Безбедност во сообраќајот-МОТОЦИКЛИСТИ, ЛЕТОТО И ДОЛГИТЕ ПАТУВАЊА

05/08/2025

НЕМА НИШТО ПОУБАВО ОД ДОЛГИ ПАТУВАЊА НИЗ НЕПОЗНАТИ ПРЕДЕЛИ, ДА ОТКРИВАТЕ НОВИ МЕСТА КОИ НИКОГАШ ПРЕТХОДНО НЕ СТЕ ГИ ВИДЕЛЕ, И СЕТО ТОА НА МОТОР. ЗАСТАНУВАТЕ КАДЕ ШТО САКАТЕ, КАМПУВАТЕ КОГА ВИ ОДГОВАРА, И ПРОДОЛЖУВАТЕ СО ВОЗЕЊЕТО КОГА ЌЕ ПОЧУВСТВУВАТЕ ДЕКА Е ВРЕМЕ. ЗА ОВА ПАТУВАЊЕ ДА БИДЕ ВИСТИНСКО УЖИВАЊЕ И ДА ПОМИНЕ БЕЗ ПРОБЛЕМИ, ПОТРЕБНА Е ДИСЦИПЛИНА ВОЗЕЊЕ БЕЗ РИЗИК

 

Сега е време на месеците без буквата „р“. Мотоциклистите често знаат да кажат „возиме мотоцикли во месеците кои немаат ‘р’ во името.” И навистина, мај, јуни, јули и август се најтоплите и најубавите месеци во годината, идеални за возење мотоцикл. Во овие месеци, патиштата се суви, деновите се долги, а уживањето на две тркала е на највисоко ниво. Но, посебноста на мотоциклистите е токму во тоа што, за разлика од возачите на автомобили, тие се директно изложени на временските услови, сонце, ветар, па и дожд. Иако тоа е дел од авантурата, мора да се има предвид при секое возење.

Зошто го спомнуваме ова? Да се вратиме на сообраќајот, поточно на крстосниците. Свети црвено светло, автомобилите чекаат зелено. Во такви моменти, важно е сите учесници во сообраќајот да бидат свесни едни за други, особено за мотоциклистите, кои се помалку забележливи, но далеку поранливи.

Колона од дваесет автомобили, а меѓу нив и неколку мотоцикли кои се пробиваат напред, со цел да стигнат до челото на колоната, веднаш до семафорот. Некои возачи на автомобили се лутат на ваквото движење, сметајќи го за некоректно.

Но, важно е да разбереме нешто клучно, мотоциклистите немаат покрив над главата, ниту клима уред. Тие се директно изложени на сонцето, жешкиот асфалт и гужвата. Затоа, наместо да ги попречувате, овозможете им простор, да стигнат напред до семафорот. Тие многу побрзо ја напуштаат крстосницата од автомобилите, кои се потроми при тргнување. Ако мотоциклите останат заглавени во редот, буквално ќе „се сварат“ на асфалтот. Бидете коректни, направете мал гест на почит и ослободете простор за мотоциклистите. Тоа не само што им го олеснува патувањето, туку придонесува и за побезбеден и поефикасен сообраќај за сите. Но и мотоциклистите не се исклучок, и тие мора да ги почитуваат сообраќајните правила, секогаш кога се на пат: • Не возете по крајната десна или лева страна на коловозната лентата. Наместо тоа, движете се точно по нејзината средина, како да управувате со автомобила. Оваа позиција овозможува подобра видливост, повеќе простор за маневрирање и значително ја зголемува вашата безбедност во сообраќајот. • Исто така, никогаш не престигнувајте автомобил ако во истиот момент доаѓа возило од спротивната насока. Тоа се нарекува „влегување во ножички“, и е исклучително опасно. Дополнително, избегнувајте нагли и брзи маневри меѓу автомобилите, таканаречено „цик-цак“ возење. Не сте на скијачка патека, а ниту на слалом трка. Возете дисциплинирано, без ризици и непотребни авантури. Зошто да ја ставите здравата нога в трње, кога можете да уживате безбедно и паметно?

Иако е лето, мотоциклистите мора да носат целосна заштитна опрема. Постојат „летни“ верзии на мото-гардероба, но тие најчесто се наменети за градско или парадно возење, не за долги и исцрпувачки тури. При вакви патувања, бидејќи мотоциклистите постојано седат, без можност да се исправат, препорачливо е да се прават почести паузи. За време на тие одмори, добро е да се изведат неколку лесни вежби, слични на оние од часовите по физичко. Ако има можност, се препорачува краток одмор во грбна лежечка положба, барем дваесетина минути, особено ако има сенка или покрив. Bаквиот одмор го освежува телото и ја намалува напрегнатоста од возењето. Само на тој начин мотоциклистот ќе биде и физички и ментално подготвен за преостанатите километри.

 

За возачите на автомобили важи следновото правило, кога одминувате мотоцикл, постапете исто како да одминувате автомобил. Не се приближувајте премногу до мотоциклот, воздушното струење кое го создава вашето возило може да го наруши балансот на мотоциклистот, а тоа може да доведе до загуба на контрола и опасен пад. Затоа, направете класично, правилно претекнување, излезете од вашата лента и преминете во левата (соседна) лента, Одминете го мотоциклистот со доволна странична дистанца, Потоа, вратете се безбедно во десната лента. И не заборавајте при секоја промена на правецот без разлика дали менувате лента или свртете, задолжително вклучете го соодветниот трепкач (жмигавец). Тоа правило важи за сите учесници во сообраќајот, без исклучок.

 

Дополнително, за време на паузите неопходно е и телото да се хидрира правилно. Освежување со вода е најдобриот избор, идеално е да се пие чиста вода со неколку капки лимон, по сопствен вкус. Но, внимавајте со мразот! Пиењето вода со многу коцки мраз не е препорачливо, бидејќи температурната разлика од околу 35 °C претставува шок за телото. Ако надворешната температура е 37–38 °C, а водата со мраз е околу 2–3 °C, тоа може негативно да влијае на дигестивниот систем, но и на здравјето на забите, бидејќи глеѓта може да се оштети или напука. Пред да тргнете на пат направете детална проверка на мотоциклот во овластен сервис. Секое моторно возило мора да биде технички исправно пред да се впуштите во патување. Понесете ја целосната мотоциклистичка опрема, „од игла до локомотива“. Безбедноста е на прво место. Не заборавајте основна патна аптека, лекови за болка, температура, алергии и сл. Понесете и храна за по пат. Секако, најдобро знаете што ви треба, но не е лошо да проверите двапати дали сте спакувале сè. И за крај, алкохолот и брзото возење немаат ништо заедничко со безбедно патување. Уживајте во патот, но со глава на рамениците.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.