Годинава БМВ ја изненади светската јавност со вистинската реткост „скајтоп“ прекрасен дизајн, скулптура на четири тркала. Ете во кој правец треба да се движат линиите на идните модели од марката БМВ. „Скајтоп“, нов „кец“, а минатиот месец добивме „двојка гран купе“. За сѐ што ќе прочитате во продолжение и ако ви се допадне новата „двојка“, за основниот модел ќе треба да издвоите малку над 35.000 (!?) евра.
Да почнеме од димензиите – новава генерација е подолга за 20 мм или вкупно 4.546 мм. Меѓуоскиното останало исто, 2.670 мм, тука некаде е и ширината со 1.800 мм, но затоа имаме зголемување по вертикала за 25 мм и сега „двојката“ е висока 1.445 мм.
Новиот „бмв 2 гран купе“ има два бензински, „220“ (умерен хибрид со 220 КС) и „м 235“ од едната и два дизел од другата страна, „218 д“ (150 КС) и „220 д“ (умерен хибрид со 163 КС). Со овие мотори ќе отпочне продажбата, а догодина напролет им се придружуваат уште два бензински „216“ (120 КС) и „223“ (218 КС). Тој, „м 235“, е најнервозниот, 300 коња + 400 Нм + погон на сите тркала („икс драјв“). На ова треба да се додадат спортските седишта, затегнатите амортизери, спортското подвозје, 19 инчните тркала, 4,9 сек до „стотка“, попрецизно и поагилно управување, поголема каросериска цврстина и подобрена удобност. Има ли нешто поубаво од вакво нешто?
И сега на сцена стапува „најважното“ два екрани едниот пред возачот со 10,25 инчи дијагонала, а другиот малку десно, речиси на средина со 10,7 инчи дијагонала, осетлив на допир, а ако притреба има и автоматско паркирање преку паметен телефон.