Најновата вест која стигнува од БМВ говори за еден несекојдневен чин. Првиот дел од приказната е вообичаен, но вториот е малку повеќе чуден. Известувањето вели ќе бидат направени само 10 посебни примероци од моделот „м 8 компетишн“. Тие примероци ќе го имаат следново име „м 8 компетишн едишн пит лејн“. Седум примероци ќе бидат затворени – „гран купе“, а три отворени односно кабриолети.
Се прашувате која е разликата од „сериските“ модели до овие посебниве? Производителот вели сите 10 автомобили се обоени во „хокенхајм сребрена“ и имаат 20 инчни тркала од типот „м перформанс“ со посебен „Y“ дизајн на краците. Потоа карбонот е сериски и доминира скоро насекаде, а покрај него е присутна и до перфекција изработената јагнешка (мерино) кожа. Системот за сопирање е позајмен од „м перформанс“ одделот, а што значи тоа „м“ си знаат тие што го следат БМВ на малку поинаков начин. Седиштата се, исто така, направени од јаглеродни влакна како и многу други делови и детали.
„Посебниот“ во себе има 4,4 литарски мотор со осум цилиндри поставени во V и двоен турбо компресор со чија помош се „извадени“ 626 КС и максимален вртежен момент од 750 Нм. Таа силина се пренесува на сите тркала преку осум степен секвенцијален менувач, од БМВ наречен „стептроник“.
Ова е вообичаениот дел од „приказната“, што неретко го сретнуваме кај сите производители кога претставуваат јубилеен модел или некој сличен на него.
Но сигурно никаде досега не сте прочитале, тие посебно направени модели во ограничени серии да бидат наменети само за две држави. Десетте автомобили „бмв 8 компетишн едишн пит лејн“ се наменети единствено за Швајцарија и Лихтенштајн. „БМВ Швајцарија“ официјално го претстави „бмв 8 компетишн едишн пит лејн“ затоа што таа компанија е нарачател на автомобилите наменети за двете спомнати земји. БМВ се согласил на ваквото барање од БМВ Швајцарија, така што автомобилите ќе бидат произведени некаде до средината на март и најверојатно тогаш сопствениците ќе можат да ги земат.