Пред една година БМВ го претстави концептот „икс м“ и светот го запозна моделот кој само што не влегол во сериско производство. А концептот и не беше некој концепт туку претходник, или нулта производна серија, на серискиот „бмв икс м“. Сепак БМВ требаше да ја остави, односно да ја пренесе агресивноста од концептот на серискиот модел. Така ќе добиеше аплауз со овации, но без таа агресивност новиот „м“ модел како да изгуби од тоа што е заштитен знак на БМВ. Добро, тоа се само дизајнерски игри, а агресивноста можеби ја чуваат за догодина кога ќе претстават подмодел именуван како „ред лејбл“, лута изведба на моделов кој сега ќе го опишеме.
По скоро половина век БМВ конечно направи исчекор и создаде втор модел со буквата „м“ што во превод значи моторспорт. За првпат тој оддел произведе автомобил во ’70 години од минатиот век и дури сега вториот. Од 1978 до 2022 минаа точно 44 години. Зошто БМВ чекаше да мине толку многу време само тој знае.
„Икс м“ е првиот хибриден модел во семејството, а во себе носи 4,4 литарски V8 бензински мотор и електромотор. Заедно имаат 653 КС кои се пренесуваат на сите тркала преку осум степен автоматски менувач. Погонот на двете оски му е „доверен“ на V8 моторот, поточно на менувачот од марката ЗФ (Цет еф). Електрификацијата колку е неминовна толку е и непотребна. Само околу 80 електрични километри, а потоа батеријата оди на полнење. Со електричните коњи „бмв икс м“ може да постигне максимални 140 км/ч, додека со бензинските 250 км/ч (електронски ограничени).
Пакет од врвен луксуз во комбинација со спортска агресивност. Накусо така го опишуваме новото чудо од БМВ и неговиот оддел „М“. Мора да биде во чекор со конкуренцијата, затоа конструкторите посветиле посебно внимание дури и на најситните детали. Сѐ е на свое место и затоа сега топката е префрлена кај конкуренцијата.
Должина 5.110 мм, ширина 2.005, висина 1.755 мм и растојание меѓу оските од 3.105 мм. Прекрасни димензии кои со себе носат и некој килограм плус или точно 2,7 тони. Дали се многу или малку нема да коментираме, но некои велат конкуренцијата е полесна. Да полесна е, но затоа таа конкуренција изминува двојно помалку километри на електричен погон. Кога конкуренцијата ќе вгради електрификација со која ќе може да измине пат колку и „бмв икс м“, тогаш и таа ќе тежи околу 2,7 тони.
Од опрема го има следниве „ситници“: приспособлива контрола на брзината при возење на автопат во заедништво со уредот „стоп / гоу“, контрола при менување коловозна лента, сопирање во итни случаи, контрола на притисокот во пневматиците, приспособливо подвозје, „м спорт“ диференцијал, четири зонска клима, греење на седишта со масажа и вентилација, аудио систем со 20 звучници од марката Бауверс и Вилкинс, 23 инчни тркала, држачи за чаши кои по потреба ладат и загреваат, внатрешност обложена со мерино кожа итн.
Врвен луксуз и безбедност скапувани не во „сув“ туку во „сав“ возило (спорт актив викл) ќе се произведува во фабриката на БМВ лоцирана во САД во местото Спартанбург, а продажбата започнува догодина на пролет.