Што е „бизарини џото“? Раскош, луксуз, егзотика и брзина во едно, тоа е „бизарини џото“. Презимето на големиот конструктор е марката на автомобилот, а моделот е означен со неговото име. Џото Бизарини бил и ќе остане засекогаш запаметен по неговата генијалност докажана на дело во Алфа Ромео, Ферари, Ламборџини итн. Тој е татко на легендарниот ферариев модел 250 гт, но и на легендарниот мотор V12 мотор направен посебно за Ламборџини. Тој мотор беше во употреба до неодамна, буквално до пред неколку месеци. Еден мотор да трае шест децении и сѐ уште да биде брилијантен.
Големиот мајстор основал своја компанија во 1964 год. но за жал со кусо врeметраење, до 1968 – 1969 год. Во тој кус период го направил купето „5300 гт“, автомобил кој многу ветувал, но набрзо по претставувањето, работилницата става клуч на врата.
Неколку пати имаше обиди името Бизарини повторно да биде внесено во автомобилската индустрија, но безуспешно. Во последниве неколку години работите се одвиваат во добра насока. Кувајтскиот стопанственик Резам Ал Роуми се јавува како човек кој најмногу вложил во ново основаната компанија со седиште во Лондон. За оправдување на името и делото на големиот мајстор на својот занает, Резам Ал Роуми најмува врвни конструктори како: Крис Порит, некогашен конструктор во Астон Мартин, Римац, Тесла и Епл, потоа Иан Фентон (Форд, Астон Мартин) и Џулијан Џенкинс (Порше, Бентли, Ролс Ројс, Астон Мартин, Јагуар).
Сите тие заедно со останатите од компанијата се „виновни“ за правење на моделот „џото“. Ако конструкцијата е нивна, тогаш чиј е дизајнот, кој е творeц на обликот? Пред скоро 60 год. кога Џ. Бизарини го создавал својот прв автомобил „5300 гт“ одлучил дизајнот да му го довери на Џорџето Џуџаро тогаш вработен во Бертоне. Таа соработка со Џуџаро по 60 год. повторно е обновена и сега студиото ГФГ (Џорџето и Фабрицио Џуџаро) стапува на сцена.
Како основа за развој на новата „дванаесетка“ во V, позајмен е механичкиот склоп од Косворт. Таму филигрански е конструиран, а потоа дотеран од работилницата Бизарини. Косворт е надалеку познат пo конструирањето мотори како за туристичките автомобили така и за тркачките и вoедно е долгогодишен снабдувач со мотори на многу тимови од познатата формула 1. Моторот има зафатнина од точно 6.626 ссм, односно бројките го претставуваат датумот на раѓањето на Џото Бизарини, 6 јуни 1926 год.
Автомобилот ќе биде направен во ограничен број, но засега компанијата не се изјаснила за точниот број на произведени автомобили. Компанијата Бизарини не се изјаснила ни за цената. Познато е следново, „супер купето ќе биде многу скапо“. Производството е планирано за почетокот од следната година, а првите испораки ќе започнат во 2026 год.