Безбедност во сообраќајот-ЗАПОЧНА СЕЗОНАТА НА МОТОЦИКЛИТЕ

18/04/2023

„ЗОШТО ДА ВОЗАМ БРЗО КОГА ЗНАМ ДЕКА ТОА ГО ЗГОЛЕМУВА РИЗИКОТ ОД СООБРАЌАЈНА НЕЗГОДА“, ИЗЈАВИ ВО НЕВРЗАН РАЗГОВОР ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ВОЗАЧИ ВО ФОРМУЛА 1. ЗАТОА ВОЗЕТЕ, НЕМОЈТЕ ДА СЕ ТРКАТЕ

 

Главна причина за отворање на годинашнава сезона на мотоцикли е топлото време што нè почести со многу сонце уште од крајот на февруари. Многу љубители на возилата на две тркала, излажани од убавото време излегоа да ги издуваат своите омилени направи. Но дали се придржуваат кон основните правила за безбедно возење? Ако некоја механичка направа е оставена неколку месеци неупотребена, тогаш мора темелно да се провери. Кај мотоциклите постојат три нешта на кои треба да им се посвети најмногу внимение, тоа се пневматиците, потоа синџирот преку кој се пренесува силината од моторот до задното тркало и сопирачките.

Пред да седнете зад управувачот на вашиот мотоцикл, мора да извршите темелна проверка на спомнатата „тројка“. Правилно избран и правилно напумпан пневматик е гаранција за безбедно возење. Кога ова ќе го зачините со темелна проверка на сопирачките и синџирот, тогаш сте врвно подготвени да уживате во возењето и во сончевото време. Сите мотоциклисти велат дека многу уживаат при возењето и додаваат дека се заразени со возилата на две тркала, односно дека е доволно еднаш да се почувствува ветерот околу себе и дека нема поубаво доживување од тоа да се вози надвор од градскиот асфалт, низ предели каде што никогаш не биле. Општо мислење е дека мотоциклистите возат пребрзо и често се тркаат. Тоа значи дека изостанува сообраќајната дисциплина (и култура), односно не го почитуваат најосновното правило во сообраќајот, а тоа е ограничувањето на брзината.

Еден од најголемите тркачи на светот од друштвото на Формула 1 изјавил: „Брзото возење го зголемува ризикот за предизвикување сообраќајна незгода.“ Сообраќајната полиција констатира дека најчести причини за сообраќајните незгоди се брзото возење и возењето под дејство на алкохол. За жал, тоа е нашето секојдневје. Никој не забранува да се вози брзо, но не на улица или автопат, туку на тркачка патека каде што може да се докажува колку брзо може да се вози и до крајни граници да се испробаат вашите и способностите на мотоциклот.

 

Не е проблем само брзото возење, туку додека возат не носат заштитен шлем, потоа бучавата од погонскиот агрегат е преголема и заглушувачка, а голем е бројот на оние што возат нерегистрирано возило. Тоа се четири сериозни прекршоци за кои мотоциклистите може веднаш да бидат казнети. Мора да се напомене дека има и совесни што се придржуваат кон сите прописи за одговорно возење. Сето ова се однесува и на возачите на автомобили, кои единствено се ослободени од обврската да носат заштитен шлем.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