како и останатите правила на убавото однесување и ова е значајно, претставувајќи составен дел на недвосмислената целина – бонтонот.