Еве ја „двојката“ во своето природно руво. И тоа обичното, туристичкото, руво е во согласност со особините на марката, но сепак ова со име „м 2 рејсинг“ е тоа вистинското. Сепак ова најновово руво „м 2 рејсинг“ има една маана – не е употребливо за на обичен пат, туку е наменето исклучиво за тркачките патеки. Можеби подоцна ќе претстават изведба наречена „група н“ која ќе може да се вози и на обични патишта.
Тоа се само желби, а БМВ не исполнува желби, туку гради „политика“ која треба да го однесе новото тркачко возило до врвот на пиедесталот по секоја извозена трка. Автоматски менувач со седум преноси од познатиот производител ЗФ, турбо мотор со четири цилиндри во линија и ограничена брзина на 270 км/ч. Туристичката изведба „м 2“ има мотор со шест цилиндри, а зошто производителот се одлучил на ваква рокада, засега нема одговор. Најверојатно моторот со четири цилиндри е полесен, а е исто толку моќен како и тој со шест цилиндри, но е вграден бидејќи е полесен. Во возилата наменети за трки важи едно и единствено правило, колку полесно толку подобро.
Тркачкиот мотор со зафатнина од 2,0 л, располага со 313 КС и максимален вртежен момент од 420 Нм. Интересно е тоа што има клима уред, а вообичаено си има самоблокирачки диференцијал (класика), сопирачки од домашно производство („бмв м“), безбедносен кафез за возачот според правилникот од ФИА, ограничувач на брзината за возење во линијата на боксовите, вградени воздушни дигалки за да не трчаат механичарите со дигалките околу автомобилот, фиксни амортизери од марката, тркачки седишта од марката Сабелт, а одзади е неизбежниот спојлер. За оваа „играчка“ ќе треба да платите скоро 100.000 евра, но само ако имате регистрирано тркачки тим, во спротивно ништо од купувањето.
Жарко Атанасоски