МОДЕЛОТ ENYAQ COUPÉ ДЕЛИ МНОГУ СО КЛАСИЧНИОТ SUV ENYAQ, НО СЕГА СÈ Е СПАКУВАНО ВО ПОСПОРТСКИ И ПОЕЛЕГАНТЕН ПАКЕТ. ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИЧНИОТ SUV Е ЗАДОЛЖЕН ДА ГО НАПРАВИ ЧЕКОРОТ НАПРЕД ВО ТРАНЗИЦИЈАТА КОЈА СЕ БАЗИРА НА ОСНОВА ШТО СЕ ПОТПИРА НА СПОСОБНА ЕЛЕКТРИЧНА МОТОРИЗАЦИЈА И ОДЛИЧНАТА БАТЕРИСКА ТЕХНОЛОГИЈА, ТУКА СЕ НАДОВРЗУВА И ОСТРИОТ ДИЗАЈН НА „КУПЕ“ ИЗВЕДБАТА, ВИСОКОТО НИВО НА ЗАВРШНА ОБРАБОТКА И КВАЛИТЕТОТ НА УПОТРЕБЕНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ
Со моделот Enyaq Coupé брендот Škoda отвори ново поглавје во својата иднина. Ќе речете, SUV, електричен па уште и „купе“, зарем тоа не звучи сосема неправилно? Но, присетете се само како реагиравме во минатото кога BMW прв започна со производство на ваков тип возило и лавината која ја предизвика со неговото појавување! Сега речиси сите автомобилски компании во својата понуда имаат модели со своја интерпретација на темата. Изгледа дека нема смисла, но поради некоја причина публиката ги преферира, а што е најважно од сè, овие варијанти се барани и одлично се продаваат.
СТИЛ ВО ПРАКТИЧНО ПАКУВАЊЕ
За надворешноста на Enyaq Coupé мора да се истакне дека возилото е изведено со извонреден стилски облик, спортско елегантните пропорции се претопуваат во целокупната естетика,. „Купе“ изведбата е еден од постилски креираните автомобили со кои сме се сретнале во последниов период, а ова мислење го потврдија и голем број минувачи кои љубопитно нè распрашуваа за него. Контрастните црни елементи поставени на белата основа кај „нашиот“ примерок го дополнуваат доживувањето, а осветлената стилизирана решетка на ладилникот (Crystal Face) го подига за ниво погоре, особено навечер. Ова јасно ја покажува траекторијата што Skoda ја трасира како бренд кој создава автомобили што поседуваат вистински модерен пристап и силно присуство на асфалтот. Бидејќи го спомнавме обликот, веднаш се наметнува и прашањето за практичноста? Таа страна вели дека багажниот дел е помал за 15 литри, додека просторот за главата на патниците во задниот ред е незначително ограничен, (исклучиво за екстра високите патници) за разлика од стандардниот Enyaq, но не е проблематично во ниту еден од двата случаи. Севкупно, она што Skoda го прави во поглед на дизајнот во последно време е полн погодок. Острите линии, самоуверниот став и цврстиот пристап можете да ги препознаете низ целата надворешност на Enyaq Coupé.
