Кога проверувавме што е најново кај БМВ, имаше што да видиме. Спортската работилница на овој познат производител подготвила вистинско чудо на четири тркала. Автомобилот „бмв м4 гт3“ почнале да го развиваат во 2019 и, истиот е претставен во дворот на работилницата, или подобро да напишеме лабораторијата. Емотивен ден и миг за одделението Моторспорт затоа што возилото за првпат официјално го здогледува светлото на денот, а првото претставување во неговата природна средина ќе ја има на 26 јуни на патеката Нирбургринг каде ќе се вози трка на издржливост во времетраење од 24 часови.
Според изјавите на конструкторскиот тим, „бмв м4 гт 3“ за разлика од својот претходник „бмв м6 гт 3“, е порационален затоа што не бара зачестени проверки и дополнителни поправки и не е потребно приклучување на лап топ за да бидат извршени разните подесувања. Внатрешноста е правена за поширок круг возачи, односно не само за суровите професионалци туку и за аматерите со длабок џеб и спортски дух. Тие што имаат желба да бидат дел од трките, можат да го купат ова чудо на четири тркала по цена од 415.000 евра, со назнака дека возилото ќе го добијат во втората половина од наредната година.
БМВ покрај 14.000 пробни километри, до крајот на годината ќе направи и дополнителни 20.000, за возилото да биде што подобро подготвено за следната сезона во која има намера да учествува на сите трки. За горенаведената сума пари, купувачот добива расен тркачки автомобил со мотор од 3,0 литри зафатнина распоредена во шест цилиндри поставени во линија. Со двоен турбо компресор моторот постигнува 590 КС кои се пренесуваат на задната оска преку шестстепен секвенцијален менувач на задната оска. Тие што имаат намера да „требуваат“ примерок од новото чедо на БМВ да се обратат директно во одделот Моторспорт.
Жарко Атанасоски