АКО ИМАШЕ ЗАКОН ЗА ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПОКРАЈ СЕКОЈ РЕГИОНАЛЕН ПАТ, НО И ПОКРАЈ АВТОПАТ, ДОСЕГА ДРЖАВАВА ЌЕ ИЗОБИЛУВАШЕ СО ВЕЛО ПАТЕКИ. СО ТАКВА ИНФРАСТРУКТУРА БИ БИЛЕ ЕДНА ОД ВОДЕЧКИТЕ ЗЕМЈИ НА СВЕТСКИ ПОЗНАТИТЕ ТРКИ ВУЕЛТА, ЏИРО ИЛИ ТУР
Превозно средство што зазема прво место како наједноставно, најекономично и најздраво со премногу голема употреблива вредност, секако, е велосипедот. На почетокот човекот употребил две и четири тркала за запрежните коли. Потоа следувале три тркала и повторно две, но не едно до друго, туку едно зад друго. Историјата на двете тркала почнува кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век.
Карл вон Драис постојано експериментирал и истражувал со тркалата. Неговата направа се состоела од две тркала (во тандем), седиште и управувач, а ја именувал како „лауфмашине“, односно машина со која се трча. Во македонскиот литературен јазик тоа е зборот велосипед. Зошто возилото со мотор и две тркала во тандем е наречено мотоцикл, а без мотор, но со педали е наречено велосипед? Денес нема „брзо оттурнување со петите“, туку педали и синџир со чија помош се придвижува задното тркало. Помалку или повеќе сите сме сведоци на развојот на велосипедот, од најобичен до најсложен со автоматски менувачи, со диск сопирачки, со посебни амортизери, со електронски уреди што го надгледуваат пулсот, крвниот притисок итн. Такви и слични велосипеди се направени од јаглеродни влакна и нивните рамови се полесни од челичните и алуминиумските, а имаат и поголема цврстина. За тркачите се наменети оние што се направени од јаглеродни влакна (карбон фибер), а за секојдневна употреба пожелно е рамот да биде челичен затоа што има својство да ги впива вибрациите и со тоа удобноста е значително поголема отколку кај велосипедите со рам направен од јаглеродни влакна.
Друг битен фактор за велосипедите, велосипедистите и велосипедизмот е патеката по која се вози. За моторните возила се наменети улиците, за пешаците тротоарите и пешачките зони, а за велосипедистите, па за нив до неодамна немаше посебни патеки. Но да се вратиме пред половина век. Скопје е еден од првите градови на континентов со велосипедска патека изградена уште во 1970 година, односно откако постои булеварот „Партизански одреди“. Таа посебна патека се протега од железничкиот мост на реката Вардар во Сарај до населбата Автокоманда, односно каде што завршува оградата од дворот на Пивара Скопје. Велосипедската патеката почнува од Сарај, потоа по булеварот води право до центарот на градот и мостот Гоце Делчев, следува „спуст“ до некогашната стоковна куќа Мост, продолжува покрај МТВ, кон хотелот „Континентал“ и завршува во Автокоманда, кај последна „двојка“ плус околу 150 метри. Значи, од еден до друг крај на градот. Вакви патеки има на уште неколку булевари што се изградени подоцна. Но очигледно е дека вело патеките ги користиме за сè друго само не за возење велосипеди, односно за паркирање автомобили, за поставување контејнери за отпад, за најразлични табли со информации и рекламни паноа.
Заклучокот е дека не знаеме за што служат улиците, за што тротоарите, а за што вело патеките. Евидентно е дека не знаеме правилно да го одржуваме и чуваме тоа што го имаме за да има подолг век на траење.
Во некои европски држави има вело патеки покрај регионалните патишта, целосно одвоени од патот наменет за моторните возила, а слични одвоени вело патеки има и на автопатиштата. Таму возат велосипеди од еден до друг град. Кај нас го нема тоа. Зошто не се направени вело патеки покрај автопатот што пред неколку години беше пуштен до Штип?
Во поново време во Скопје се градат вело патеки со одземање простор од улиците, но повторно некои делови од нив добиваат погрешна намена. Секое заобиколување на паркираните возила и контејнери претставува ризик и постои сериозна опасност од предизвикување сообраќајна незгода.
Состојбата со вело патеки во другите градови и населени места е многу лоша. Решавањето на проблемот со недостиг на вело патеки е многу едноставно да се планираат при секоја изградба на инфраструктура. Исто така, сите што не го почитуваат просторот одреден за движење треба да се подложат на одредена казна за да се воведе ред во сообраќајот.