МИНИМАЛИСТИЧКО НО ТОПЛО ОПКРУЖУВАЊЕ
„Шкодите“ се познати по просторот и практичноста, а ниту Enyaq Coupé не е исклучок. Внатрешноста делува пространо и комфорно, она што е особено важно е дека нуди одлично искуство во кабината. Квалитетот на сите употребени материјали е исклучително добар со многу панели кои се меки на допир и минимална примена на тврда пластика. Се делува целосно минималистички, но сепак некако успева да создаде пријатно и топло опкружување. Кабината носи дизајнерски карактеристики што го прават малку поостар и поагресивен од некои негови конкуренти. Пред возачот е поставен мал 5,3 инчен екран на кој се проектираат примарните информации, а во пакет кај тесттираниот примерок е вграден и „хедап“ дисплеј кој со помош на виртуелна реалност помага во управувањето и снаоѓањето во просторот. На средината од централниот гребен високо е поставен екранот на допир од 13 инчи кој контролира речиси сè во автомобилот, работи исклучително брзо и интуитивно што претходно не беше особина на некои возила од групацијата. Радува фактот што не се заборавени „шорткатите“ во физичка форма кои ве носат директно до однапред дефинирани функции. Дополнително, поврзувањето со двата доминантни оперативни системи на мобилните телефони се одвива по безжичен пат, во исто време додека вашиот телефон се полни безжично со моќност од 15W. Панорамскиот покрив создава чувство на отворен простор со многу светлина што продира во кабината, момент кој ја прави атмосферата поудобна, а најдобриот поглед е резервиран за патниците одзади. Enyaq Coupé, како и многу електрични возила во групацијата на VW се базира на платформата MEB. Ова електро-посветена платформа им овозможува на дизајнерите да градат од нула, создавајќи повеќе можности за простор и практичност. Затоа, Enyaq има многу дарежливи габарити за патниците на задната клупа и во транспортниот дел. Со 570 литри во основната конфигурација багажникот исполнува повеќе од што треба за семејство со 4 члена, практичниот дел следи кога ќе се соборат задните седишта по што се добиваат енормни 1.700 литри транспортен дел.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЕЛЕКТРИЧЕН |
БАТЕРИЈА: | БРУТО:82 KWH, ДОСТАПНИ:77 KWH |
МОЌНОСТ: | Максимална моќ: 210kW/285С |
МЕНУВАЧ: | ДИРЕКТЕН МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ЗАДНИТЕ ТРКАЛА |
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД:MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД:ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: БАРАБАНИ |
ГУМИ: | НАПРЕД: 235/45R21, НАЗАД: 255/40R2 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
2.145КГ. |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.653/1.879/1.621ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
6.7 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
18,7KWH/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
180КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
66.300 ЕВРА |
СЕРИОЗНА ЕЛЕКТРИЧНА МОТОРИЗАЦИЈА СО ОДЛИЧНА БАТЕРИСКА ПОДДРШКА
Во тесттираниот примерот под ознаката 85 за производство на сила е задолжен електричен двигател чија моќност изнесува 210 kW (285 КС) и создава влечна сила еднаква на 565 Нм-наведените вредности се достапни веќе од 0 врт/мин. Во овој облик забрзувањето од место до 100 км/ч се одвива за 6,7 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. Во случајов менувачот ја испраќа енергијата кон задната осовина, по избор се нуди и во форма со погон на сите тркала. Наше мислење е дека погонот само на задните тркала ќе ги задоволи секојдневните потреби во повеќе од 95% купувачи.
Прашувате зошто? Погонската група составена од електричниот мотор и автоматскиот менувач со една брзина, поставени на задната оска функционира одлично, првенствено затоа што ја ослободува предната оска од должност да го придвижува возилото и наместо тоа треба единствено да се грижи за контрола на правецот. Бенефитот се забележува во кругот на вртење кој е само 10,2 метри, што е подобар дури и од првиот EV на марката, малиот градски автомобил Citigo. Резултат на оваа опција е извонредното маневрирање за својата големина низ густиот градски сообраќај, бидејќи масата на овој модел е помала, значи и дека потрошувачка ќе биде пониска. За батерискиот пакетот од 82 kWh (достапни 77 kWh) производителот декларира радиус на движење од 565 километри со едно полнење, се разбира доколку сето тоа се одвива во идеални услови, по одреден начин и брзини на движење во сообраќајот. Нашето искуство вели дека во зима, кога и ни беше отстапено возилото просечно трошевме 18.1 kWh, во предвид треба да се земе дека во истиот период температурата на воздухот се движеше од -2 до 6 степени. Во овој период од годината 400 километри не се никаков проблем, со порастот на просечните температури очекувајте и опсегот на движење кој во мешана употреба (град и отворен пат) да се зголеми помеѓу 15% и 20%. Начинот на дополнување на електро ќелиите е изведен по принципот на AC 11 kW полнач кој може да ја наполни батеријата од 0-100% за 7:30 минути или на брз DC полнач од 135 kW преку кој енергијата од 5 до 80% ја складира за 28 минути. Возењето со Enyaq Coupé поставен на 21 инчни тркала и нископрофилни пневматици на прва одава впечаток дека удобноста е ставена во втор план. Сепак, овде се вмешува шасијата која успева да ги испегла несовршеностите на патот со импресивна смиреност.
Во чешката компанија не се потпираат на успехот од минатото. Напротив, брзо се адаптираат на новите услови во автомобилскиот свет и силно притискаат во зацртаниот правец. Доказот доаѓа во облик на моделот Enyaq Coupé кој покрај моќниот визуелен впечаток е надополнет со издржани перформанси, леснотијата во секојдневната употреба, и удобност која е на завидно ниво.