BMW VISION NEUE KLASSE-НОВОТО ВИДУВАЊЕ НА БМВ ВО ИДНИНАТА

08/09/2023

На годинашната изложба ИАА која се одржа во Минхен под отворено небо, БМВ меѓу другите возила претстави еден мошне привлечен концепт наречен „вижн ное класе“ или нешто како „видување на (во) новата класа“. Со имево на концептот производителот како да сака да каже „со ова видување во иднината ви ја претставуваме новата класа“, поточно како ќе изгледа дизајнерската иднина налимузините од оваа куќа. Веќе добро познатите отвори наречени бубрези сѐ уште се присутни, но сега се во некој развлечен облик, од едниот до другиот крај на маската. Тоа развлекување многу потсетува на „з осумката“ и секако на тој стариот кабриолет „507“ од 1956 год.

Дизајнот на предниот дел (маската) потекнува од моделот „507“ (1956 – 1959), додека задниот (и предниот) е позајмен од моделот „з 8“. Со едно дополнување дека „з осумката“ потекнува од моделот „507“. Тука Пежо не реагирал во врска со името. Зарем не се негови сите трицифрени броеви со нула во средината? Порше настрадал употребувајќи го бројот 901, но не и БМВ со 507.

Концепт лимузината никогаш нема да мине во сериско производство, туку ќе послужи како основа за дизајнот на идните автомобили. Колку што може да се види од фотографиите, обликот е малку истенчен, односно поелегантен од досегашните модели, односно елеганцијата е вратена, а заедно со неа е внесен и клинестиот облик.

Сосема новите батерии кои имаат поголема енергетска густина за цели 20 отсто од досегашните, гарантираат 25 отсто поголема ефикасност, 30 отсто побрзо полнење и сето тоа ќе придонесе за изминување 30 отсто повеќе километри. Затоа производителот вели дека овој концепт ќе послужи како основа за развој иголем напредок кај електричните возила. Покрај батериите, БМВ најавува и поштедливи електромотори.

Иднината на автомобилската индустрија е тесно поврзана со зачувување на животната средина, односно помало или загадување еднакво на 0 (нула). Затоа најголемиот дел од материјалите потребни за правење на концептот се добиени со преработка на отпадни материјали. Тоа значи дека БМВ произведува автомобили и воедно ја чисти планетата Земја. Сега е во мода да се размислива „зелено“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.