Велат за вкусовите не треба да разговараме. Насетувате, дизајнот е во прашање и тоа на најновиот концепт од БМВ наречен „икс м“. Неговиот заден дел е доведен до перфекција, но затоа предниот дел „зрачи“ со два големи отвори толку препознатливи за БМВ. Затоа предниот дел изгледа гломазно за да може соодветно да одговори на тие две големини со чија помош моќниот погонски спој ќе добива доволно количество воздух со кој ќе се контролира температурата.
Дизајнот на концептот „икс м“ всушност претставува правец по кој ќе се обликуваат идните модели на БМВ. Колку тоа некому му се допаѓа или не, тука се во прашање вкусовите. Наскоро ќе ја видиме најголемата лимузина, „седимката“, која забрзано ја подготвуваат и како што „мириса“, таа ќе ги носи тие два големи отвори на предниот дел. Тоа значи дека БМВ ја наговестува новата дизајн линија.
Повозрасните го паметат исклучително препознатливиот модел „м 1“, поинаков од сите други и најснажен во семејството, но и не беше продолжение, наследник на некој претходен модел. Неговата улога беше „сам против сите“. Оттогаш до денешен ден поминаа неколку децении и дури сега БМВ повторно претставува модел кој е сличен на „м 1“, но сè уште не може да ја достигне неговата посебност. „М 1“ е еден и единствен, а концептот „икс м“ е продолжение на „сув“ возилата. Минхенската работилница има големо семејство од „сув“ примероци, така што со право концептот „икс м“ го нарекуваме нивно продолжение.
Точно е тоа дека е најголем меѓу најголемите и воедно со најмногу силина, V8 мотор со двојна турбина и плус електрифициран дел за сето тоа да резултира со вкупна силина од 750кс, 1.000 Нм максимален вртежен момент и забрзување од 0 до 100 км/ч од околу 4,0 секунди (претпоставуваме). Убедливо за возило кое тежи речиси три тони. Сето тоа е поставено на тракторски големи 23 инчни тркала, а должински ја надминува границата од пет метри или точно 5,11 метри. Да се биде во чекор со луксузот кој неодамна се појави во обликот на „ренџ ровер“ и желбата да се биде над него. Префинетост, скапи материјали, темелна завршна доработка, моќни погонски единици и удобност како во дневна соба, така некако го опишуваме концептот кој наскоро ќе се појави во производните погони каде сериски ќе се произведува и тоа само во најголемата фабрика лоцирана во Спартанбург. Концептот „икс м“ ќе го видиме во продажба на крајот од 2022 година.