BMW 3-ОБНОВУВАЊЕ НА СЕДМАТА ГЕНЕРАЦИЈА

31/05/2022

Нештата во автомобилската индустрија се одвиваат на следниов начин, кога еден модел ќе наполни четири години, оди на редизајн со цел продажбата да не потклекне, односно моделот да биде обновен за да може да се справи со конкуренцијата. Поминаа скоро четири години и популарната „тројка“, седмата генерација, стаса за разубавување. БМВ со должна почит ѝ посветува големо внимание затоа што тројката не е обичен член во семејството туку е многу повеќе. Да не заборавиме, претходник на тројката е легендарниот модел „2002“ од каде конструкторите извлекоа мотор и го сместија во болидот на Бребем, а потоа Нелсон Пике освои шампионска титула во формула 1 во времето на првата турбо ера.

И не е само овој чинител битен за БМВ, туку паралелно со него има уште еден, а тоа е продажбата. „Тројката“ во семејството БМВ е рекордер по број на продадени единици. Од своето прво појавување во 1975 година до денес продадени се над 4,5 милиони примероци, а наскоро бројката ќе се зголеми за уште половина милион затоа што минатата година беа продадени 490.969 „тројки“ (и купе изведбата, „четворки“. БМВ 2021 година ја заврши со вкупно 2.213.795 продадени примероци, а тројката учествува со фантастични 25 отсто, кои неретко се и над 30 отсто. „Тројката“ е обожуван и најпосакуван модел од семејството БМВ.

Обновената „тројка“ ја нема оспоруваната вертикална маска. Сега светлата се поистенчени и севкупно маската и сè околу неа изгледа како што треба. Обликот нема да го коментираме, туку ќе одиме кај погонските единици- бензински и дизел мотори со  48 V умерена хибридна технологија, но има и хибриден бензинско електрична погонска единица, а недостасува целосно електрифицирана. За неа ќе почекаме уште три години заедно со радикално новата основа (платформа). Силината од моторите е во распон од 150 до 387 КС во моделот со ознака „м 340 и“.

Погонот на четири тркала ќе биде понуден како опција, а изведбите „318 и“ и „318 д“ се изоставени за некои пазари. Четири или шест цилиндри, со погон на задните тркала или на сите тркала, со умерен хибриден погон или со целосен? Сето тоа може да се бира, но не и менувачот. Тој за сите е автоматски од типот „стептроник“ со осум степени. Цената за основниот модел се движи од 40.000 до 45.000 евра).

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.