Моторспорт или само М и веднаш погодувате дека тука прсти замешал БМВ, поточно неговиот спортски оддел задолжен за подготовка на гран туризмо моделите, но пред сѐ на тие наменети за трки. Штом одделот е таков тоа „во превод“ значи многу коњски сили, врвно подготвена шасија и подвозје. Јасно е, сето тоа чини многу пари, но затоа задоволството е големо. Најновото чудо излезено од работилницата Моторспорт е наречено „икс 1 м 35 и“ и не е „сув“, туку е „сав“ (спорт активити викл). На неговото име мора да додадеме и „икс драјв“, затоа што има погон на двете оски кој во заедништво со механичкиот диференцијал со ограничено пролизгување, го прави возилото да биде постабилно на лизгава подлога и во миговите при нагли свртувања.
Во турбо моторот со зафатнина од два литри и четири цилиндри во линија, се создаваат максимални 300 КС во опсег од 5.750 до 6.500 врт/мин. додека максималниот вртежен момент од 400 Нм е на располагање во опсег од 2.000 до 4.500 врт/мин. Силината од моторот се пренесува до двете оски преку автоматски менувач наречен „стептроник“. Ако некому му е досадно, може да менува брзини преку посебните крилца сместени зад управувачот, по едно на левата и десната страна. Сето тоа спакувано во „икс 1“ мора да биде и пониско од обичните изведби. Како велат, оваа изведба има „м шасија“, пониска за 15 мм. Сѐ е во манирот на спортската затегнатост, а седиштата се во елемент, дури ни управувачкото тркало не може да им се спротивстави, доцни со спортскиот дизајн. Го спомнавме, затоа ќе го нагласиме неговото директно управување и неговата осетливост во однос на брзината. Колку брзината се зголемува, толку управувањето станува круто, а кога маневрирате на паркинг, тогаш управувачот е лесен како во детска количка.
Од 0 до 100 км/ч потребни му се само 5,4 секунди, а крајната брзина изнесува 250 км/ч, односно таа е електронски ограничена. Засега сѐ е како што треба, но тоа со зголемувањето на дел од „маската“, односно толку препознатливите „бубрези“… треба да помине време за да стекнеме навика на тој дизајн. Инаку, за ова најново „м“ чудо од БМВ ќе треба да одвоите малку повќе од 60.000 евра, а за тоа кога ќе стаса кај нас, најдобро знае увозникот.