Само пет години беа потребни да изминат и БМВ да ја замени третата со нова генерација од моделот „1“. Овој потег на БМВ се оправда со големата продажба на споменатиот модел на континентов, односно дури 80 отсто од вкупната продажба се остварува на европскиот пазар. Конкуренцијата притиска, а БМВ за благовремено да одговори на потегот од останатите во класата, реши годинава да лансира нов „кец“. Ќе се произведува во фабриката во Лајпциг, а продажбата ќе започне во октомври.
Сите изведби од новата „серија 1“ ќе користат автоматски менувач со седум степени и двојна спојка. Менувањето на степените оди многу брзо, но неговата тежина е за повеќе од два пати поголема од таа на обичниот менувач. Следно е тоа што моделите со „икс драјв“ во името имаат погон на сите тркала, а останатите на предната оска. Нели дизелите беа штетни по животната средина и загадувањето на воздухот? Сепак, БМВ сѐ уште не се откажува од нив („118 д“ и „120 д“). Затоа сега следи прашањето што е електричниот погон, мода или вистинска потреба?
Новиот „кец“ е за 42 мм подолг и за 25 мм повисок од претходникот, додека ширината, 1,8 м и растојанието меѓу оските, 2.670 мм, останаа исти. Сега „бмв серија 1“ располага со 4.361 мм во должина и 1.459 мм во висина.
Велат внатрешниот дизајн е поинаков, позанимлив, подопадлив со нови материјали итн. Кога на ова ќе се надоврзе темелната изработка и доработка, ви станува јасно со кого си имате работа. Ново обликуваната внатрешност е пратена како сенка од надворешната. Се приметува дека овој пат дизајнерите биле на висина на задачата – прекрасен преден дел со затегната агресивност и заден дел кому малку му фали од таа препознатлива за БМВ агресивност.
Најснажниот бензински мотор се вградува во моделот „м 340 и икс драјв“ и поседува 374 КС. И дизел изведбата (м 340 д икс драјв“) не заостанува со силината, 340 коњи на број. Силината во овие изведби мора да биде накитена со тие бројки затоа што во името на ја има буквата „м“, а таа во речникот од БМВ значи „моторспорт“, односно посебен оддел каде туристичките автомобилите добиваат лути спортски особини. Најмалку 150, до најмногу 374 КС. Тоа пресметано во евра за основниот модел изнесува од 32.000.
Над три милиони продадени примероци од појавувањето пред 20 години до денес. Убава бројка, но малку необично што дури 80 отсто од продаденото е во сопственост на европскиот пазар. Штом е така тогаш може да го кажеме следново, овдешните купувачи повеќе се заинтересирани за купување комбилимузини отколку за лимузините.
Традиционално БМВ добро поминува и кај нас, така што ако некои од вас се заинтересирани за четвртата генерација од овој модел деталите ќе ги добијат од увозникот.