СПОРЕД ЗАКОНОТ, НАСТАПИ ПЕРИОД ВО КОЈ СЕКОЈ ВОЗАЧ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА ИМА ЗИМСКА ОПРЕМА ВО АВТОМОБИЛОТ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ЗИМСКИ ПНЕВМАТИЦИ. ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЗАКОНСКАТА ОБВРСКА ЗА НОСЕЊЕ ЗИМСКА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА ВОДИ КОН НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ ОД СООБРАЌАЈНА НЕЗГОДА. ТОА СЕ ОДНЕСУВА И НА ПНЕВМАТИЦИТЕ – АКО СЕ СООДВЕТНИ, БЕЗБЕДНОСТА Е НА НАЈВИСОКО НИВО. ПРАШАЊЕ Е КОЛКУ ВОЗАЧИТЕ СЕ СВЕСНИ ЗА НЕОПХОДНОСТА ОД СООДВЕТНИ ПНЕВМАТИЦИ И ЗИМСКА ОПРЕМА
Безбедноста во сообраќајот не е само во пневматиците и зимската опрема, туку и во почитувањето на патната сигнализација. Во практика почитувањето на патната сигнализација е на многу ниско ниво. Дали возачите се свесни за прекршувањето на сообраќајните правила? Според тоа што се случува на улиците, возачите покажуваат многу ниска сообраќајна култура.
Брзината е ограничена на 50 км/ч во населените места, на булеварите, а на споредните улички на 30 км/ч. На пример во Скопје ретко некој вози со 50 км/ч на булеварите. Со тоа се зголемува ризикот брзината да биде главна причина за сообраќајна незгода. А возењето на автопатиштата е како на трки. А често ги има и на булевари и веќе се дел од секојдневјето.
Паркирањето е уште еден голем проблем во сообраќајот. Најчеста глетка во населените места се паркирани автомобили на тротоарите, а пешаците се принудени да се движат на улица, со што се изложуваат на голем ризик да бидат повредени. Исто така, на голем број тротоари има градежни материјали, како и машини. На тротоарите се наоѓаат и рекламните табли на локалите и продавниците што се наоѓаат во непосредна близина, потоа скутери и мотоцикли, но и најразновидни изложени производи. Тротоарите и пешачките зони станаа најомилени места за возење, паркирање и за изложбен простор. Секојдневје е сликата на пешаци што минуваат на црвено или каде што нема пешачки премин.
Возење и пиење алкохол или употреба на психотропни супстанции. Во таков случај рефлексите се забавени, видот е заматен, движењата се бавни и неконтролирани итн. Кога овие лица управуваат со моторни возила, тие се меѓу најчестите учесници во сообраќајните незгоди. Сите знаат дека многу нешта се забранети во сообраќајот, но сепак свесно прават прекршоци, не ги почитуваат сообраќајните правила и сигнализацијата. Сето ова може да се види секојдневно на улиците и патишата низ државава. Сегашниот хаос владее со децении и досега одзел многу човечки животи. Токму затоа мора најстрого да се применуваат казнените мерки за сите што не ги почитуваат правилата за возење, дури и за најмала и најнезначајна грешка. Само така ќе почне да се средува хаосот, нередот, само така ќе се искорени безредието во сообраќајот.